Занаетчиството во Куманово одамна е во изумирање, особено старите занаети, но малку е потребно да се поттикне креативноста кај невработените од 25 до 45 години, да се зафатат со бизнис од типот на занаетчиство и своевидна уметност. На 15-мина кумановци, од кои 11 жени и четворица мажи, проектот „Традицијата низ слики“ реализиран во рамките на Регионалната програма за локална демократија на Западниот Балкан, со финанасиска поддршка од Европската унија и Општината Куманово со седум илјади евра, а спроведувана од програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), им овозможи да ги совладаат техниките и да создадат свои дела.
Видете и ова: Размена на искуства на жените од источна и од западна МакедонијаЖивка Христовска, координатор на проектот преку Здружението на жени „Коло на српските сестри“, со уште три невладини здруженија („Мајка“, „Сирма“ и „Куманово-ВИОР“) вели дека осуммесечните активности на вклучените во проектот финиширале со уникатни производи презентирани на продажна изложба, а тие средства ќе бидат употребени за обезбедување материјал и започнувањесопствен бизнис во домашни услови.
„Ќе можете да видите осликани стари предмети изработени од дрво, од глина, месинг, филигран, полнет вез, кос бод, покрстица. Има слики и вази, здели во разни големини. Исто така ни беше целта невработените жени да можат да се обучат и во домашни услови да започнат сопствен бизнис“, вели таа.
РСЕ: Колку отприлика очекувате сериозно да се зафатат со бизнис?
„Откога објавивме дека ќе работиме на тоа поле, а групата беше формирана на повик и преку лични контакти, имавме посета и од други жени, повозрасни од предвидената. Мислам дека повеќе од половина ќе продолжат, зашто и додека траеше обуката некои веќе почнаа да продаваат и да добиваат нарачки“, вели Христовска и појаснува дека не треба да се задржуваат само на старите занаети, туку може да ја прошират палетата.
Според неа, секој изработен предмет или слика, во себе содржат многу љубов, посветеност, внимание, прецизност.
Ива Колозова од УНДП вели дека во времето на обуките и работилниците забележлив бил ентузијазмот и креативноста на учесниците.
„Мислам дека токму преку овој проект успеавме барем делумно да го оствариме тој приоритет на Општината Куманово за зачувување на културната традиција“, вели таа.
Градоначалникот Максим Димитриевски смета дека и со мали вложувања можат да се создаваат големи дела, што досега многупати било покажано во Куманово. За почит е што во нашиот град има луѓе кои имаат дарба да творат и да создаваат уникати.
„Верувам дека дел од овие уникати ќе ги красат полиците на нашите пријателски и братски градови на Балканот и низ светот. Со ова само може да се поттикне младиот и посветен човек да создава и да твори многу повеќе. Не многупати треба големи средства за да се создаде големо дело, тоа се гледа и на овој базар“, рече Димитриевски.
Тој додава дека Општината ќе продолжи и во иднина да поддржува вакви мали, но значајни проекти.