Достапни линкови

Пешевски: Нема цена што ќе натера градежен работник да работи 60 часа неделно


Пешевски: Владата води социјален монолог
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:29 0:00

Пешевски: Владата води социјален монолог

ССМ ќе ја оспори законската одлука со која работната недела би траела повеќе од 40 часа, уверува претседателот на Синдикатот за градежништво, Иван Пешевски. Во неделното интервју за РСЕ, тој порачува дека имаме доволно домашни работници за изградба на автопатите и нема потреба да увезуваме.

Господине Пешевски, проектот за изградба на автопатите стана најактуелно прашање, што поради низа недоречености, што поради непопуларните измени на законот со кој работната недела ќе биде продолжена за 60 часа. Што како синдикат ќе направите доколку се донесат измените за подолга работна недела?

Тој предлог нема да направи 60 часовна, туку ќе направи 72 часа работна недела. Досега имавме едно изборено право пред 137 години за кое што навистина паднало крв и луѓето се избориле да работат осум часа, осум часа е за одмор и рекреација, за да ги наполнат батериите и утредента да бидат исто така продуктивни и осум часа. Меѓутоа нашата Влада дефинитивно смета дека треба да ги врати македонските градежни работници во робовладетелство и феудализам и да работат од 40- 60 како редовни часа плус 12 часа можеби да се плати како прекувремена работа. И да биде трагедијата уште поголема, за новиот закон за работни односи преговараме повеќе од пет години и никогаш ни на Економско- социјален совет, ни во работните групи не беше споменато дека може да има ваква брза измена. Ова се случи откако го видовме потпишаниот договор во четири очи помеѓу „Бехтел и Енка“ и нашите владини претставници: премиерот, вицепремиерот, министерот за траснпорт и врски итн. Повторно како Сојуз на синдикати на Македонија и Синдикат за градежништво ќе бидеме принудени да ги оспоруваме тие членови пред Уставниот суд каде што веруваме дека повторно Уставниот суд ќе ги донесе истите заклучоци, истите одредби, истите одлуки, бидејќи навистина е невозможно во еден сектор со сите работни места кои сами по себе се со висок степен на ризик и луѓето се изложени на надворешни влијанија 24/7 во текот на неделата, да работат по толку часови за сметка за некакви си средства. Тие средства однапред не можеме да ги видиме бидејќи станува збор за увезени работници. Значи ние финансираме проекти со домашни средства, а тие средства од прекувремени часови, плати или сами по себе компанијата ќе ги наплати, дали е тоа Америка или Турција итн, повторно нема никаков дел од колачот да видат ниту домашните компании, ниту домашните работници.

Имате ли проценки колку градежни работници би се согласиле да работат прекувремено за побрзо да се изградат патиштата?

Знаете како, согласноста која ја кажува и министерката за труд и социјална политика сама по себе е неуставна. Вие како работник не можете да се согласите да работите толку дури и ако сакате. Значи нема цена што може вас да ве плати да работите по 72 часа неделно со било каква согласност сама по себе. Таа е неуставна и повторно ние ќе ги оспоруваме тие согласности, изјави или што и да потпишат работниците. Невозможно е повеќе од 50 часа неделно да се работи во секторот градежништво бидејќи она што го гледавме во минатото, тоа се повредени работници, паднати работници од скелиња, загинати на самите автопатишта, тоа се повторно ќе кажам со висок степен на ризик работни места каде што луѓето се изнемоштени и за 8 часа, а не пак за прекувремени часови. Она што требаше да го предвиди владата и да има фер услови за сите како за домашните работници така и за странските, е да се воведе работа во смени, тоа никој не ги ограничува. Можеби ќе чини повеќе тој автопат, меѓутоа пак ќе кажам нема цена човечкиот живот. Од друга страна, согласноста што треба да ја потпишат работниците во старт е неуставна. Повторно ќе кажам, како синдикат ќе ја оспоруваме и ќе пријавуваме секако во државниот инспекторат за труд, меѓутоа за нас најголем страв постои бидејќи државата е најголем инвеститор во овие автопатишта и дека таму нема да има никаква контрола од страна на државниот инспекторат за труд.

Имате ли вие повеќе информации за тоа што содржи договорот и кои ќе бидат бенефитите за домашната економија и за градежниот сектор од овој проект?

Немаме подетални информации од договорот. Она што го имаме како информација исто како и вие од другите медиуми или како што кажуваше опозициската партија имаме информација од свиркачи, ние такви луѓе немаме и навистина не не интересира политика во тој дел. Не интересираат човечките животи, безбедноста и здравјето при работа и обезебедување пред се работа за домашните работници. Од она што досега откога е потпишан договорот и од отворање на ленти и ангажирање на одредени компании и работници имаме информација дека не се ангажирани домашните компании. Мора за вашите гледачи да потсетам дека Македонија е обврзана спрема тие ЕУ директиви и меѓународни конвенции кои што ги има ратификувано, една од нив е конференцијата 94 на МОТ, која што обрзува согласно законот за јавни набавки да 51% бидат домашни компании, 51% бидат домашни ресурси итн, меѓутоа од првите проекции што може да видиме нема ни 30% ништо од домашната работна сила или домашните ресурси. Како може да очекуваме дека ќе имаме напредок и во домашната економија или во подигнување на БДП-то... Ова ако земеме предвид дека немаме предвидено трошоци за експропријација, пред се немаме ниту проект, туку Бехтел и Енка граделе наводно на лице место проекти со работници, можеби според нашите претпоставки ќе биде и преку 2 милијарди евра овој коридор 8 и 10-д заедно, а тоа е навистина за една економија како нашава, огромна давачка или народен долг ќе биде тоа до не знам која наша генерација, бидејќи за сто километри автопат да се задолжите две милијарди евра е навистина голема сума и повторно е знак прашалник дали ќе ги возиме тие патишта и дали во догледна иднина и откако ќе се изградат ќе имаме бенефит назад да ги повратиме како држава тие средства.

Во изминатите три години постои двоцифрено намалување на работната сила во скоро сите сектори. Градежништвото е еден од најпогодените. Што конкретно придонесе за падот во бројот на работници? Дали е платата единствената причина за големиот одлив?

Да. Ако треба да го одговорам прашањето со да или не, да, бидејќи условите за работа да не се лажеме, секаде се исти. И во Германија и во Италија и во во Шведска каде и да заминете вие летно време грее сонцето, зимно време паѓа снег, меѓутоа платите се навистина мизерни. Согласно последната статистика 26.00 денари е една плата просечна на градежен работник во ниска градба. Високоградбата бидејќи прават тие компании повеќе профит, па и повеќе ги наградуваат вработените, стигнаа до 29.000 денари, согласно статистика, а ако разговарате вака на терен ќе ви кажат градежните работници дека нема испод 40.000 денари плата во градежништво, меѓутоа да не заборавиме дека токму секторот градежништво се уште има најголема нелојална конкуренција и најголем дел од работниците се уште работат на надници и земаат плата во плик тоа е нешто што треба државата и механизмот на државата односно инспекциите да го спречат, да го стопираат и да го довдат во ред меѓутоа за да има според нас социјален мир оставено е онака како што го гледаме на терен не се знае кој јаде кој пие по градилиштата, ниту се почитува закон за работни односи, ниту закон за безбедност и здравје при работа, а кога ќе отиде инспекција повторно вината е на грбот на работникот, никогаш на тие работодавачи кои знаеме како се стекнаа со милионски суми профит наназад години.

Изминатиот период сме сведоци на низа протести за повисоки плати. Штрајкуваа вработени во ДИЦ, здравствени работници, културните работници, вработени во УЈП итн. Некои добија зголемување, некои се уште не. Ќе ги добијат ли незадоволните работници посакуваните плати?

Во минатиот период се покажа и докажа дека со протести и штрајкови навистина може да се остварат голем дел од правата од работен однос меѓу кој најважното за нас платата бидејќи на крајот од денот сите дома ако не однесеме за семејството нешто за што сме работеле во месецот. Она што може статистички да го видиме е дека навистина многу порасна минималната плата, имајќи ја предвид откога е донесен законот во 2012 година дупло и повеќе е заголемена минималната плата автоматски растеше и просечната, но кај нас некако предвреме беа изедени платите од инфлацијата затоа што 15% инфлација не значеше ништо за тоа зголемување што ние го баравме од 1 000, 2 000, 3 000 денари. Во последниов период се разговара и за нов општ колективен договор за јавен сектор кој што треба да ги уреди платите во јавниот сектор бидејќи некако во приватниот поради тоа што немаше доволно кадар и работници па природно беше да се покачат платите за да се задржат тие работници, меѓутоа за ваше потсетување доколку државата немаше пари, сама по себе немаше сигурно да потегне спор па на Уставен суд да се донесе одлука за нивно зголемување на 80% наспроти нашите 80% зголемување на работно време, а платите да ни бидат исти. Така што како претставници на Сојузот ќе ги повикаме повторно да ги работат истите работи да има и пратеници и министри и вицепремиери и се меѓутоа нека влезат еден ден во чевлите на работникот нека работат за минимална плата за 60 часа, а понатаму повторно да носиме заедно одлуки на Економско-социјален совет и да продолжиме да работиме ако сакаме навистина да помогнеме на економијата и на домашниот работник. Тоа не се спремни да го направат затоа што велат исто одлуката на Уставен суд е конечна, добро им дојде што им легнаа преку 2 000 евра плата на сите пратеници и именувани и избрани фунцкионери, а системот за плати, ќе кажам јавно, кој што го предвидува министерот за финансии е да почне од 2024 година и можеби две илјади денари ќе се зголеми минималната плата заклучно 2028 година, тоа е како да треба да хибернираме пет години, да не јадеме ништо па после пет години да можеме да кажеме дека навистина се доволни за живот 22 или 25.000 денари плата.

Целото интервју во кое Пешевски зборува и за социјалниот дијалог со Владата и протестите на работниците за повисоки плати, може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG