Услов за деескалација на ситуацијата во Косово е формирање на Заедница на српски општини, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој во телефонскиот разговор со потпретседателот на италијанската влада и министер за надворешни работи Антонио Тајани истакнал дека за да се сочува мирот и стабилноста, како и за враќање на Србите во институциите во Приштина, „потребно е да се исполни еден мал и едноставен услов, а тоа е почитување на Бриселскиот договор“, се вели во соопштението од неговиот кабинет.
„Тоа значи дека треба да се формира Заедницата на српските општини, на што Приштина се обврза со потпишувањето пред речиси десет години, а се останато е производ на едностраните одлуки и потези на Приштина“, изјавил Вучиќ во разговорот со Тајани.
Премиерката Ана Брнабиќ вчера изјави дека Србија е блиску до донесување одлука да побара враќање на илјада војници на Косово според резолуцијата 1244.
Еден ден по ваквата најава, не се знае многу дали и на кој начин Србија би можела да го организира евентуалното враќање на своите безбедносни сили на Косово. Ова се случи еден месец откако локалните Срби ги напуштија косовските институции.
Во своите изјави, официјален Белград се повикува на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година.
Што вели Резолуцијата 1244?
Резолуцијата 1244 беше усвоена на 10 јуни 1999 година од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации. Со неа беше одобрено меѓународното, воено и цивилно присуство во тогашна СР Југославија, формирањето на Привремената административна мисија на ОН во Косово (УНМИК), а Косово беше ставено под мандат на ОН.
Во резолуцијата 1244, на која се повикува Белград, се наведува дека на договорениот број југословенски и српски персонал ќе им биде дозволено да се вратат и да вршат одредени функции.
Потоа детално се наведува кои се тие функции - поврзување со меѓународната цивилна мисија и меѓународно безбедносно присуство, расчистување на мински полиња, одржување присуство на местата на српското културно наследство и на главните гранични премини.
Српската полиција и југословенската војска се повлекоа од Косово во летото 1999 година по потпишувањето на Кумановскиот договор, со кој заврши бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија.
Оттогаш, КФОР, мировната мисија на НАТО, е распоредена на Косово.
По новата криза во односите меѓу двете земји, директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, на вонредна прес-конференција на 8 декември, непосредно пред полноќ, изјави дека Србија размислува за враќање на своите безбедносни сили на Косово.
Петковиќ, како и Брнабиќ еден ден подоцна, во својата изјава се повика на Резолуцијата 1244.
Извршниот директор на невладиниот белградски Совет за стратешки политики, Никола Луниќ, за РСЕ изјави дека Белград не може сам да одлучува кога да испрати такви војници и дали сака да ги испрати.
Тој нагласи дека е клучно дали Белград ќе добие одобрение да ги испрати и дека таквата одлука не може да се разгледува без КФОР и ОН.
„Тоа е популистичка изјава која е насочена кон внатрешно политичко мислење, но доста опасна. Ги буди сите националистички инстинкти кај нашиот народ“, рече Луниќ по повод официјалното соопштение на Белград.
Мисијата на КФОР до објавувањето на овој текст не одговори на прашањата на РСЕ за нивниот одговор на соопштението на Белград.
Реакции од Приштина
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, најавата од Белград ја оцени како „отворена закана за полициска и воена агресија од Србија“.
Во својата објава на Фејсбук на 9 декември, таа додаде дека тоа докажува дека „хегемонистичкиот менталитет во Србија продолжува“.
На 9 декември, Ненад Рашиќ, министер во косовската влада од српската заедница, за весникот Данас изјави дека не е сигурен дека КФОР воопшто размислува за опцијата да одобри испраќање до 1.000 безбедносни лица од Србија.
Поранешениот министер за одбрана, Антон Ќуни кој моментално е пратеник во Собранието на Косово, смета дека не постои политичка, правна, морална или историска основа што би го поддржала ангажирањето на српските сили на Косово.
„Ниту еден српски војник нема право да стапне на територијата на Косово. Тие го напуштија Косово како воени злосторници и ние и меѓународната заедница ќе ги третираме како такви во сите нивни напори (да се вратат во Косово)“, рече Ќуни.
Пратениците во Собранието на Косово на 9 декември изразија загриженост за состојбата на северот, додека опозициските партии побараа Владата да биде одговорна за активностите што ги презема.
Централната изборна комисија на Косово синоќа одржа вонредна седница за претстојните избори во четирите општини на северот – се разговарало за безбедноста на изборите.
Дел од западните земји ја повикаа косовската влада да ги одложи изборите закажани за 18 и 25 декември.
Тие, исто така, побараа таа целосно да ја координира секоја наредна акција со Соединетите Држави. Косовската полиција претходно го засили присуството на северот на Косово, каде последните денови се чести инциденти.
Косово прогласи независност во 2008 година, која Белград не ја признава. Сепак, Србија води дијалог со Косово за нормализација на односите под покровителство на Европската унија (ЕУ).