Со 95 гласа ЗА и ниеден ПРОТИВ, Собранието денеска го изгласа новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК). Нов претседател на ДИК е Александар Даштевски, поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а потпретседателка останува Дитмире Шеху од ДУИ. Во новоизбраната Комисија има четворица нови членови и тројца од досегашниот состав.
Во старо-новиот состав на ДИК се и Борис Кондарко и Радица Ристеска, поддржани од владеачкиот СДСМ, како и на Оливер Ристовски, поранешен заменик министер за правда. Втор член на ДИК со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Бобан Стојаноски, правник во Собранието. Алијанса на Албанците, која е во коалиција со Алтернатива ја поддржа кандидатурата на Кренар Лога, правник од Струга. Новиот претседател Даштевски беше член на ДИК пред 15-тина години, а неговата последна фунцкија беше претседател на Комисијата за заштита од дискриминација. Тој доаѓа на местото на досегашниот претседател Оливер Дерковски.
Актуелната Комисија има мандат уште три дена
Промените во раководната структура на Комисијата беа иницирани кога група пратеници од СДСМ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците, пред десетина дена, предложија да се распише оглас за избор на нови претседател, потпретседател и пет члена на ДИК, поради истек на мандатите на 15 јануари 2021 година.
„Имајќи ја предвид Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес мандатот на постојнит состав на ДИК е пред истекување. Од овие причини Собранието треба да огласи извор за нови претседател, потпретседател и пет члена на Комисијата поради што предлагаме Собранието да ја донесе оваа одлука“, наведоа тогаш во образложението на барањето поднесено од координаторите на пратеничките групи на владејачките СДСМ и ДУИ, како и од Кастриот Реџепи од Беса и Атнан Незири од опозициската Алијанса за Албанците.
И во Комисијата за именување брзо зелено светло
Предлог-составот денеска по брза постапка прво доби зелено светло во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, каде доби девет гласа ЗА, по што предлогот беше испратен на разгледување и гласање пред пратениците на денешната редовна седница на Парламентот. „Во игра“ за членови на Комисијата беа сите членови на актуелниот состав, плус досегашната портпаролка Љупка Гугучевска-Филиповска.
Со изгласувањето на новиот состав на Комисијата, и овој пат не беше исполнета препораката од Европската унија да се формира професионална, непартиска Државна изборна комисија.