Новиот претседател на универзитетското Собрание Борјан Ефтимов состојбите во високото образование ги оценува како катастрофални и укажува дека студентите заедно со професорите во иднина треба по гласно да тропнат на вратата на надлежните институции за да издејствуваат решавање на некои од горливите проблеми.
Студентскиот стандард, застарена опрема на лабораториите, невложувања во реновирање, немање пари за научни истражувања, скромна трпеза во студентските домови, се стара болка на факултетите со години наназад, со која Ефтимов со соочува на почетокот од мандатот кој му завршува на крајот од годината. Тој вели дека потешкотии на студентите им создаваа и недостигот на млад кадар и оти сите овие проблеми претставуваат пречка за студентите да стекнат доволно квалитетно образование какво што имаат нивните колеги во други држави, особено во европските земји кои издвојуваат двојно повеќе пари за образование од Македонија .
„Високото образование во Македонија се распаѓа. Инфраструктурата е катастрофална, нема квалитетни амфитеатри, нема квалитетни лаборатории, нема квалитетни читални ако воопшто има, лабораториите се од пред 50 години, наставните кадри секоја година се намалуваат и нема обнова, институти и факултети имаат недостаток на наставни кадри. Целата ситуација е катастрофална“, вели Ефтимов кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
До изборот на Ефтимов доаѓа по две години од носењето на законот за високо образование кој беше инициран по големите студентски протести во кои и тој учествуваше.
По овие протести пред неколку години по подолго време пред неколку месеци на протест излегоа студентите на Институтот за хемија кои заедно со професорите побараа од надлежните обновување на кадарот и на застарената опрема.
Ефтимов вели дека тие се на добар пат но нагласува дека за да има резултатите потребно е да има бројност на студентските движења.
„Ја знам ситуацијата на Институтот, но тој е најгласен, треба цел УКИМ да се дигне и да каже јасно и гласно дека нема доволно финансии, дека нема доволно средства и можности да се изгради универзитет по најсовремени стандарди и заедно со професорите да бараат повеќе финансии за да не се наоѓаме во оваа ситуација кај што сме сега и да тргнеме напред“, изјави Ефтимов.
Ефтимов укажува дека буџетот кој го издвојува државата за образование изнесува 60 проценти од буџетот за образование во земјите од Европа, а тоа е речиси двојно помалку.
Маките на студентите и професорите се стара болка
Секој факултет има своја мака, но немањето пристап до светска литература, немање млад кадар, немање пари за наука и немотивирани професори се дел од проблемот кои се заеднички за повеќето високо образовни институции, велат професорите.
Универзитетскиот професор Ордан Чукалиев вели дека е неопходно заедничко дејствување на студентите и професорите како и поголеми издвојувања од државата за образовaние, но тој е скептичен дали има кој да ги слушне?
„ Можеби нема иницијална каписла ниту од едната ниту од другата страна, но без разлика која ќе биде силaта на заедничкото дејствување не знам дали ќе има кој да чуе. Ние овие проблеми ги повторуваме со години. Ние постојано кажуваме дека недостасува кадар, дека недостасуваат инвестиции во наука, дека заостануваме во однос на светските рамништа“, вели Чукалиев, кој дополнува:
„Чест на исклучоците во државата има многу исклучоци кои со самопрегор и интензивна работа се носат со светските трендови во науката, но најголемиот дел едноставно нема услови тоа да го направи и сега е толку назад така што прашање е дали може тоа да го направи. Не треба чекор како Нил Армстронг, но ни требаат десет чекори на Армстронг, оние големи чекори за човештвото кои треба да се направат за да може да го фатиме чекорот со најразвиените научни области на планетава“, вели Чукалиев.
Тој вели дека не се работи само за техничко заостанување, туку оти поголем проблем е што на факултетите нема луѓе кои би знаеле да работата со неа.
„Ние се потпираме на кадар кој не ни е обновен, кој е престар и прашање е колку веќе има мотив и сила да соработуваат со едни млади агилни луѓе кои би дошле и би сакале да го фатат светскиот чекор, а не да станат еднакви на нас. Тоа е оној основен сегмент. Она што се однесува на кадарот ние веќе сериозно заостануваме. Добро е да се преземат сите иницијативи, но многу сум скептичен колку ќе успееме во краток период да создадеме квалитетен кадар. Со брзање многу тешко ќе направиме добри стручњаци кои што треба да ги наследат овие релативно остарени професори на УКИМ“, вели Чукалиев.
Дел од проблемот е и апатијата на младите
Истражувањата покажуваат дека дури над 90 проценти од младите не се доволно застапени во процесите на одлучување или дека не сакаат да учествуваат во организирано делување, затоа што не мислат дека нешто ќе променат. Младите често студентските организации ги поврзуваат и со политика и како нешто негативно.
Свесен за овој проблем новиот студентски лидер Борјан Ефтимов вели дека во првата година една од основните цели на која ќе работи е да се изгради идентитетот на студентското претставничко тело и доверба кај студентите да го препознаат студентското претставничко тело како свое.
Последните студентските избори беа проследени со обвинувања за полулегимност и политика. Поради ова променет е и концептот на избор на студентскиот лидер кој овојпат наместо на непосредни избори беше изгласан во Ректоратот на УКИМ од членовите на факултетските младински собранија.
„Универзитетското студентско Собрание како легитимен и легален претставник на 30 илјади студенти и илјадници други млади луѓе може да издејствува државата да се фокусира на образованието тоа да стане приоритет и инвестициите во образованието да стане приоритет“, вели Ефтимов.