„Пред некој ден купив лепиња со 10 ќебапчиња и ми наплатија 280 денари. За ручек за четворица за кој во истиот ресторан пред два месеци плаќав 2000 денари сметка, пред некој ми наплатија дупло повеќе. Па, што е многу, многу е,“ вели Емилија С. од Скопје и додава дека отсега па натаму ќе биде се поредок гостин во кафеана.
Емилија не е единствената која смета дека цените во угостителските објекти станале помалку достапни, а за некои категории граѓани, и недостапни.
„Одењето во ресторан стана луксуз. Самата криза и поскапувањата што ни се случија си го направија своето. Многу ретко човек да се одлучи да седне во кафеана, па дури и да седне на пијачка, а не пак да јаде“, вели Тања.
Сличен став имаат и повеќето граѓани кои ги стретнавме во центарот на Скопје.
„Одам по ресторани, ама не многу често. Разлика во цените има дефинитивно. Порано цените беа попристапни, а сега е луксуз да одиш по кафеани, на обично кафе можеш да одиш еднаш дневно, а за ручеци и вечери во кафеани не ни помислувам,“ вели Викторија Ивковска.
„Многу ретко посетувам ресторани, бидејќи за разлика од лани, цените се екстремно скапи. Покачувања има секој ден. Поевтино ми е дома да си зготвам, отколку да одам по ресторани на кафиња и јадење“, вели Емилија од Скопје.
„И готвењето дома стана поскапо, но сепак е поевтино од кафеана. Дома секако ќе поминеме со помалку пари, отколку да одиме во ресторан, категорични се дел од граѓаните кои ги анкетиравме.
Видете и ова: „Наместо месо, ќе вариме коски“: страв од нови поскапувањаСпоред последните податоци на Државниот Завод за статистика индексот на цените на угостителските услуги во јуни годинава, во однос на истиот месец од претходната година, е зголемен за 11.2 %. Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите: храна за 1.9 %, алкохолни пијалаци за 0.7 %, безалкохолни пијалаци за 0.4 % и ноќевања за 0.3 %.
Дека порастот на цените на угостителските услуги почна да го редуцира бројот на гости во угостителските објекти, укажуваат и угостителите. Признаваат дека прометот им е видливо опаднат.
Угостителите не кријат дека ги прилагодуваат цените согласно новите промени коишто се случуваат со зголемување на цените на набавките и поскапувањата на струјата.
Здравко Јосифовски од Независната угостителска комора вели дека прометот се намалува и дека и со повисоките цени на угостителските услуги не можат да се покријат трошоците во работењето.
„Сериозноста на ситуацијата и понатаму укажува дека и дополнително зголемување на цени нема да го зголеми бројот на гости или пак дека тековните гости нема да ги зголемат своите трошоци коишто ги прават во угостителските објекти. Факт е дека голем дел од гостите кои беа навикнати секој слободен момент да го поминуваат со насмевка во кафеана, односно луѓето ги сменија навиките и потребите во изминатиот период, што значи дека и поголемиот дел од буџетот не го трошат во угостителските објекти, туку го реализираат за лични потреби на друг начин“, вели Јосифовски, кој е и сопственик на угостителски објект што неодамна бил принуден да го затвори, токму поради намалениот обем на работа.
Од друга страна пак дел од анкетираните велат дека цените во кафеаните се превисоки и дека не се усогласени со бранот поскапувања.
„Мој впечаток е дека и угостителите претеруваат. Треба да бидат поизбалансирани поскапувањата, да се земе предвид кризата, да може секој барем еднаш во месецот да седне во кафеана и да истера еден фамилијарен ручек“, вели една граѓанка.
„Мислам дека се претерува со цените во кафичите и рестораните. Иако имам разбирање дека зголемената цена на струјата, повлекува и други поскапувања, сепак не мораат толку да ги качуваат цените. Еден сок од портокал достигнува до 180 денари, кафето стана 100 денари, многу е“, вели Емилија.
Видете и ова: Македонски крпен живот низ призмата на платите и ценитеКумулативниот индекс на цените на угостителските услуги за периодот јануари до јуни 2022 година, во однос на истиот период од минатата година, е зголемен за 7.7 %, додека во однос на декември 2021 година е зголемен за 6.0 %.
Иако статистиката бележи зголемување на цените на ноќевања, сепак од друга страна во периодот јануари – април 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 59.5 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 30.2 %, а кај странските зголемувањето е за 96.5 проценти.
Енергетската криза што ја зафати цела Европа, во изминатиот период предизвика низа поскапувања. Најпрво поскапеа енергенсите, а потоа се зголеми и цената на струјата. Тоа пак повлече поскапувања кај храната, поради што Владата на два пати ги ограничи трговските марки на основните прехранбени производи.