Достапни линкови

Груевски и Мијалков под санкции на САД поради корупција


Илустрација - Комбо фотографија од Никола Груевски и Сашо Мијалков
Илустрација - Комбо фотографија од Никола Груевски и Сашо Мијалков

Министерството за финансии на САД објави листа на санкционирани лица и ентитети од Западен Балкан, на која се ставени и поранешниот премиер Никола Груевски и екс шефот на УБК Сашо Мијалков.

Никола Груевски, поранешниот македонски премиер, и Сашо Мијалков, екс-шефот на УБК, се ставени на листата на санкции на американското Министерство за финансии поради вмешаност во корупција, со што на нив и на членовите на нивните семејства им се забранува влез во САД. На листата на санкции е ставена и фирма на Груевски регистрирана во Унгарија.

Министерство за финансии на САД денеска го објави списокот со санкции поради дела на корупција, а во него се вклучени седум лица од Западен Балкан. Тројца од нив се и на списокот на американскиот Стејт департмент со кој им се забранува влез во САД.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен објави дека Стејт департментот и Министерството за финансии презеле акција за санкционирање на актерите во Западен Балкан за дестабилизирачки и коруптивни активности.

„САД и партнерите, како што е Обединетото Кралство, бараат одговорност од оние кои ја загрозуваат стабилноста, напредокот и европската интеграција на регионот“, напиша Блинкен на Твитер.

Никола Груевски една деценија беше премиер на Македонија: од 2006 до 2016 година. Тој во ноември 2018 година побегна во Унгарија, откако беше осуден на двегодишна затворска казна за корупција во случајот за нелегална набавка на луксузниот мерцедес. Груевски беше обвинет во неколку предмети: ТНТ, Титаник, Траекторија и за организирање насилствата во Собранието на 27 април.

Груевски побегна во Будимпешта откако со унгарски дипломатски возила придружувани со дипломати од Унгарија патуваше низ неколку балкански земји. Македонија сега бара негова екстрадиција поради пресудата за корупција и поради неколку други кривични постапки покренати против него.

Сашо Мијалков речиси една деценија беше на чело на државната безбедносна агенција УБК, до мај 2015 година. Мијалков, заедно со други функционери на разузнавачката служба, се обвинети и осудени за незаконско прислушување на илјадници луѓе, вклучително и опозициски политичари и новинари, а подоцна и за обид за уништување на доказите.

Мијалков во февруари 2021 година беше осуден на 12 години затвор во случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното незаконско прислушување на над 20.000 граѓани.

Сашо Мијалков со адвокатот Љупчо Шврговски пред суд во Скопје.
Сашо Мијалков со адвокатот Љупчо Шврговски пред суд во Скопје.

Освен Груевски и Мијалков, списокот со санкционирани лица и ентитети на Министерството за финансии на САД вклучува и други функционери од Западен Балкан.

Од Босна и Херцеговина е поранешниот потпретседател на Партијата за демократска акција (СДА) и делегат во Домот на народите на БиХ, Асим Сарајлиќ, како и поранешната главна обвинителка на Обвинителството на БиХ Гордана Тадиќ.

Од Црна Гора на листата е Светозар Маровиќ - поранешен висок функционер на Демократската партија на социјалистите (ДПС) и последен претседател на Државниот сојуз на Србија и Црна Гора.

Од Албанија на списокот се две лица: Аќиф Ракипи и Или Ндроќи.

Груевски и Мијалков се меѓу трите лица на кои им се забранува влез во САД и на нивните семејства, заедно со Гордана Тадиќ. Под санкции е и унгарската фирма на Груевски I.C.I.C. KFT.

Груевски и Мијалков по објавувањето на ваквите информации изразија жалење за одлуката на САД да ги стави на листата на санкционирани лица на кои им забранет влез во земјата, како и на нивните семејства.

Целиот имот и право на имот на наведените поединци и ентитети кои се наоѓаат во САД или ги поседува или контролира државјанин на САД се блокирани и мора да бидат пријавени во Министерството за финансии, односно ОФАЦ (Канцеларијата за контрола на странски средства на американскиот Стејт департмент), се вели во одлуката на американското Министерство за финансии.

Одлуките за санкции се надоврзуваат на посветеноста на администрацијата на Бајден за промовирање на одговорност за оние кои, меѓу другото, преку корупција ја поткопуваат стабилноста на регионот на Западен Балкан.

Американското Министерство за финансии и Стејт департментот претходно на списокот на санкции ставија претставници од Босна и Херцеговина, вклучително и членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина од Република Српска (РС) Милорад Додик.
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина од Република Српска (РС) Милорад Додик.

Американскатса Уредбата за санкции е на сила од 2001 година и оттогаш тие редовно се продолжуваат. На 8 јуни 2021 година американскиот претседател Џо Бајден го прошири опсегот на критериуми за воведување на американски санкции врз поединци и компании од Западен Балкан.

Белата куќа тогаш соопшти дека корупцијата го нарушува економскиот раст, го олеснува организираниот криминал и ја поткопува довербата во демократските процеси.

Во соопштението беше наведено дека „тоа ја отвора вратата за нашите стратешки противници да ја поткопаат демократијата, да го запрат напредокот кон ефикасно и одговорно владеење и да го спречат регионот на Западен Балкан да постигне целосна интеграција во трансатлантските институции.“

„Тие им овозможуваат на поединците да ги искористат предностите од слабото владеење на правото и да профитираат од системската корупција за обичните граѓани. Со тоа тие претставуваат закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“, се заклучува во соопштението.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG