Новата студентска правобранителка во својот двогодишен мандат вели дека ќе се фокусира на подигнување на свеста кај студентите за студентските права. „За да се пријави повреда на право, нужно е да се знае кои се правата на студентите и кога тие се повредени“, истакна Теа Мицевска, студентска правобранителка при УКИМ.
Неодамна, студентката Теа Мицевска е избрана за да ја извршува функцијата студентски правобранител при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Според утврдената процедура за избор, правобранителот се бира од редот на студентите по правни студии со минимум завршен 4 семестар и просек од студии минимум 8.00, а е избиран од страна на Сенатот на УКИМ со двегодишен мандат. Покрај тоа, на секој од факултетите правобранителот има свои заменици за побрзо и поефикасно водење на претставките и обезбедување комуникација со единиците на УКИМ.
Во однос на заштитување на студентските права, студентскиот правобранител постапува по поднесок од страна на студент или по сопствена иницијатива доколку забележи повредено право на студент од страна на органите на Универзитетот или друг член на академската заедница на Универзитетот. Органите на високообразовната установа се должни да постапат по укажувањата на студентскиот правобранител.
Видете и ова: Ефтимов - УКИМ погласно да побара повеќе париПокрај постапувањето во конкретни спорови, има и советодавна функција, организирање на трибини и настани за студентите во однос на нивните права и обврски кон Универзитетот.
Мицевска е 22 годишна скопјанка, која годинава дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“, насока правни студии. Таа сега е студентка на постдипломски студии на насоката Граѓанско материјално и граѓанско процесно право.
„За мене отсекогаш претставувала предизвик борбата за човековите права, особено кога тие се загрозени или повредени. Ние како студенти сме движечка сила во едно општество, па затоа е неопходно да развиваме критичка мисла која е предуслов за развој на една прогресивна држава. Во таа насока, сметам дека правата на студентите се права низ кои ние како индивидуи се самореализираме, а тоа претставува отелотворување на демократското уредување. Во ниеден случај не смееме да се откажеме од градење на квалитетен образовен систем, бидејќи тоа е еден непрекинат процес. Загубено е само она од што ќе се откажеме сами, а ние во никој случај нема да се откажеме од борба за квалитетно образование“, истакна Мицевска.
Мицевска објасни дека нејзината функција се исцрпува со три механизми на заштита на студентските права, и тоа давање препорака за отстранување на контстатираните повреди, преземање иницијатива за поведување одговорност против одговорното лице или барање за постапување од други надлежни државни органи.
„Сметам дека образованието пред се е насочено кон генералниот развој на личноста. Ние студентите сме оние кои што треба да се трудат нашиот индивидуален развој во иднина да се трансформира во развој на државата. Оттаму, сметам дека свеста на студентите за нивните права и навременото реагирање при повреда на тие права е круцијално за подигање на статусот на студентот и елиминирањето на апатијата која е во голема мера присутна во нашето општество“.
РСЕ: Дали ти или твои познаници претходно сте пријавувале кај правобранител и зошто? Ако да, како течела процедурата и како се решил случајот?
Мицевска: Во текот на моите додипломски студии функцијата студентски правобранител воопшто не беше актуелна и не се пријавуваа проблемите на студентите бидејќи меѓу другото, воопшто и не беа назначувани студентски правобранители, главно заради незаинтересираност. За волја на вистината, не можам да кажам дека во моментот е многу поразлична ситуацијата, но активно се работи на планови за одржување на јавни дискусии, анкети, проекти кои се надевам дека ќе предизвикаат поголем интерес кај студентите, како за кандидирање на ниво на факулетите, така и за пријавување на проблемите. Би истакнала дека во моментот е во тек особено битен проект за заштита од дискриминација преку кој студентите ќе се здобијат со знаење и ќе можат да направат дистинкција во кои ситуации се дискриминирани – што е од иманентно значење за заживување на правобранителската функција. Имено, за да се пријави повреда на право, нужно е да се знае кои се правата на студентите и кога тие се повредени.
РСЕ: Според тебе, кои се најчестите прекршувања на студентски права?
Мицевска: Од она што може досега да се забележи, најбројни се прекршувањата на правата на студентите поврзани со закажување и одржување на испитите, како и водење на наставата. Дотолку повеќе, во периодов се соочивме со сосема нови проблеми заради пандемијата што е показател колку се деликатни правата на студентите и колку е важна нивната заштита. Исто така, се провлекуваат и проблеми со скриена корупција или пак, ненавремено објавување на резултати од испити и серија други прашања кои се доста интересни и ќе бидат елаборирани преку соодветни проекти.
РСЕ: Дали имаш планови за намалување на прекршувањето на студентските права, покрај реакција на самите студентски пријави?
Мицевска: Во функцијата на студентскиот правобранител е инкорпорирана и надлежноста за преземање дејствија и по сопствено наоѓање. Во таа насока, секогаш кога самиот студентски правобранител ќе забележи дека некое студентско право се прекршува може соодветно да реагира. На овој начин се согледува колку е важно и секој факултет да има факултетски студентски правобранител, бидејќи на тој начин се зголемува заштитата на правата на студентите. Подигањето на свеста е иманентен фактор којшто е истакнат во неколку наврати, но исто така сметам дека актуелизирањето на оваа функција ќе дејствува и превентивно – односно, ќе влијае воопшто да не се посегне кон повреда на правата имајќи ги предвид последиците.
РСЕ: Покрај ажурен студентски правобранител, што сметаш дека е клучно за заштита на студентските права?
Мицевска: Сметам дека првиот чекор се активни и свесни студенти. Втор чекор е ажурен студентски правобранител. Третиор чекор пак, без кој што не може да се оствари заштитата, е соработка со Универзитетот и факултетите. Влегуваме во процес на заемна соработка, разбирање и елиминација на било каков антагонизам меѓу двете страни. Меѓу другото, во самиот Правилник за условите и постапката за избор и разрешување, надлежност и работа на студенткиот правобранител и замениците е наведен посебен член којшто се однесува на соработката со Универзитетот и факултетите според кој: „Универзитетот е должен да соработува со студентскиот правобранител, на негово барање да му се обезбедат потребните податоци и информации и да му се овозможи спроведување на постапката за заштита на правата на студентите.” Така, само заеднички вложениот труд може да резултира со градење на поквалитетен образовен систем.
Студентите може да ја контактираат правобранителката и да пријавуваат прекршувања на права преку електронската пошта pravobranitel.ukim@gmail.com.