Достапни линкови

Тензично мирно на Косово


Северна Митровица, 09.12.2022.
Северна Митровица, 09.12.2022.

Припадник на косовската полиција бил полесно повреден во вооружен напад на северот на Косово, соопшти полицијата на Косово, додавајќи дека нападот се случил доцна синоќа во селото Србовац во општина Звечан. Белград најави враќање на околу 1.000 безбедносни сили на северот на Косово.

Дежурните полициски единици биле нападнати од „вооружени лица од возило Ауди, сива боја и регистерска табличка КМ“, издадена од властите на Србија, соопшти косовската полиција, наведувајќи дека повредениот полицаец бил пренесен во болница.

Нападот се случил неколку часа откако косовската полиција го зголеми присуството на северот на Косово, каде што инцидентите зачестија во последните денови.

Инциденти за време на подготовките за избори на северот на Косово

Набргу по соопштението на косовската полиција, шефот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово Петар Петковиќ одржа итна прес конференција во Белград, наведувајќи дека косовскиот премиер Албин Курти продолжил со „незаконски и насилни акции насочени кон окупација на северот на Косово“.

Тој не даде никаков доказ за своите тврдења. „Белград, во согласност со резолуцијата 1244, ќе го разгледа враќањето на околу 1.000 наши безбедносни сили на северот на Косово“, рече Петковиќ.

Тој наведе дека, според информациите, меѓу 300 и 350 припадници на косовската полиција синоќа влегле во северна Митровица и потоа биле распоредени во делови од градот меѓу населението. Петковиќ наведе дека меѓу косовските полицајци имало и припадници со панцири и специјални единици со оклопни возила.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска пак, соопшти дека во текот на изминатата ноќ и изутрината се сретнал со министерот за одбрана Милош Вучевиќ и со началникот на Генералштабот на српските вооружени сили Милан Мојсиловиќ во врска со ситуацијата на Косово.

„Во текот на ноќта и утрото со министерот за одбрана Милош Вучевиќ и началникот на Генералштабот на српските вооружени сили Милан Мојсиловиќ... Нема предавање“, напиша тој во објава на Инстаграм.

Владата на Косово ги демантираше информациите дека специјални полициски единици биле испратени на северот на Косово. „Се работи само за полицијата, не за која било друга единица“, изјави портпаролот на косовската влада, Перпарим Криезиу за РСЕ.

Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља соопшти дека „по последователните вооружени напади врз полицајци и граѓани на северот“ на Косово, неопходно е зголемено присуство на полицијата. Истовремено, тој апелираше до граѓаните да останат смирени и да соработуваат со косовската полиција.

Дополнителни безбедносни сили во Косовска Митровица
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00

„Последниве денови, по последователните вооружени напади врз полицајци и граѓани на северот од државата, неопходно е да се зголеми присуството на полицијата за да се обезбедат сите граѓани“, објави тој на Фејсбук.

Претходни инциденти

На 7 декември беа фрлени две експлозивни направи во Северна Митровица, а ден претходно имаше инциденти и во Зубин Поток, кога беа демолирани канцелариите на Централната изборна комисија на Косово.

Употребени се огнено оружје и рачни бомби. Во четири општини на северот на Косово - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток - живее мнозинско српско население. Во тие општини се закажани локални избори за 18 декември.

Српската листа, најголемата српска партија на Косово, која има поддршка од официјален Белград, се противи на нивното одржување.

Зошто противење на изборите?

Претставниците на Српската листа, кои водеа четири општини на север, поднесоа оставки на почетокот на ноември, незадоволни од одлуката на Владата на Косово да ги пререгистрира возилата од српски таблички во РКС - таблички на Република Косово.

Во меѓувреме, страните постигнаа договор. Косово се согласи да го суспендира својот план за пререгистрација на автомобили, додека Србија вети дека нема да издава нови регистарски таблички на Србите на северот.

Оставки поднесоа и други српски официјални претставници на северот, и на локално и на централно ниво.

Меѓународната заедница за изборите

Поради неодамнешните инциденти, Соединетите држави побараа Косово да го одложи одржувањето на изборите. Претседателката на Косово Вјоса Османи вчера изјави дека одлуката за изборите ќе биде донесена во рок од два или три дена.

ЕУ подготви нов предлог за односите меѓу Косово и Србија

Советникот на американскиот Стејт департмент Дерек Чолет изјави дека поради тензиите во последните неколку дена, треба да се одложат изборите за претседатели на четири општини на северот на Косово.

„Јасно кажавме дека не е вистинско време за избори со оглед на чувствителноста на моментот и видовме насилство во последните 24 часа. Времињата се напнати и сакаме да се погрижиме да има услови за одржување слободни и фер избори. Косово е мултиетничка демократија, како САД. Затоа сметаме дека овие избори треба да се одложат додека не дојде време кога ќе може да се одржат без да се поттикнува нестабилност и насилство“, изјави Чолет за Гласот на Америка.

Тој додаде дека „САД се горди на работата што ја направија во изминативе 20 години за воспоставување демократија во Косово и ние сакаме да ја поддржиме и зачуваме работата“.

„Ќе бидам таму (во Косово) следната недела и тоа ќе биде една од главните теми во разговорите со претседателот и премиерот додека чекаме да работиме на заеднички пат напред“, рече тој.

Германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде, по последните настани на северот на Косово, исто така побара одложување на вонредните избори за градоначалници на четири општини закажани за 18 декември, објави тој на својот Твитер, наведувајќи дека се согласува со американскиот амбасадор Џефри Ховениер дека тие избори треба да се одложат.

„Очигледно е дека сегашната ситуација сега не оди во прилог на нивното одржување“, напиша тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG