Со загриженост се следи развојот на ситуацијата на Косово

KOSOVO-SERBS/BLOCKADE

Во овој момент нема потреба од свикување на седница на Советот за безбедност, велат за РСЕ од кабинетот на претседателот Пендаровски. Министерството за одбрана цени дека ситуацијата на Косово нема влијание врз безбедноста во земјава. Собранискиот спикер, Џафери ги повика двете страни да делуваат рационално.

Кај македонските власти има загриженост за ситуацијата во северно Косово, но, проценките се дека засега нема потреба по прашањето да заседава Советот за безбедност, кој го предводи претседателот Стево Пендаровски.

Трет ден по ред, Србите кои се мнозинство во општините во северно Косово, ги блокираат патиштата со барикади поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ. Во текот на ноќта, како што соопшти косовската полиција, демонстрантите пукале кон безбедносните сили. Дополнително и Мисијата на ЕУЛЕКС соопшти дека врз нивно патролно возило била фрлена шок бомба.

Видете и ова: Кој одлучува за враќањето на српските сили на Косово - КФОР или Белград?

Од кабинетот на претседателот и врховен командант велат дека Пендаровски е во постојана комуникација со безбедносните служби и е информиран за состојбата во северниот дел на Косово.

„Истовремено, како земја членка на НАТО која има свои војници во мисијата на НАТО во Косово – КФОР, редовно се прават анализи на безбедносните аспекти и состојби во Косово. Во овој момент проценката е дека нема потреба од свикување на седница на Советот за безбедност“, велат за РСЕ од кабинетот на Пендаровски.

Пендаровски за ситуацијата во Косово од прва рака денеска се информираше од претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца. Тој денеска пристигна во Скопје во официјална посета која е претходно договорена.

Пендаровски, според соопштението на неговиот кабинет, на средбата го реафирмирал ставот дека Северна Македонија го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина за изнаоѓање сеопфатно решение, со посредство на ЕУ и САД.

Состојбата на Косово будно се следи и во Министерството за одбрана. Министерката Славјанка Петровска во текот на денешниот ден имала телефонски разговор со полковникот, Агрон Незири, кој е најстар национален претставник во контингентот на Армијата на Северна Македонија, стациониран во Командата на КФОР во Приштина.

Од нејзиниот кабинет за РСЕ велат дека Незири ја информирал министерката дека припадниците на контингентот се распоредени согласно вообичаените планови и се стационирани во регионалната команда Запад на КФОР во Пеќ.

„Министерството за одбрана изразува загриженост за дестабилизацијата на состојбата на северот на Косово и сите активности кои водат кон ескалација на ситуацијата ги смета за неприфатливи. Изразуваме увереност дека мисијата на КФОР е целосно подготвена да ги изврши своите задачи и охрабруваме сеопфатно решение во рамки посредувањето на EУ и САД. Министерството за одбрана цени дека ситуацијата на Косово нема влијание врз безбедноста во Северна Македонија која е сигурна и стабилна“, велат од министерството за РСЕ.

Видете и ова: Косово - повици за мир и осуди за инцидентите и барикадите

Северна Македонија како земја членка на НАТО во мисијата КФОР на Косово има распоредено два вода за обезбедување во состав на мултинационалниот батаљон во Регионалната команда Запад.

Претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, кој беше домаќин на Коњуфца на заедничката прес-конференција, рече дека Северна Македонија дава целосна поддршка за постигнување на конечен договор во дијалогот меѓу двете земји. Според Џафери, договорот за регистарските таблички со посредство на ЕУ е акт кој што влијае на намалувањето на тензиите на северот на Косово и е позитивен знак и поттик за продолжување на преговорите се до нормализирање на односите меѓу двете земји.

„Секако дека стојам на ставот дека и двете страни треба да делуваат рационално за надминување и деескалација на ситуација. За ова соодветни надлежности имаат косовските институции. Секако територијалниот интегритет и суверенитетот на Косово е под мандат на ОН со соодветна резолуција и е доделен на НАТО и имајќи предвид дека ние сме членка на НАТО соодветно учествуваме во контингентот на КФОР во Косово и очекуваме тој мандат до крај и целосно да се изврши и да се обезбеди она што им е дадено во обврска од ОН“, изјави Џафери.

Доколку претседателот Пендаровски цени дека има потреба од средба на Советот за безбедност, Џафери рече дека стои на располагање.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трет ден блокади во северно Косово

Коњуфца за време на посетата на Скопје порача дека постапките на Србија и на претседателот Александар Вучиќ се неприфатливи и нивна цел е дестабилизација и поделба на Косово.

„Ние како народ стоиме сите заедно, обединети во осуда на овие постапки на Србија и во одбрана на слободата и демократијата во Косово. Косово е определено за дијалог и секое отворено прашање да го решаваме преку дијалог. Меѓутоа силно го осудуваме јазикот на омраза, насилство и барикадите кои свесно со знаење на претседателот на Србија се поставуваат во Косово“, рече Коњуфца.

Суштината на планот за нормализирање на односите меѓу двете земји, познат во јавноста како француско-германски предлог, како што посочи Коњуфца, е признавање на независноста на Косово од страна на Србија. Но, според него, постапките во северно Косово се со цел оневозможување на отворање на прашањето.

РСЕ имаше увид во документот, во кој можноста за меѓусебно признавање или членството на Косово во Обединетите нации за што косовските политичари јавно се залагаат, не се споменати. Од крајот на летото, кога им беше предаден на двете страни, овој предлог служи како основа за дискусии на лидерските средби како дел од дијалогот за нормализација на односите.

Видете и ова: Србија ќе бара од КФОР да распореди војска на северот на Косово

Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово, поради незадоволство од одлуката на властите во Приштина за пререгистрација на возилата кои се со српски регистарски ознаки. Во знак на незадоволство оставки поднесоа српски официјални претставници на северот, и на локално и на централно ниво.

Косово потоа се согласи да го суспендира својот план за пререгистрација на автомобили, додека Србија вети дека нема да издава нови регистарски таблички на Србите на северот.

Од саботата попладне, на 10 декември, дел од локалните Срби подигнаа неколку барикади во општините Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток на северот на Косово и блокираа неколку патишта. Претходните денови беа забележани голем број инциденти во регионот, а косовската полиција го зголеми присуството.