Достапни линкови

Трамп негира дека е „исплашен“ од претседателската трка


Д-р Ентони Фаучи зборува додека американскиот претседател Доналд Трамп го слуша во Белата куќа
Д-р Ентони Фаучи зборува додека американскиот претседател Доналд Трамп го слуша во Белата куќа

Претседателот на САД Доналд Трамп упати критики против главниот специјалист за заразни болести на американската влада Ентони Фаучи, инсистирајќи на тоа дека тој и другите експерти „грешат“. Некои експерти сметаат дека и ова е дел од неговата предизборна кампања.

Трамп изјави дека Американците се „уморни“ од коронавирусот иако расте бројот на нови случаи, принудувајќи ги здравствените власти да одржуваат или да ги зајакнуваат мерките за ограничување на ширењето на вирусот.

„Луѓето се уморни од ковид“, рече Трамп, прецизирајќи: „Луѓето се уморија од слушање на Фаучи и сите овие идиоти, сите овие идиоти кои погрешно го сфатија тоа. Фаучи е катастрофа“.

Подоцна, Трамп им изјави на новинарите дека ваквите коментари не значат дека тој е „исплашен“ во претседателската трка.

„Мислам дека се тркам налутен. Се тркам среќен и уживам многу задоволен затоа што завршив одлична работа“.

Трамп ги даде забелешките за Фаучи еден ден откако Си-Би-Ес емитуваше интервју со него во кое тој рече дека „апсолутно не е изненаден што Трамп се инфицирал со коронавирус откако одржа големи настани со малку луѓе кои носеа маски или социјално се дистанцираа.

Трамп изрази уверување дека ќе победи на изборите на 3 ноември. Тој рече дека немаше да го предвиди тоа пред две недели кога сè уште закрепнуваше од својата инфекција, но рече дека сега се чувствува подобро отколку во кој било момент од кампањата во 2016 година.

„Ние сме во најдобра форма каква што сме биле“, рече тој иако анкетите на јавното мислење покажуваат дека заостанува зад демократскиот противкандидат Џо Бајден во многу клучни држави.

Трамп за три дена одржа митинзи во четири држави

Трамп оцени дека економијата се одвива подобро под негово водство за време на пандемијата затоа што не ги затвори бизнисите.

„Ако целосно ги слушав научниците, сега би имале земја што би била во огромна депресија“, рече Трамп.

На митингот во Прескот, Аризона, Трамп го нападна Бајден за ветувањето дека ќе ги послуша советите на научните експерти, велејќи дека неговиот ривал „сака да го слуша д-р Фаучи“.

Фаучи е и почитуван и популарен, а отфрлањето на научните совети од Трамп за пандемијата е осудено од членовите на обете партии.

Сенаторот Ламар Александар (републиканец од Тенеси) го пофали докторот како еден од „најистакнатите јавни службеници“ во земјата.

Александар рече дека ако повеќе Американци ги послушале советите на Фаучи, „ќе имало помалку случаи на ковид-19“.

Справувањето на претседателот со пандемијата на коронавирусот е клучна тема во кампањата, а неговиот рејтинг се намали откако се разболе од ковид-19 во почетокот на овој месец.


Бајден постојано го критикува Трамп дека не ги почитува советите на научниците за коронавирусот и глобалното затоплување.

Кампањата на Бајден одговори на критиките на Трамп со пофалби за Фаучи и го критикуваше Трамп за „несовесно лидерство“ што „се заканува да доведе до опасност повеќе животи“.

САД регистрираа 8 милиони случаи на коронавирус, најмногу во светот. Земјата, исто така, е на прво место по смртни случаи од оваа болест со над 220.000 починати.


Трамп од Белата куќа: можеби сум имун на ковид-19

Трамп и Бајден ќе се соочат на 22 октомври во последната дебата пред изборите. Оваа дебата ќе биде со таканаречени неми микрофони за да им се овозможи на кандидатите непречено да зборуваат за секоја тема за која ќе се разговара.

Претседателската комисија за дебати ја направи промената за да се избегнат прекините што доминираа на првата дебата и претворија делови од неа во некохерентна мешавина на вербални напади и навреди.

Исклучените микрофони ќе му овозможат на секој кандидат непрекинато две минути да даде воведни зборови на почетокот на секој 15-минутен сегмент од дебатата.

И двата микрофона потоа ќе бидат вклучени за да се овозможи отворена дискусија.

Штабот на Трамп соопшти дека се противи на промената, но Трамп сепак ќе учествува. Изборниот штаб на Бајден не даде коментар за исклучувањето на микрофоните.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG