Се проширува списокот на штрајкови за поголеми плати, Владата во „небрано“

Протест на ССМ за Први мај

Пролетното будење на работниците започна откако се зголеми минималецот на 18 илјади денари, но без соодветно покачување и на другите плати. Дел од тие што штрајкуваат и протестираа добија ветувања за повеќе пари, дел се уште си ги бараат правата, а некои добија и без да бараат. Во меѓувреме граѓаните се соочуваат со драстично зголемени цени на храна и енергенси.

Професорите од првиот и најголем универзитет во државата „Свети Кирил и Методиј“ бараат повисоки плати и најавуваат протест или штрајк во јунската испитна сесија, доколку не добијат повеќе пари. Тие своите барања ги испратиле до државниот врв. Велат дека платата на еден доцент на факултет е околу 30 илјади денари, што е помалку од просечната плата која достигна 31 илјада денари. УКИМ бара итно потпишување на колективен договор со предвидените четиригиодишни проекции на покачување на платите.

Незадоволството на професорите е последно во низата протести, штрајкови, предупредувања на разни групи работници, откако во државата беше воведен повисок минималец. Работниците со мартовската плата почнаа да добиваат по 18 илјади денари минимална плата, за 2800 денари повисока од претходно утврдената минимална сума.

Минималецот предизвика серија штрајкови

Уште кога беше донесена одлуката за повисока минимална плата, дел од синдикатите побараа усогласување на останатите плати со минималната и најавија протести и штрајкови.

Први на протест излегоа матичните лекари, на Денот на здравјето, 7 април. Тие побараа решение, за како што велат, наталожените проблеми во здравството. Во исто време предупредувачки штрајк почна и судската администрација, која не работеше два часа во текот на денот. На 11 април стартуваше штрајкот во училиштата и градинките. Штрајкот во „Пошта“ беше ставен во мирување веднаш откако почна. Еден месец штрајкуваат вработените во Управата за матични книги, а со предупредувачки штрајк на почетокот на април се заканија и судиите, но тоа не се случи, а со протест се закани и независниот синдикат на професионални војници.
Некои штрајкуваа на работните места, други работници излегоа на улици и протестираа пред Владата, Собранието, одделни министерства, но не сите го добија тоа што го бараа.

Видете и ова: Сто дена влада - затвори една дупка, отвори друга

Чии барања беа остварени, а кој извиси?

Матичните лекари и по неколкуте протести не добија повисок капитационен бод со што би добиле и повисоки плати. На крај на месецот треба да има нова средба со надлежните од Министерството за здравство и од средбата ќе зависи дали ќе има нов штрајк.

Владата на седница на 25 мај утврди измени на закони со кои повисоки плати ќе добијат правосудниот и обвинителскиот сектор, иако судиите само се заканија со штрајк, а вработените во обвинителството не штрајкуваа. Со измените повисоки плати од 15 отсто ќе добијат и вработените во судските служби, кои штрајкуваа. На истата седница беа прифатени и измени со кои вработените во Армијата ќе имаат дополнителни погодности, меѓу кои и тоа дека платите ќе бидат усогласени со минималната, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал.

Членовите на Синдикатот на вработени во образованието, науката и културата(СОНК), штрајкуваа безмалку три недели со барање да им се зголеми платата согласно минималната. По низа средби и изјави од надлежните дека владата има шест месеци рок за усогласување на платите и дека не е време да се бараат повеќе пари во време на криза, двете страни се договорија за повисоки плати од 15 отсто од септември. Тие се договорија да нема кратење на платите за периодот додека траел штрајкот.
Штрајкот на вработените во „Пошта“ со барање за повисоки плати траеше неколку часа, по што Управниот одбор понуди од 1 јуни годинава линеарно да се зголемат за 3000 денари платите на 1700 вработени од оперативниот дел (поштари, шалтерски работници и други), а од 1 август и на административните службеници.

Видете и ова: Протести наместо скара на Први мај

Цел месец граѓаните не може да извадат извод за родени, умрени или венчаница, оти вработените во Управата за водење матични книги штрајкуваат од 27 април. Тие неколкупати и протестираа пред институциите. Министерството за правда им го прифати барањето за донесување Колективен договор, но финансискиот дел остана да виси, односно нема договор за повисоки плати. Тие протестираа и пред Министерството за финансии, но никој не ги прими. Вработените во матичните служби бараат зголемување на платите за 30 отсто. На крајот на април, синдикатот на матичарите соопшти дека 70 отсто од вработените земаат плата пониска од минималната.

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) во која членуваат вработените во јавниот сектор, најави протести, но по првоодржаниот ги прекинаа, оти како што рекоа се врши притисок врз вработените во јавниот сектор.

Економскиот аналитичар Арбен Халили вели дека барањата на работниците се легитимни, оти цените се драстично зголемени. Сепак, ако се имаат предвид ограничените пари, ќе мора да се намали бројот на вработени за да се зголемат платите на тие што ќе работат, вели тој.

„Но тоа не значи, за жал, дека државата е подготвена да одговори на сите овие барања. Сепак, државата мора да најде клуч, односно решение за за да може и овие луѓе достоинствено да живеат. Државата и синдикатите мора да најдат решение за покачување на платите, но да не биде само ветување, туку со јасно утврдени рокови. Од друга страна, долгорочно, вработените во администрацијата да може да бидат соодветно платени, државата мора да имплементира и конкретна стратегија со која задолжително ќе биде намален вкупниот број на вработени во јавната администрација“, вели тој.

Министерот за финансии Фатмир Бесими неодамна објави колумна во која најави нова методологија со која ќе се прилагодат платите во целиот јавен сектор, по што незадоволство изразија од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и најавија можен генерален штрајк. Од ССМ се незадоволни од тоа што не е исполнето нивното барање за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари во јавниот сектор. Тие бараат итни средби со државниот врв и повисоки плати, а во спротивно најавија генерален штрајк.

Видете и ова: Државата се задолжува, а во иднина или помали плати или повисоки даноци

На економијата, силно погодена од последиците од ковид кризата, се надоврза високата цена на енергенсите на светските пазари, а потоа и војната во Украина. Тоа придонесе до повисоки цени на основните прехранбени продукти, струјата, нафтата. Владата потроши стотици милиони евра за справување со кризата.

За годинава се предвидуваше јавниот долг да се зголеми за 545 милиони евра, но со ребалансот буџетската дупка е продлабочена за уште над 150 милиони евра, па само годинава долгот ќе се зголеми за 700 милиони. Долгот на државата веќе достигна рекордно ниво од над 7,1 милијарди евра.

Минатиот месец, споредбено со април лани, според последните податоци на Државниот завод за статистика, трошоците за живот се повисоки за над 10 отсто повисоки, додека цените на мало се зголемени за над 11 отсто.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Како војната во Украина се одразува врз секојдневието на луѓето?

Во април најголем скок во цената имало маслото за јадење и тоа за 20 отсто, а потоа зеленчукот за речиси 13 отсто. Од Нова година струјата поскапе за 10 отсто, а парното во Скопје за 14 отсто. Народна банка за годинава предвидува инфлација од 8,8 отсто и минимален раст од над 1 процент.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека речиси 452 илјади граѓани живеат во сиромаштија, односно дека е сиромашен секој четврти граѓанин во државата. Најизразена е стапката на сиромаштија во семејствата со три и повеќе деца од над 45 отсто, како и кај самохраните родители со околу 41 процент.