Старо-нови мерки за намалување на невработеноста

илустрација

Со примена на мерките кои се покажале како успешни во намалување на невработеноста, новиот оперативен пан за вработување предвидува работа за 14 685 лица. Директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати вели дека фирмите што се отвориле со грантовите лани, опстојуваат и се прошируваат

Надграден со мерки, но и со повеќе пари, новиот оперативен план за 2022 година предвидува вработување на 14 685 лица. Предност им се дава на младите невработени до 29 години, на долгорочно невработените и на корисниците на гарантирана минимална помош.

Високата стапка на реализација од околу 95 проценти на мерките од ланскиот оперативен план за вработување, за директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати е доволен мотив за продолжување со истите проекти и програми и оваа година.

„Интересот за учество во оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2021 година беше голем и отвори шанса за вклучување на пазарот на трудот за 11 292 корисници. Една од најатрактивните програми за невработените лица е програмата за самовработување. Таа забележа 100 процентна реализација, а преку неа сопствен бизнис отворија 1877 лица од кои 36, 6 проценти се млади до 29 години“, вели Мурати.

И во новиот план, како и во оној од минатата година една од мерките за поттикнување на невработеноста е „Програмата за самовработување“ преку која се нуди пристап и до скоро 10.000 евра, грант средства. Но доколку во рок од две години новооснованата фирма се затвори или на корисникот на грантот му престане работниот однос (освен во случај на неспособност или смрт), тогаш парите ќе мора да се вратат во износ од 60 отсто до 80 отсто, а лицето го губи правото да се врати во евиденцијата на невработени во период од 3 години.

На прашањето за тоа колку од бизнисите кои ја користеле мерката самовработување во последните 4 години опстанале, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека најголем процент од фирмите коишто се формирале со оваа мерка се ликвидни и денеска.

„Следејќи ги податоците од 2018 година до сега, мерката за самовработување дава добар резултат и најголем дел од фирмите што се формирани со поддршката од оваа мерка се одржливи до ден денеска. Значи процентот на активност на овие стартапи до сега е 74, 2 проценти. Фирмите кои се формирале во 2019 година се активни со 82, 3 проценти до денеска. Во 2021 година некои високи 99, 8 проценти од овие стартапи се активни и денеска. Значи најголем дел од фирмите коишто се формираат со поддршката на Министерството и Агенцијата имаат одржливост и до ден денешен се активни на пазарот на труд“, уверува министерката Тренчевска.

Видете и ова: Пандемијата ја покажа ранливоста на индустриите

Една од мерките која предвидува вработување на 1.528 лица е и „Поддршка за креирање на нови работни места“ а со оваа програма се опфаќаат повеќе категории на невработени, како и оние кои ја изгубиле работата поради ковид кризата. Во планот пишува дека фирмите кои сакаат и можат да креираат работни места ќе добијат конкретна финансиска поддршка од 19 000 денари месечно како субвенција на плата на вработено лице за 3, 6 или 12 месеци.

Повикувајќи се на искуствата од претходните години од Конфедерацијата на работодавачи велат дека оваа мерка е позитивна, но дека во иднина треба да се размисли на зголемување на средствата кои се одвојуваат за неа.

„Имплементацијата на сите одредби, или еве на пример на некои одредби од законот за работни односи, или безбедност и здравје при работа, фискализација итн. за некои компании се толку високи, што мерките вработување на едно или две лица, односно 5 или 10 000 евра се интересни во моментот како сума, меѓутоа за одржливоста и почитувањето на законите се недоволни, односно на границата која одржува ликвидност на компанијата. Можеби е подобро да се размислува дали овие средства ќе треба да се зголемат во иднина, за да гарантираат дека компаниите ќе продолжат да работат“, вели Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи.

Но и овие средства се условени со задржување на работникот во определен период, фирмата да нема финансиски загуби и навреме да ги плаќа обврските кон државата итн. Ваквите условувања пак според Бошков, се товар за компаниите во време на економска и енергетска криза.

„И добивката, но и загубата се дел од еден животен век на бизнисот. Можеби една година ќе биде со загуба, меѓутоа следните три може да бидат со добивка. Така да оценувањето мора да биде релативно за да се има податок, какви ефекти има мерката, но компанијата или претприемачот лично не би требало да подлежи на реперкусии. Бидејќи различни се факторите. Може некому да му се случи стечај или банкрот, поради надворешни фактори како што се пандемија или некоја виша сила,“ посочува Бошков.

Исто така една од мерките со која се таргетираат невработени лица со ниски квалификации е и „Програма за работно ангажирање“, преку која се планираат 1.000 нови вработувања.

Сепак, за прв пат во овој план годинава се воведува и програмата за креирање нови работни места преку „Зелени инвестиции“, а висината на грантовите се движи од 205.000 денари до 615.000 денари во зависност од бројот на вработени.

Видете и ова: Младите се иселуваат, нема кој да ги чува старите

Најголема е невработеноста кај младите

Инаку според податоците од Агенцијата за вработување, младите се меѓу најбројните на листата невработени. Заклучно со 31 март годинава биле регистрирани 10.917 невработени на возраст од 20 до 24 години и 12.115 на возраст од 25 до 29 години – или на возраст од 15 до 29 години на крајот од март биле евидентирани вкупно 25.134 лица.

Од Агенцијата велат дека иако бројот на невработени кај младите е голем, тие сепак покажуваат интерес за вклучување во програмите и проектите предвидени со Оперативниот план за вработување.

Дека младите лица покажуваат голем интерес за учество во оперативниот план говорат следните податоци. Скоро 66 проценти од вкупниот број на учесници се млади до 29 години, вели директорот Мурати.

„Како најатрактивни програми за младите лица би ги посочиле Обуките за развој надигитални вештини каде од 400 учесници 75 проценти беа млади до 29 години. Младите лица до 29 години исто така се одлучија да отворат сопствен бизнис па така 687 млади лица преку програмата „Самовработување“ станаа претприемачи. Младите лица беа застапени и во програмите кои водат до директно вработување па така 51 процент во учесниците во програмата Субвенционирање на плати беа млади лица до 29 години, а 61 процент од учесниците во мерката Вработување и раст на правни субјекти исто така припаѓаа на оваа возрасна група“, вели Мурати.

Новиот Оперативен план за 2022 година веќе е на сила, а пакетот мерки за намалување на невработеноста се спроведува веќе 12 години. Програмата за развој на Обединетите нации повеќе од 12 години е партнер на Агенција за вработување и Министерството за труд и социјална политика во реализацијата на мерките и програмите за вработување и зголемување на вработливоста на ранливите категории.