Студентите од Американ колеџ предвидуваат тесна победа на Трамп

Илустрација

Студенти од Американскиот колеџ Скопје се запознаваа со изборниот систем на САД и предвидуваа изборни резултати за годинашните претседателски избори, кои ќе се одржат на 4 ноември. Претходните три предвидувања на студентите беа точни.

Резултати од студентско гласање на Американ Колеџ Скопје за победник на претседателските избори во САД 2020

Студентите од Факултетот за политички науки при Универзитетот Американ колеџ Скопје по четврти пат го предвидуваа резултатот на претседателските избори во Соединетите Американски Држави. Резултатите од студентското гласање се 47:37 во корист на републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Студентското предвидување на претседателските избори е дел од настан, на кој се обраќа американскиот амбасадор во земјава или негов овластен службеник. Годинава настанот беше вебинар, иако традиционално се одржува во факултетски амфитеатар.

Ерик Елиот, од американската амбасада го презентираше изборниот модел на САД на студентите, по што студентите имаа можност да поставуваат прашања. Присуствуваа близу 120 студенти. Тие се интересираа за државите кои го имаат одлучувачкиот глас, за тоа дали некогаш би се сменил моделот од изборен колегиум во народен глас, за политиките на кандидатите Џо Бајден и Доналд Трамп за Балканот и економијата...

Презентација за американскиот избирачки модел на вебинар со студенти од Американски колеџ Скопје

По презентацијата и сесијата со прашања, студентите гласаа, и тоа 47 проценти за Трамп, а 37 отсто за Џо Бајден.

Досега сите три гласања ги погодија резултатите. Конкретно, пред четири години гласовите беа 80:20 во корист на Трамп. Идејата на овие настани е запознавање со системот на избори во САД, кој има специфична структура бидејќи се формира изборен колегиум кој го избира претседателот.

„Целта е запознавање со системот на избори, не само во формално, туку и во социолошки и културен контекст. Традицијата дека изборите се на првиот вторник во ноември, или на пример, зошто е вторник, а не недела (која е резевирана за посета на црква), како биле броени гласовите во историјата, фактот дека изборите никогаш не биле прекинати, па дури ни за време на граѓанската војна...“, објасни Сандра Грујевска, координатор за комуникации при Универзитетот Американ Колеџ во Скопје.