Интересот за игри на среќа во Дебар е голем, а меѓу оние кои ги полнат кладилниците се и корисници на социјална помош.
Добивките од игрите на среќа директно влијаат врз укинувањето на правото на социјална помош. За жал бројот на лицата кои се во социјален ризик, а ги губат тие права поради учество во игрите на среќа е во пораст.
„Со новиот закон секојдневно добиваме информации за состојбата на лицата со социјален ризик како од УЈП, така и од други министерства и агенции за евентуалната промена на имотната состојба. За жал, поради добивка од игри на среќа има социјалци кои го губат ова право. Законот е стриктен и често имаме случаи кога семејствата го губат оваа право. Ние многу пати информираме за оваа состојба, но сепак за жал социјалците учествуваат во игрите на среќа“, вели Крешник Пачуку, директор на меѓуопштинскиот Центар за социјални работи во Дебар, кој ги покрива општините Дебар и Центар Жупа.
Видете и ова: Заштита на децата или стимулирање на нелегалното коцкањеПо укинувањето на правото на социјална помош, семејствата кои ги губат овие права често пати излезот го гледаат во користењето на храна од народната кујна.
„Ние во народната кујна, која е во склоп на Центарот за социјални работи во Дебар, даваме дневно топол оброк за 120 лица, односно за 54 семејства во социјален ризик. Во деновите од викендот сабота и недела на корисниците им даваме сува храна. Има зголемени барања и се трудиме да се обезбеди оброк повеќе.“
РСЕ: Дали барањето за зголемување на бројот на оброци е доставен до соодветното министерство?
„Да, доставено е барањето и ние бараме 150 топли оброци, бидејќи има зголемен број на побарувања, но одлуката ја носи министерството, ние сме во очекување“, вели Пачуку.
Само на главната улица во Дебар има осум кладилници и казино клубови, кои во секој момент имаат посетители, меѓу кои голем е и бројот на лицата кои се членови на семејства со социјален ризик.