Достапни линкови

Првомајски протести - Ќебапче за работникот, бифтек за функционерите


Први мај - ден за борба за работнички права а не за скара и гозба, транспарент на протест на работници, ССМ
Први мај - ден за борба за работнички права а не за скара и гозба, транспарент на протест на работници, ССМ

„Прекувремената работа ги убива работниците, ќебапи за работниците, а бифтеци за функционерите, пратениците нека работат 60 часа неделно“. Ова се дел од пораките на двата синдикални протести во Скопје кои се оддржаа пред Владата по повод денот на трудот Први мај.

По сто и педесет години битката за основни работнички права во земјава се враќа отпочеток, со барање за ограничување на работното време на 40 часа неделно. Синдикалците кои денеска излегоа на протести пред Владата за одбележување на меѓународниот Ден на трудот велат дека нема да дозволат властите да го вратат македонскиот работник во 19 век со 60 часовна работна недела. Тие најавија сидникална пролет со редовни протести ако законските измени поминат во Собрание.

Причина за тоа се обврските што произлегуваат од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратегиски партнер за примена на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридорот 10, усвоен во јули 2021 година, и Договорот за нивна изградба што Владата го потпиша со конзорциумот „Бехтел и Енка“. Во центар на незадоволството се предложените измени во Законот за работни односи (ЗРО), со кои се предлага работно време подолго од 40 часа неделно за потребите на изградбата на коридорите.

„Не ми се сликајте со шлемови и елечиња. Дојдете со нас во први редови да видите како на јако сонце се издржува, како вие што мислите во вашите удобни фотелји, да видите како изгледа да се работи прекувремено. Како не ви е срам за лебот што го носите дома од потта на овој работник што ви ги праќа овие пораки. Ајде македонски работник исправи се и речи доста е кршење на кичмата овие 32 години,“ изјави претседателот на синдикатот за градежништво Иван Пешевски кој пред портата на Парламентот остави еден шлем.

Синдикална пролет или синдикален пекол- синдикатите со најави за протести

Работниците се лути на функционерите кои си добија покачување на платите за 78 отсто, а минималната плата ја зголемуваат за 2.000 денари. Тие при говорот на Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, викаа „уа“ додека тој говореше за функционерските плати.

„Денес ќе им се обратиме на оние кои си ги покачија платите за 78 проценти а нас не убедуваат дека 2.000 денари се доволни. Е па не може вака. Мора да добиеме и ние покачување за 78 отсто, исто како нив. Ќе им се случи народ бидејќи не се грижат за работниците“, рече Димовски.

Според синдикални пресметки, еден функционер со новата плата може да покрие две ипол синдикални минимални кошници, односно само со една плата може да обезбеди неопходна месечна егзистенција за 10-члено семејно домаќинство. Во исто време, работниците се борат како да го поминат месецот до крај и тоа само за купување на најнеопходните производи.

„Мора да се изедначиме, не можеме да прифатиме ништо освен иста пресметка на плата како што си ја земаа они сами,“ коментираше еден од синдикалните претставници пред Владата.

Инфографика - Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023
Инфографика - Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023

Синдикатите повикаа на протести секој ден затоа што,како што сметаат, без демонстрации работникот нема да добие тоа што му следува. Пред владиата сканидираа „лопови, лопови“.

„Ова мора да биде почеток на една синдикална пролет, затоа што нема да има кој да ги лечи, нема да има кој да ни ги образува децата, ќе ни увезуваат работници од странство а што ни фали нас, коментираше еден од синдикалните претставници.

Синдикални протести во различни термини!

Два часа претходно до Владата на протести пристигнаа и членовите на Конфедерција на слободни синдикати кои доставила слични барања. Тие бараат усогласување на платите. Тие како и нивните колеги се разочарани од одлуката на Уставниот суд со која им се овозможи покачување на платите на назначените функционери.

Она што највеќе ги револтира работниците е што законот важи за функционерите и мора да се почитува, а кога се работниците во прашање со покачувањето кое треба да го добијат од 10 до 17 проценти согласно со растот на минималната плата, никогаш не го добиваат,“ вели претседателот на КСС Благој Ралповски.

Тој за најавите за законските измени со кои ќе се предвиди 60 часовна работна недела предупредува дека најголемата причина за повреди и смртност на терен кај работниците е токму прекувремената работа. Според него ваквите законски решенија се враќање во времето на феудализмот.

Двете најголеми синдикални организации - Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), денеска во различни термини ги одржаа протестите по повод Денот на трудот.

Први мај како Меѓународен ден на трудот е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Се одбележува секоја година во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG