Високопрофилниот случај на поранешното Специјално обвинителство Таргет Тврдина ќе ги соочи во судница некогаш првите луѓе на сега поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање Зоран Верушевски и Сашо Мијалков. Обвинетиот Мијалков на чело на оваа функција беше од 2006-тата година до 2015 година кога го напушти своеволно директорското столче по случувањата во „Диво Насеље.
Неговиот претходник пак, кој во овој предмет е во својство на сведок, професорот по безбедност Верушевски беше на чело на УБК односно тогашна ДБК ( Дирекција за безбедност и контраразузнавање ) во периодот од 1994 до 1998 година, за во 2002 година повторно да седне на директорското столче по промената на власта, за во 2006-тата година да биде испратен за советник за безбедност на амбасадорот во Рим.
И двајцата од позиција на раководни функции беа следени со скандали и контроверзии за злоупотреба на службена должност како и афери за прислушување.На рочиштето на 23 септември Верушевски ја негираше неговата вклученост во преземањето на бомбите од разузнавачите од УБК Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, и тврдеше дека не нему, туку бомбите тие ги давале во СДСМ, а тој само ги обработувал.
Видете и ова: Дали Верушевски „ги пушти бомбите низ вода“?
Премиерот Зоран Заев, кој како советник за безбедност во кабинетот го има Верушевски, набрзо по ова изјави дека Верушевски на следното рочиште за „Таргет-Тврдина“ ќе го појасни исказот.
„Тој мене ми објасни и мене апсолутно ми е јасно. Секако е точно дека материјалите се предадени на господинот Верушевски, како што велат Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, но тие се предадени правно – формално на СДСМ, а ги прима Зоран Верушевски, затоа што јас сум тогаш и претседател веќе на СДСМ, но истовремено и разочараноста од тоа што некој го злоупотребувал СЈО во делот на случајот Рекет, се појавило Ел Чека, се појавило не знам што, тоа го кажува за компромираноста или модифицираноста на тие материјали“, изјави Заев на 30 септември.
Јавноста за оваа афера дозна во 2015 година на 9 февруари кога по неколку месечни најави лидерот на СДСМ Зоран Заев го објави првиот сет на нелегално прислушувани разговори.
„Оваа папка ќе стане симбол на процесот што денеска го почнавме за враќање на слободата и демократијата.“, рече тогаш Заев покажувајќи на документи од прислушувани разговори именувани како проект „Вистината за Македонија“. Тој тогаш изјави дека над 20 илјади граѓани биле прислушувани, меѓу кои опозицијата, министри во владата, пратеници, ДУИ, ДПА и обични граѓани. Само телефонските броеви на Никола Груевски и на шефот на тајната полиција не биле мета за прислушување.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во судницата, свиркачите Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски кои работеа во УБК ја открија шемата на нелегалното прислушување. Во 2010 година прв пат откриле дека без судска наредба се внесуваат броеви во системите за следење на комуникации и почнале да прават копии на дел од нив.
„Уште тогаш самиот амбиент во Управата инидицираше дека нешто чудно се случува“ рече Лазаревски во своето сведочење во судницата. Како што објаснуваше, игра на случајност била тоа што тој работел во истата просторија каде што бил сместен и системот за прислушување кој се користел до 2008 мата година, но бил одвоен со параван.
Тој посочи дека контроверзните фалјови ги изнесувале со УСБ од УБК и ги складирале во енкриптирани фајлови на приватен компјутер. Откако сфатиле дека меѓу прислушуваните е и сега поранешната министерка Гордана Јанкуловска помош побарале од нивниот претходен шеф, Верушевски.
Клучниот момент кога и Ѓорги Лазаревски и Ѕвонко Костовски решиле дека ќе ги вадат аудиофајловите е упадот на полицијата во А1 телевизија, кој се случи неколку дена пред крајот на 2010 година.
„Тоа беше главниот тригер,“ рече Лазаревски.
Тогаш по една случајна средба со Зоран Верушески, екс разузнавачот го посоветувал дека материјалите треба да се чуваат и да се анализираат.
„Вистинското вадење на материјалите следеше откако контактиравме со него. Верушески го сметав за професионалец, кој не е конвенционален припадник на партија. Јас и Ѕвонко ќе се задушевме во материјалот, а тој знаеше да го обработи, беше дискретен и работеше сам, “ појасни Лазаревски при едно од неговите сведочења.
Тогаш на обвинителско прашање изјави и дека Верушевски побарал од нив, како таргети да ги вметне и Груевски и Мијалков. Но тоа не го сториле, затоа што, како што вели, тоа е криминал и јасно им било дека ставање на таков маркер ќе остави трага кај трите мобилни оператори.
Во првото интервју за интернет порталот „НОВА ТВ “ Лазаревски изјави дека му верувале на Верушевски и затоа од него побарале помош.
„Тој ни беше надлежен, тој е професор и тој ме научи дека корупцијата е најголемата закана за една држава“ велеше Лазаревски, кој беше единствен од тројцата што јавно зборуваше за аферата прислушување. И Верушевски и Костовски само пред обвинителството зборуваа за целиот случај. И тројцата поминаа извесно време во притвор, додека се вжештуваше политичката криза. Полицијата тогаш соопшти дека првичното приведување на Верушевски е поради поседување на пиштол и порнографски материјали, како и други документи кои можеби водат кон потешки кривични дела.
Во 2015 година Верушевски, неговата сопруга, Заев, Костовски, Лазаревски и Бранко Палифров беа обвинети за шпионажа во предметот „Пуч“, за кој што во јануари 2018 година СЈО го повлече обвинението.
„СЈО се откажа од обвинителниот акт за предметот познат во јавноста како „Пуч“ од причина што фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“, пишуваше во соопштението на СЈО.
Верушевски на последното рочиште во судницата посочи дека и поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски и тогашниот лидер Зоран Заев биле запознаени со деталите од материјалите кои пристигнувале од УБК, неколку години пред да дознае јавноста.
Мијалков, од друга страна, во текот на целото судско рочиште па и во периодот кога се водеше истрагата негираше дека има некаква поврзаност со нелегалното масовно прислушување, обидувајќи се локацијата за ваквото прислушување да го префрли на подвижните базни станици. Во текот на рочиштето Мијалков неколку пати се обиде да ја наметне тезата, дека било можно нелегално да се прислушува и надвор од УБК, односно дека добиле извештај од израелската компанија дека во Скопје во тој момент на терен работеле вакви уреди, односно дека некој друг нелегално прислушувал.
„Велите дека и од канцеларијата на директорот се слушале таргетите. Па дали сметате дека сум уживал да се слушам самиот себе и да не ги отстранам другите таргети кои комуницирале со мене?“, беше едно од прашањето на Мијалков до сведоците, но судот не го дозволи прашањето.
Видете и ова: Тајни служби за внатрешни пресметки
Како се одвивало незаконското прислушување, како се изнесувале материјалите од разузнавачката „Тврдина“,што се случувало со разговорите кои пристигнале на „Бихачка“ се прашања на кои Верушевски ќе треба да одговори во своето сведочење. Мијалков и неговата одбрана се на ред овој пат да ги поставуваат прашањата во судскиот процес.
Верушевски втор пат е инволвиран во афера за прислушување. Претходно, по обелоденување на аферата „ Прислушување “ во 2002 година Верушевски е поставен за старо нов директот на УБК. Голем дел од медиумите повикувајќи се на владини извори, пишуваа дека Верушевски бил човекот што успеал да земе материјали со прислушувани разговори кои подоцна Црвенковски на прес конференција и ги покажа на јавноста дека ги поседува, без да објави детали од нив. Началникот на управата за прислушкување бил човек на Верушевски кој му го дал целиот материјал со прислушуваните разговори на политичари, новинари и други јавни личности, и затоа Црвенковски не можел никако да го одбегне Верушески во кадровските комбинаторики, пишуваа тогаш медиумите.
Во последнава разузнавачка афера за нелегално прислушување на над 20 илјади граѓани во судскиот предмет Таргет Тврдина се обвинети поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, шефот на неговиот тогашен кабинет, Тони Јакимовски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, потоа разузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се во бегство и други службеници во УБК. Овој предмет произлезе од две истраги на сега поранешното СЈО. Едната се однесува на тоа кој прислушувал а другата на тоа кој наредил да се уништи опремата за нелегално прислушување.