Спировска - Нема правда што очајно ја посакуваме и очекуваме

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Спировска - Си ги платив прекршочните пријави за учеството во Шарената револуција

Најмногу ми пречи тоа што не се воспостави нов систем со кој ќе се дојде до правдата што толку очајно сите ја посакуваме и ја очекуваме, вели актерката Симона Спировска која беше во првите редови на „Шарена револуција“. Наместо правда, вели таа, сега има дежурни кривци кои се шетаат од ќелија до суд, од суд до домашен притвор во зависност од потребите на Судот, Владата или Парламентот. Aктерката во неделното интервју на Радио Слободна Европа зборува за тоа што се смени на подобро, а што на полошо? За тоа што остана од паролата „Нема правда, нема мир“, за интересот за сите власти за МКЦ и за независната театарска сцена.

Поминаа повеќе години од твојот рецитал на „О, пресветол Николај“ пред Собранието на протестите на Шарената револуција. Од денешен агол, што се смени на подобро, а што на полошо?

За да си ги конкретизирам што полошо и што подобро секогаш ми текнува на настани, иницијативни, односно примери врз кои можеме да зборуваме за овие две теми. Ајде да почнеме со убавата. Прво воспоставување на малите групни домови, односно затворање на големите домови за деца без родители кои не ги штитеа сопствените штитеници, потоа колективниот договор за култура, прогласување на Шар Планина за национален парк, прв после 70 години, Законот за заштита од дискриминација, тоа се тие работи што ми текнуваат сега. И сега кога вака размислувам, тоа се сè некакви изблици, ова не се резултати на променет систем, на воспоставен нов систем на вредности кој ќе овозможи ова да не биде изблик, туку да се развива во континуитет и да предизвика лавина од други вакви позитивни примери.

А негативни - сè она што не се сменило на подобро, сметам дека се сменило на полошо, многу е малку веројатно да остане исто, речиси неверојатно, зошто ние сме постојано во движење, нештата постојано се менуваат. Она што не се сменило на подобро многу е веројатно дека се сменило на полошо, бидејќи наследениот систем на корупција и неправда, ако не се промени во систем во кој нема корупција и има правда, тогаш ќе се продлабочи и ќе стане полош.

Што е она што најмногу ти смета од денешна перспектива?

Од денешна перспектива најмногу ми пречи тоа што не се воспостави нов систем со кој ќе се дојде до правдата што толку очајно сите ја посакуваме и ја очекуваме. Тоа што има дежурни кривци кои се шетаат од ќелија до суд, од суд до домашен притвор и обратно во зависност од другите одлуки на Судот или од одлуките што ги носи Владата или од одлуките изгласани од Парламентот, без разлика, за да се прикрие нешто постои дежурен кривец, во последните години тоа е Миле Јанакиески кој што се шета до суд до дома, од дома до притвор, од притвор во домашен притвор во зависност од потребите.

Видете и ова: Милчин - Македонија е конфедерација на арамиски гнезда


Во тој контекст една од паролите на протестите на Шарената револуција беше нема правда нема мир. Има ли правда?

Па Стевче е градоначалник на Карпош, мислам дека нема правда. Стевче не требаше да биде градоначалник, тој е еден од тие коишто требаше да одговараат. Тој човек денеска е градоначалник на Карпош.

Зошто на партиите им е важен Младинскиот културен центар(МКЦ)?

Мислам дека им е важен од неколку причини, првите две се заради финансиски причини и заради идеолошки. Заради идеолошки причини, сметам дека МКЦ секогаш, во секое владеење, барем во последните 20 години, бил место на развој на слободната мисла и на иницијативни кои подоцна придонесувале за поголеми општествени достигнувања. А финансискиот аспект, ова единствената институција од областа на културата која работи без загуба, која има континуирана програма и која опфаќа повеќе сегменти од областа на културата. Мислам дека тоа се двете главни причини.

Во изминативе пет години се сменија најмалку тројца министри за култура, колку во нивните стратегии имаше место за проекти за независната сцена?

Во стратегиите има место, но на дело тоа не се случува. Уште во времето кога министер за култура беше Алаѓозовски се воспостави соработка со независната културна сцена и таа соработка требаше некако да продолжи и да се развива, не само да продолжи, меѓутоа тоа некаде застана, не велам дека отсуствувам, но не се случи очекуваниот развој. Уште тогаш, се сеќавам, беше предочено дека на независната културна сцена и фали простор, повеќе физички простор, и фали место каде што ќе може да се реализираат настани. МКЦ нема доволно денови во годината за да ги реализира сите настани кои треба да се поддржат, а се дел од независната културна сцена, затоа сметам дека фали повеќе таков простор.