Вселена, сончев систем и планети, планетата Земја, читање на глобуси, воздушната, водената и копнената обвивка на земјата, природни фактори и појави поврзани со географијата. Ова се темите кои до сега шестооделенците по два часа неделно ги изучуваа по предметот географија.
Со новиот концепт на образование од наредната учебна година децата од географијата ќе учат само за вселената и сончевиот систем. Тоа е делот од наставната програма за предметот природни науки во кој покрај едната тема од географијата се вклучени и други теми од други предмети. На пример од хемија ќе се изучуваат теми во делот својства и промена на супстанци, потоа од биологија, градба на органи и органски системи кај човекот и грижа за животната средина. Од физика ќе учат за темите сили, движења, електрицитет и магнетизам.
Физика и хемија според старата програма не беа предвидени во шесто одделение. Но, во погорните одделенија како седмо и осмо за овие четири предмети беа предвидени осум часа неделно. Сега со новата програма во шесто одделение е предвидено овој предмет „природни науки“ да биде застапен со 3 часа во неделата.
Видете и ова: Кога нема учебници се кршат детските праваТокму ова отвора неколку проблеми во различни сегменти, предупредуваат просветните работници. За наставникот по географија од основното училиште „Рајко Жинзифов“, Томислав Гиевски најавените промени се критични, направени набрзина без експертиза и без консултација на просветните работници.
Според него клучни се две работи и тоа неспојливост на дел од предметите во еден и намалување на бројот на часовите, а со тоа и на платата на наставниците.
„Штета за децата ќе биде голема, затоа што и наставниците не знаат како ќе предаваат, ни како ќе се одвива процесот. Ние не сме ни обучени за таква настава, краток е периодот за обука од три месеци кои се пред нас за таква настава. Немаме ни факултети кои би можеле етапно да спремаат нови генерации на наставници за таков вид на настава. Се е направено набрзина, ад хок и нема да вроди со позитивен резултат“ вели тој.
Намален фонд на часови
Еден од проблемите е намалениот фонд на часови, и за вработените наставници и за децата кои до неодамна за овие предмети во други одделенија имале вкупно по 8 часа неделно, а сега ќе имаат само три. Полно работно време за еден наставник е над 20 наставни часа во една недела, и се што е под тоа рамка се смета за половина работно време и со тоа и платата е помала. Наставниците стравуваат за своите работни места.
Директорот на Бирото за развој на образованието Зекирија Хасипи во изминативе денови неколку пати повтори дека никој нема да остане без работа.
„Со новата концепција, им се овозможува шанса на наставниците да изработат програми од слободни изборни предмети и со тие програми може некој наставник да има полн фонд на часови. Овие предмети ќе ги предаваат истите наставници, ќе бидат модуларни, но секој ќе си го предава својот предмет и својата тема,“изјави Хасипи.
Но, Гиевски вели дека тоа не точно, затоа што во пракса кога се намалува бројот на часови според модуларниот пристап некои од наставниците ќе земат помала плата, а некои и ќе бидат вишок во училиштата.
„Во просек имаме по 4 паралелки во едно училиште, имаме по два часа во неделата во 6,7,8 и 9 одделение. Што значи дека во едно училиште со 4 паралелки во генерација еден наставник по географија има 32 часа наставни неделно. Најчесто во училиштата има по двајца наставници по географија. Со воведување на новата програма ќе излезе дека околу 20 наставни часови ќе треба да има по географија, што значи ќе се намали фондот на часови и еден наставник ќе биде вишок“ објаснува тој.
Гиевски кој е и член на Независниот синдикат за образование, објаснува дека засега нема јасни насоки од надлежните кој наставник што ќе предава во шесто одделение. Според модуларниот пристап од новата концепција еден наставник по биологија во предметот природни науки за своите теми ќе предава најмногу едно полугодие.
„ Да речеме на пример ако предава прво полугодие во шесто одделение, тогаш може да предава во второ полугодие во седмо одделение. Но, тоа е тешко да се направи распоред. Ние сега имаме проблеми да направиме распоред со просторот, а не пак со таков модуларен пристап. Тоа се тие проблеми кои надлежните институции кога ја замислувале концепцијата во некоја канцеларија затворени немале никаков пристап до реалноста и контакт со просветните работници“ вели Гиевски.
Тешкотии во спроведување на реформите
Неговиот колега кој предава историја во битолско училиште Васко Гичевски вели дека модуларниот пристап е целосно непрактичен и неспроведлив во македонскиот систем.
„Модуларниот пристап значи дека наставниците додека не им дојде темата на ред, ќе висат на закачалка? Што ќе правам јас додека дојде на ред мојата тема? Ќе се вртам низ школо со низа измислени изборни предмети, кои во суштина не се избираат, туку училиштето ќе нуди предмети на наставниците кои немаат доволно часови и од тие неколку децата ќе избираат. Тоа не е избор туку базична принуда, како демократија и избори во еднопартиски систем“ објаснува тој.
Во објавената наставна програма на Бирото за развој на образование за шесто одделение е наведено дека предметите техничко образование и информатика се спојуваат во еден предмет.
Делот од програмата наменета за општествените науки и што точно ќе биде опфатено во неа уште не е објавено на веб страницата на Бирото за развој на образованието. Опозицијата вели дека доцнењето на овој дел од програмата укажува на несериозниот пристап кон реформите кои сака министерството за образование да ги спроведе.
Наставниците велат дека надлежните им најавиле дека во општествените науки ќе има спојување на географија, етика, историја и граѓанско образование, за наредните генерации во 6,7,8 и 9 одделение наречено како историја и општество, со што не е јасно дефинирано кој наставник колку часови ќе има за овие предмети.
Дополнителна енигма за наставниците е и одредување стандарди за оценување по предметите кои се спојуваат. Наставникот по историја Гичевски вели дека оценувањето по предметите кои се спојуваат во еден ќе се сведе на средна оценка.
„ Бидејќи ако јас предавам само една тема, апсолутно не сум компетентен да оценам како се развивал ученикот и колку знае од другите теми. Ако некој ученик има петка историја, тројка географија и четворка пограѓанско, тогаш на крај година би имал средна оцена. Многу добар 4. Ова не е оценување, ова е чист формализам, посилен дури и од оној кој го има денес. Притоа вие правите немерена штета за детскиот развој, за науките воопшто. Нејсе за тоа говорам 3 години скоро и нема да ми се смачи“ вели Гичевски.
Од министерството за образование велат дека предметот Етика во религиите ќе остане изборен предмет како досега. Тоа значи дека освен задолжителните предмети учениците ќе имаат два изборни предмети - втор странски јазик и слободни изборни предмети.
„Бирото за развој на образованието позитивно одговори на барањето на Министерството за образование и наука, овој предмет да остане во системот на основно образование и да биде избор за учениците и родителите кои сметат дека оваа тема е соодветна за периодот од животот на децата кога тие се градат како личности и стекнуваат морални вредности“, се вели во соопштението од Министерството.
Но, во програмата на Бирото за развој на образование за шесто одделение изборните предмети не се наведени во листата на предмети.
Уште нема учебници
Училишната година е речиси при крај, а во основното образование и натаму нема учебници по многу предмети. Не се изработени учебници за предметот општество и англиски јазик за децата од прво до четврто одделение, трето одделенците за предметот работа со компјутери немаат нити учебници нити пак компјутери. Доцнеа повеќе од половина година учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение.
Најавени беа и дигитализирани материјали за основно образование, но засега има само видеа на јутјуб канал со наставници кои по старата програма предаваат часови.
Новата концепција во основното образование ја промовираше претходната министерка за образование Мила Царовска која тврдеше дека ќе донесе квалитетен влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации. Новиот концепт беше изготвен во март 2021 година од работна група од 12 члена, според кои таа обезбедува настава ориентирана кон продлабочено и смислено учење базирано на критичко мислење и логичко заклучување.