Во работните простории на шефот на државата, Вилата Водно, вечерва претседателот Стево Пендаровски, претставници на Здружените граѓански иницијативи и организации, министерот за животна средина Насер Нуредини, неговиот заменик Јани Макрадули, директорот на Државниот инспекторат за животна средина Фејзула Спахија, заедно со редовниот состав на Советот за безбедност дискутираа за темата аерозагадување.
Претседателот Пендаровски оцени дека главната идеја била реализирана, а тоа рече е кревање на јавната свест.
„Никогаш досега во историјата на земјата на олку високо политичко ниво не е разговарано за овој проблем. Граѓаните преку невладините организации имаа можност да бараат отчет од оние што се платени за ова да го работат, да кажат што сметаат за досегашните мерки и да сугерираат што треба да се преземе понатаму“, рече Пендаровски.
Аријанит Џафери од Еко-герила, еден од присутните активисти на седницата, пред да влезе на неа рече дека доаѓаат со четири барања набројувајќи ги: забрана за увоз на отпад, преразгледување на сите елаборати за хидроцентрали во заштитени подрачја, полициска поддршка на испекциските контроли за животна средина и контрола на дивоградби.
На излегување од седницата, пак, Душко Груевски од Коалицијата Еко фронт – Битола рече дека очекувале оти ќе се донесат решенија како што беше и средбата, на највисоко државно ниво, но скептици биле дека веднаш ќе се пристапи кон решавање на проблемите
„Но, за среќа, беа министерот и заменик министерот за животна средина и тоа како имаше некои добри конфронтирања околу тоа што досега не се презеде и сметам дека ќе се искористи овој период предизборен, изборен, за да може потоа да спласне ситуацијата, но можам да ве уверам дека повеќе нема да прифаќаме какви било состаночења. Мерките се на маса, ако се желни нека ги применат“, рече Груевски.
Видете и ова: Како граѓаните би го решиле аерозагадувањето?Пендаровски пак нагласи дека Советот за безбедност е советодавно тело на претседателот. Тој додаде дека владините претставници тврделе и поткрепиле со факти дека на ова поле во последниве 15-20 години не е направено повеќе, а дека треба да се работи уште, но невладините тврделе дека не е доволно. Немаше расправии, зајадливи коментари и непочитување на другата страна, нагласи шефот на државата.
„Во заштита на животната средина не може да се постават рокови оти нема крајна цел. Дури и државите кои отишле најдалеку, дури и оние кои трошат милијарди за заштита на човековата околина и таму нема, ај сега завршивме и можеме да одиме дома да одмараме. Во таа смисла не можам да видам како би се поставил рок. Меѓутоа имаше разговори за конкретни случаи како на пример ОХИС со линданот во кој имаше доста совпаѓање во разговорите меѓу двете страни “, рече Пендаровски.
Инаку, во првиот од седницата на Советот за безбедност се разговарало за македонските војници во БиХ, Либан, Авганистан и на државните граници. Оцекната, рече шефот на државата е и дека Оперативно-техничка агенција (ОТА) е на ниво на задачата и работите околу нејзиното екипирање се одвиваат со посакуваното темпо, иако е формирана пред само година и пол.
Од стандардниот состав на Советот за безбедност, отсутни биле само двајца, претседателот на Собранието Талат Џафери поради обрвски во Парламентот и професорот Трајан Гоцевски од здравствени причини. Дополнително поканети на седницата, навдор од редовниот состав, биле, како што информира Пендаровски, директорите на Агенцијата за национална безбедност, на Агенцијата за разунавање и на ОТА, како и началникот на Генералштабот на АРМ.