Додека државата е фокусирана врз решавање на прашањето со Бугарија и интеграцијата во Европската унија (ЕУ), за граѓаните и бизнис заедницата главен приоритет треба да биде зголемувањето на животниот стандард, кратењето на јавните трошоци и повисоки плати.
Поголем дел од граѓаните сметаат дека ниските плати и пензии се најголем проблем со кои во моментов се соочува државата. Надворешно политичките прашања се важни, но државата 30 години се обидува да ги реши и тоа и натаму трае, вели за Радио Слободна Европа скопјанката Зорка Аврамовска.
„Треба луѓето да живеат овде, а не да бегаат надвор од Македонија. Платите се најважни, бидејќи сите млади побегнаа. Овде останаа само возрасни луѓе“, вели Аврамовска.
Платите и пензиите се егзистенцијално прашање кое најмногу ги загрижува граѓаните, вели Драган Ѓорговски.
„Прашањата со интеграциите и со соседите политичарите треба да го решаваат на повисоко ниво, но приоритет мора да бидат егзистенцијалните прашања“, вели Ѓорговски.
Некои граѓани, кои ги анкетиравме рекоа дека треба да се решаваат и двете прашања паралелено. Но, истражувањето на Националниот демократски институт (НДИ) објавено на 6 јуни покажува дека над 27 проценти од граѓаните сметаат дека животниот стандард е главен проблем во државата, за разлика од помалку од 7 проценти кои велат дека тоа е решавањето на прашањето со Бугарија и над 8 проценти за кои приоритет е интеграцијата во ЕУ.
Видете и ова: НДИ – Ниските плати, високите цени и корупцијата се најголеми проблеми на граѓанитеОвие бројки не се изненадувачки, ако се погледне дека политичарите, решавајќи регионални проблеми, заборавија на домашната економија, коментира економскиот аналитичар Арбен Халили.
Според него, за економијата да може да заживее клучно е да бидат реализирани капиталните инвестиции. Така, вели тој, ќе има повеќе работни места за работниците и со тоа тие ќе имаат подобар животен стандард.
„Со празен стомак не може да се прави голема политика. Но, ако луѓето, како што покажуваат анкетите, бараат подобар животен стандард за нивните семејства, тоа подразбира дека тие имаат желба да останат тука, а ако останат тука стопанството ќе има добра бројка на потенцијални работници во иднина“, вели Халили.
И бизнис заедницата бара државата повеќе да се залага за економска дипломатија, наместо за политичка. Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески на 8 јуни изјави дека политичката ситуација во државата „многу лошо се одразува врз бизнисот“. Но тој апелираше и државата да штеди повеќе за да му помогне на бизнисот, особено преку спроведување на строга контрола на трошењето на буџетските пари.
„Да се укинат управните одбори во институциите кои ги има вкупно 1 320 со 129.000 вработени, да се спречи нерегуларното користење на службените возила со воведување посебни регистарски ознаки, да се ревидираат неработните денови и да се разбудат корективите на власта“, рече Азески.
Кога станува збор за јавните трошоци, државата до крајот на годината ќе потроши дополнителни 15 милиони евра само за повисоките плати на функционерите кои неодамна пораснаа за 78 проценти. Покачувањето на платите на функционерите се случи по одлуката на Уставен суд.
Видете и ова: Хаос со платите, функционери со над 2 илјади, наставници со 200 евра платаМиле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија вели дека граѓаните гледаат каков животен стандард имаат функционерите, додека истовремено стандардот на работниците во јавниот и приватниот сектор е се понизок.
„Очигледно е незадоволството и на граѓаните и на бизнис заедницата. Треба суштински да се работи на намалувањето на трошоците и на олеснувањето на водењето на бизнис. Ние како Бизнис-конфедерација не сме поборници на недогледните барања на субвенции и одредена помош. Ние сме поборници на олеснување на процедурите за водење на бизнис и за подобрување на бизнис климата. Така ќе останат повеќе пари во економијата“, вели Бошков.
Голем број луѓе се незадовлни од зголемувањето на платите на функционерите и од другите трошоци кои ги прави државата. Тие се жалат дека не можат да го преживеат месецот, и покрај тоа што просечната плата во државата бележи зголемување и изнесува 34.925, според податоците на Државниот завод за статистика.
Зголемување имаше и на минималната плата од 18.000 на 20.175 денари, но синдикатите велат дека над 90 проценти од вработените во администрацијата сè уште заемаат пониски плати, кои во просек се помалку од 23.000 денари, во услови кога инфлацијата во Македонија е скоро 20 отсто, а потрошувачката кошничка изнесува нешто под 50.000 денари (813 евра).