Проблеми со технологијата се можни и постојано се случуваат, но она што е битно е да има план и луѓе кои тие проблеми ќе ги отстранат во најкус можен рок, вели специјалистот за односи со јавност и нови медиуми Бојан Кордалов, по проблемите со апликацијата на Државниот завод за статистика поради што пописот беше во прекин неколку дена. Поради хакерски напад врз апликацијата на Државната изборна комисија на ланските избори, граѓаните не можеа да ги следат резултатите од изборите на изборната вечер. Таквите случаи, пак, ја засилуваат недовербата на јавноста во процесите, особено во пресрет на локалните избори кои треба да се одржат наредниот месец.
Видете и ова: Сајбер нападите се политички мотивираниКордалов вели дека е многу важно постојано да се вложува во дигитализација на општеството за полесно да се пребродуваат ваквите „детски болести“ при воведувањето нови технологии. Тој вели дека проблеми се јавуваат и со апликациите на сериозни компании како Фејсбук или Инстаграм, но работата е тие што побрзо да се надминат.
„Крајно време е да се аплицираат повеќе опции во случај технологијата да затаи, за да имаме сценарио Б, В итн. со цел севкупно, достоинствено и слободно го завршиме изборниот ден или изборниот процес. Тоа значи ангажирање на најдобрите ИТ експерти и компании што се бават со таа дејност, со цел на денот на изборите да имаме не само апсолутна заштита, туку и апсолутна сигурност дека во случај ако одредена технологија или процес откаже, тоа да се може да се промени, односно алтернативно да се замени со друг модел што ќе функционира“, вели тој.
Паѓа апликацијата- паѓа довербата
Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека проблемите што се појавуваат ја зголемуваат недовербата во процесите.
„Јавноста е недоверлива во тоа, веднаш го поврзува со некакви местење, искривувања на вистината, фалсификувања, манипулации... Во секој случај, останува доза на недоверба и некаков сомнеж дека ова некој го прави намерно за да ги искористи бенефитите на злоупотребата, на нефункционирањето и нередовното работење на технологијата“, вели тој.
Веднаш по почнувањето со пописот на 5 септември, се појавија проблеми. Државниот завод за статистика прво рече дека има проблем со интернетот, па откако Телеком реагира дека нема никаков проблем со интернет конекцијата, тие соопштија дека има проблеми со апликацијата. Попишувачите со кои разговаравме велат дека минатата недела четири дена имало проблем со апликацијата и пописот бил во прекин. Државниот завод за статистика, пак, секојдневно испраќа соопштенија дека „попишувањето продолжува со посакуваниот интензитет и темпо“.
„При спроведување на големи акции од типот на попис, со користење на високософистицирана технологија, сосема нормално е да се појавуваат технички проблеми кои се надминуваат во од, односно во најкус можен рок“, се наведува во едно од соопштенијата на Државниот завод за статистика.
Видете и ова: Попис сега, резултати во јануариПописот ќе трае до крајот на месецов, па има време и да се отстранат слабостите на системот и тој да продолжи, но се наметнува прашањето што ако се појават проблеми на денот на изборите кога гласањето трае само 12 часа.
Ова се први избори на кои граѓаните ќе гласаат со отпечаток на прст. Претседателот на ДИК Александар Даштевски вели дека машините за отпечатоци, како и серверот на кој се податоците на граѓаните, нема да бидат поврзани на интернет и затоа нема да може да се хакираат и оти личните податоци на граѓаните се безбедни. Сите машини за отпечатоци на гласачките места се независни една од друга, така што и да се појави некаков проблем, ќе го има само на тоа гласачко место, а не во целата држава, вели Даштевски.
„На секое избирачко место има техничко лице кое е должно веднаш да го провери апаратот и ако треба да го замени. На крај на краиштата има и друг начин, со УВ лампа и спреј во случај ако не може никако таму да се приклучи апарат. Значи сè е предвидено. Има и план Б. Во случај ако машината не може да го прифати отпечатокот, се остава на хартија за после да се провери. Значи нема проблем никаков“, вели тој.
Поради хакерски напад врз апликацијата на Државната изборна комисија на ланските избори, јавноста не можеше да ги следи резултатите на изборната вечер.