Достапни линкови

Даштевски - ДИК воведува поголема заштита од хакерски напади


Даштевски - Ќе има политички притисоци, но јас сум искусен
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:16 0:00

Даштевски - Ќе има политички притисоци, но јас сум искусен

Не сум информиран до каде е разврската за нападот врз сајтот на ДИК на изборите, оти сега дојдов, но мислам дека ќе се докаже виновникот. Почнуваме да работиме на тој план и се надевам дека ќе успееме за следните избори да не се случи истата грешка, вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Господине Даштевски, зошто изборот на ВМРО-ДПМНЕ за прв човек на ДИК падна на вас?

Имаше тука многу инсинуации дека тоа е не знам поради какви работи, меѓутоа ако бирате некој човек, вие прво гледате дали ја познава таа работа и дали има искуство во тоа. Не гледате дали има некои други партиски заслуги и тоа е добро затоа што ако го гледате тоа, тогаш тој човек што ќе го изберете нема да даде резултати. Ќе дадам еден банален пример, иако можеби е неумесен, ама не знам како да го објаснам зашто луѓето не го сфаќаат така како што треба: Тоа би било исто како да ставите некој одбојкар да игра фудбал. Јас сум бил три години член на ДИК, претходно три пати сум бил во Општински изборни комисии, сега да не испадне дека се фалам, но имам големо искуство во таа проблематика. Имам и меѓународно искуство, кога бев во ДИК сум бил на повеќе конференции, сум бил и во Америка, така што сакам да кажам дека претпоставувам дека изборот бил поради тоа, поради тоа што јас сум искусен во оваа проблематика и во други проблематики, бидејќи веќе сум многу повозрасен од тогаш и дека ќе ја завршам работата стручно и професионално, бидејќи така пишува во законот. Штом ќе ве предложи партијата, вие треба да работите стручно и професионално, во согласност со закон. Значи, ако треба така, тогаш треба човек кој ја познава проблематиката за да не дојде до тоа да се случи нешто што не треба. Веќе сме сведоци на една таква работа. Сите прашања што ми ги поставуваат новинарите се дали ќе бидете транспарентни и дали ќе ја вратите довербата на граѓаните. Мораме значи двојно повеќе и попрофесионално да работиме за да ја вратиме довербата на граѓаните. Ние уште во 2006 година прв пат спроведовме објавување на резултатите, тоа треба да е ДИК на ниво на партиите или над партиите со резултати за народот да се стекне со доверба дека резултатите се точни.

Но, во јавноста не се спореше вашето искуство, туку вашиот интегритет. Бидејќи како претседател на Комисијата за заштита од дискриминација бевте еден од тие што ставија потпис за поранешниот премиер Никола Груевски да побара азил во Унгарија. Од оваа дистанца сметате ли дека тогаш донесовте правилна одлука?

Поентата е да се работи професионално и во согласност со законот. Јас, освен за тоа што ме критикуваат, немам никаква грешка. Се работи за тело, посебно во ова тело мнозинството е од владејачката партија, така што тука нема дилема, нормално дека ќе ме надгласаат. Во Комисијата 20 пати ме надгласуваа. Таа одлука беше донесена со 5 – 1, а со четири гласа е полноважна. Мене 20 пати ме надгласале и јас како претседател морам да потпишам, надгласан сум, не мислам така и морам да потпишам.

Даштевски за бегството на Груевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:52 0:00
Директен линк

Дали чувствуваме одговорност за неговото бегство?

Никој не ја дискутира одлуката, треба да ја погледнете одлуката дали е во ред или не е во ред. Мислам дека таа одлука ќе заврши и во Стразбур и таму ќе се одлучи исто како што одлучи Комисијата.

Кога сме кај вашата нова функција, ја оспорувавте и легалноста на изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, а поднесовте свечена заклетва пред него.

Јас не сум оспорувал ништо, како прво, лично. А второ, тоа е дел од законот. За да стапиме на должност, пишува во законот, дека е предвидено тоа, да не е предвидено нема да поднесуваме, бидејќи е предвидено ние го почитуваме законот и поднесуваме, тој ни ја чита, ние повторуваме, така што и неговата обврска е формална обврска која тој си ја извршува. Сега како ние треба да не ја извршиме обврската? Ние не можеме да стапиме. Тоа е дел од законот и само го испочитувавме законот.

На минатите избори беше нападнат сајтот на ДИК. До каде е разврската за случајот?

Не сум информиран за тоа, бидејќи јас сега дојдов и почнувам да се информирам, меѓутоа како што знам се води постапка и мислам дека постапката ќе докаже како се случило тоа и зошто и кој тоа го направил. Сметам дека ќе видиме во блиска иднина бидејќи тоа беше на минатите избори, скоро година дена има.

Дали е воведена поголема заштита од хакерски напади?

Сега почнуваме да работиме на тој план и се надевам дека ќе успееме за следните избори да не се случи истата грешка и почнуваме да работиме на други прашања кои се од суштинско значење за ДИК, односно за изборите. Сметам дека повеќето од работите кои се предвидени со законот, бидејќи ние не го правиме законот, туку го спроведуваме, дека ќе успееме да ги реализираме, што ќе значи многу подобар и подемократски, пофер и слободен гласачки процес.

Целото интервју со претседателот на ДИК, Александар Даштевски, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG