Несоодветно однесување и лоши услови во затворите, закани против новинари, случаите на „сериозна владина корупција“ во кои беа вмешани високи функционери како и родово и семејно насилство, се евидентирани како проблеми во последниот извештај на американскиот Стејт департмент за човековите права во Северна Македонија за 2021 година. Во извештајот е наведено дека Владата презела чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција.
Во сегментот посветен на корупција и недостиг на транспарентност на Владата е посочено дека невладините организации сметаат дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција, додавајќи дека Владата е најголемиот работодавач во земјата.
Видете и ова: Разрешена директорката која си ја работеше работатаВо извештајот е нотиран и случајот со разрешувањето на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, затоа што одбил да ја спроведе владината одлука за распоредување на 35 државни службеници во неговата институција. Станува збор за планот на Владата за 1.349 државни службеници платени од Министерството за политички системи и односи со заедниците - кои во тоа време не одеа на работа да се прераспределат на конкретни работни места во 237 владини институции.
Во извештајот е забележана и изјавата на претседателката на ДКСК Билјана Ивановска со која се истакнува дека и покрај зголемената перцепција за корупција во судството, само 20 отсто од претставките поднесени до ДКСК се однесуваат на судството, што укажува на јаз меѓу перцепцијата и искуството.
Како еден од владините функционери кои се вмешани во корупција се спомнува приведувањето на поранешниот советник на Кабинетот на премиерот и генерален владин секретар Драги Рашковски за измама при набавка на софтвер за следење на сообраќајот за МВР.
Во извештајот се констатира дека и судството и Јавното обвинителство немаат доволно финансии и вработени.
Закани и насилство кон медиумски работници забележува Стејт Департмент
Големо внимание во извештајот се посветува на слободата на изразување, како и на одговорот на органите на прогонот и судските органи на случаите на насилство и заплашување на новинарите.
„Во текот на годината имаше случаи на физичко насилство, наводни закани и малтретирање на новинари. Уставот предвидува слобода на изразување, вклучително и за членовите на печатот и другите медиуми, а Владата генерално го почитуваше ова право. Според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), сепак, одговорот на органите на прогонот и судските органи на случаите на насилство од трета страна и заплашување на новинари бил бавен и неефикасен“, се вели во извештајот.
Во текот на минатата година се констатира дека имаше случаи на физичко насилство, наводни закани и малтретирање на новинари и тука се посочуваат два случаи на напади -врз снимател на државната новинска агенција МИА од страна на демонстрантите кои протестираа против судските пресуди во судскиот процес „Монструм“ и другиот случај се однесуваше на повторени закани за смрт и силување против неколку локални новинари од Тетово.
Хелсиншкиот комитет за човекови права и други активисти за човекови права и слобода на медиумите пријавиле зголемување на случаи на говор на омраза. Меѓу нив се навредите и омаловажувањето на лекарите, искажани за време на протестите против вакцинацијата на 15 август во Скопје, а ЗНМ преку соопштение ги осуди вулгарните пораки и навреди кон медиумските екипи кои известуваа за протестите.
Стејт Департментот констатира дека медиумите и известувањата во голема мерка се поделени по политички линии, но се зголемува и бројот на независни медиуми кои активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања.
Полициска бруталност - проблем во системот
Припадниците на безбедносните сили извршиле одредени злоупотреби, вклучително и прекумерна употреба на сила од страна на полицијата и затворските чувари, посочува Стејт Департментот во делот посветен на случаи на тортура и нечовечко постапување.
Во него се повикува на податоци од Единицата за професионални стандарди на МВР ,според кои, во првите седум месеци од минатата година постапила по 38 пријави кои се однесуваат на употреба на прекумерна сила од страна на полициски службеници. Притоа две од нив се потврдени, шест од жалбите се неосновани, а 30 се отфрлени поради недоволни докази. За двата случаи се поднесени кривични пријави против двајца полициски службеници за „малтретирање при вршење на должност“. Народниот правобранител примил 51 претставка против полицијата, меѓу кои две за полициска бруталност.
Стејт Департментот во своите забелешки го цитира и извештајот на македонскиот народен правобранител во кој се посочува дека од јануари до септември 2020 година, само 15 од 1.080 уапсени лица го искористиле своето право на адвокат на јавен трошок.
Видете и ова: Министерствата инертни по препораките на Народниот правобранителИзвештајот покажа дека полициските службеници речиси никогаш не ги советувале уапсените дека сиромашните лица имаат право да бараат адвокат на јавен трошок и дека многу полициски станици користеле застарени списоци на бранители, а некои датираат од 2012 година. Полициските станици што ги посетил народниот правобранител исто така немаат ажурирани списоци на бранители кои завршиле специјализирана обука за малолетничка правда
Нечовечки услови и пренатрупаност на затворите
Во извештајот на Стејт Департментот се вели дека затворите во земјава се дотраени објекти со сериозна пренатрупаност, при што некои затвореници се изложени на нехумани и понижувачки услови. Исто така распространетата е и корупција на затворскиот персонал која се наведува како значаен проблем во затворскиот систем. Дополнително се забележува дека старата полуотворена единица на Идризово, која требаше да биде урната во 2018 година, сè уште функционира во затворот.
- Здравјето на затворениците останува во втор план
- „ Распаднати ѕидови, скршени прозорски рамки и мебел, опасни импровизирани електрични инсталации, дупки на подот и таванот, бедна хигиена со наезда од штетници, купишта несобрано ѓубре во ќелиите и влага. Комуналните санитарни јазли беа во лоша состојба со тоалетите на првиот кат кои испуштаа смрдеа и беа покриени со фекалии, чешми што капеа и инсталации за вода, поплавен под и без функционално вештачко осветлување…Условите во оваа единица, како и оние во Амбуланта, секако може да се опишат како нечовечки и понижувачки“, се констатира во извештајот при описот на полуотвореното одделение во Идризово.