Достапни линкови

Ако се плашиш да не ти падне таванот врз глава, учебниците не се проблем


Ученичка во средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола беше полесно повредена кога падна таванот во училишните тоалети.
Ученичка во средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола беше полесно повредена кога падна таванот во училишните тоалети.

Ученичка во средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола беше полесно повредена кога падна таванот во училишните тоалети. Ако имаме проблем со безбедноста, тогаш воопшто и не е битно што нема учебници, коментираат граѓаните на социјалните мрежи. Други прашуваат како има пари за коли, а нема за книги. Трети, пак, велат – со оглед на грешките, децата нема да изгубат многу.

Има пари за скапи службени коли и ручеци, има за сомнителни тендери, а децата ќе бројат гравчиња како во 19 век. Изјавата на министерот за образование Јетон Шаќири дека нема пари за печатење на сите учебници предизвика бура реакции во јавноста.

„Според податокот кој сега го имам, не верувам дека целосно можеме да го затвориме стручното образование со учебници зашто се работи за многу предмети. Реално, за средното образование немаме за сите предмети. За основното се обезбедени за сите предмети и за новата концепција и делот што останува за средното образование ќе се надополнува“, рече Шаќири за ТВ Сител.

Министерот потоа се дообјаснуваше дека не бил убаво разбран - има пари за учебници за основно и средно образование, но проблем е стручното образование, зашто има многу предмети, а во нив имало промени и надополнувања. Министерството потоа соопшти дека ќе се печатат етапно. Педагошката служба во 2022 година одобрила стотина учебници за средно образование, а за голем број предмети, постапките за изработка и одобрување на учебници е во тек.

Дел од граѓаните, пак, велат какви грешки има во учебниците, поарно и да не се печатат.

Јавноста бурно реагираше на грешките во учебникот по историја за петто одделение во кој пишува дека Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија и дека највисокиот врв на земјата Монт Еверест е висок 29 илјади метри, наместо 8849 метри.

Други, пак, велат дека учебниците се најмал проблем во образованието. Преживувањето е главниот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираше дека Министерството за образование има буџет од 450 милиони евра, а изјавата на министерот е доказ дека приоритет на владата не е образованието, туку криминалните тендери.

Премиерот Димитар Ковачевски потоа ги повика граѓаните да не се грижат, зашто тој лично ќе се потруди да бидат обезбедени сите учебници бесплатни за учениците.

Учебната година и онака завршува за два месеци, па веќе не е прашање дали ќе има книги за оваа, туку за наредната година. Тендерот за учебници по англиски јазик беше распишан дури овој месец, пред крај на учебната година.

Основците од прво, второ, четврто и петто одделение го завршија првото полугодие без учебници. Тие почнаа етапно да им се доставуваат дури пред крајот на полугодието. Поради тоа што учебниците не беа испечатени на време, децата добија привремени материјали за учење за чие печатење државата потроши 640 илјади евра. Проблемот со овие четири одделенија настана зашто за нив се воведе нова концепција на основно образование, па требаат и нови учебници.

Не доцнат само учебниците. Крајот на минатата учебна година ги затекна надлежните на 10 јуни па децата не добија свидетелства за завршено образование, зашто тендерот доцнеше и не беа на време испечатени. Свидетелствата за претходната ги добија на почетокот на оваа учебна година.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG