Ако граѓаните лани купувале поскап шампон или кашкавал, сега ги бираат поевтините брендови или ги чекаат на попуст, па дури и тие чинат повеќе отколку што поскапите чинеле лани, велат трговците. Трошоците за живот во февруари годинава биле за скоро 17 отсто повисоки од истиот месец лани. Поради тоа, граѓаните се откажуваат од работите што не им се неопходни. Угостителите велат дека има осетно намалување на бројот на гости во кафеаните. Цените кај нив се за 15 отсто повисоки од лани.
Видете и ова: „Наместо месо, ќе вариме коски“: страв од нови поскапувањаПодатоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека граѓаните во трговијата потрошиле повеќе пари од лани, но купиле помалку производи. Во трговијата со храна се потрошени за 15 отсто повеќе пари од лани, а во трговијата со непрехранбени производи 4,5 отсто повеќе, но тие вредат помалку од лани.
„Купувам само килограм по килограм. И тоа со лажица мерам, верувајте ми. Нè уништија веќе.“
„Одењето во ресторан стана луксуз. Самата криза и поскапувањата што ни се случија си го направија своето. Многу ретко човек да се одлучи да седне во кафеана, па дури и да седне на пијачка, а не пак да јаде“, велат анкетираните граѓани.
Во услови кога храната е за 25 отсто поскапа од лани, а се потрошени 15 отсто повеќе пари, тоа значи дека – или се намалени купените количини, или се бираат поевтини производи.
Џемаил Даути, сопственик на една од најголемите фирми за дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, вели дека падот генерално не е голем затоа што луѓето мора да јадат и да купат други неопходно производи.
„Но, се чувствува кај скапите брендови, дали се работи за средства за хигиена или прехранбени производи, значи кај поскапите и познати брендови се чувствува пад, и кај дел од готовите прехранбени производи се чувствува одреден пад“, вели тој.
Претседателот на Угостителско-туристичката комора Аркан Керим вели дека се забележува намалување и во нивниот сектор, но причината ја гледа во иселувањето.
„Фактички рестораните нема ни кафе кому да продаваат. Останаа само пензионерите и студентите во државава, работоспособните заминаа на печалба во странство. Ресторани, кафулиња, трговски центри, прошетајте, живо пиле нема, ќе се уплаши човек да влезе. Значи, петок, сабота, што се ударни денови, нема. На прсти се бројат локали каде што има луѓе. Во многу ресторани, сопствениците заедно со вработените заминаа на печалба“, вели Керим.
Видете и ова: Храната на берзите поевтинува, во Македонија цените растатНамалувањето на трошењата се забележува и во буџетот. Бруто приходите од данок на додадена вредност (ДДВ) во првите два месеци од годинава имаат благ раст од 1 отсто. Сепак, во февруари дури и бруто наплатата е за 2,5 отсто пониска од февруари 2022 година. Кога цените во просек се повисоки за 17 отсто, а данокот само 1 процент, значи дека граѓаните го затегнале ременот или парите ги трошат во сива економија.
ДДВ е една од најважните стапки за полнење на државната каса и сочинува над една четвртина од приходите.
Економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии вели дека генерално состојбата во буџетот во првите два месеци не е лоша. Ако се има предвид дека реалната плата е намалена, односно цените растат побрзо од платите, падот на потрошувачката не е голем, вели тој.
„Луѓето го компензираат намалувањето на платите со заштедите. Трошат од заштедите за да ја измазнат потрошувачката, за да не трошат многу помалку. Значи дефинитивно трошат помалку, нема никаква дилема околу тоа, ама не трошат многу помалку. Затоа, општата оценка е дека состојбата во економијата сега е генерално подобра отколку што се очекуваше пред неколку месеци“, вели Јовановиќ.
Сепак, и заштедите не се бесконечни. Ако инфлацијата се смири во наредните неколку месеци, тогаш и состојбата ќе се стабилизира. Јовановиќ вели дека кризата не е готова, но сите економски показатели велат дека ѝ се гледа крајот.
Според податоците на Министерството за финансии, нето приходот од ДДВ во првите два месеци од годинава е за скоро 7 отсто помал од истиот период минатата година. Намалувањето во февруари е за дури 26 отсто од февруари 2022 година.
До објавувањето на овој текст, од Министерството за финансии не добивме одговор на што се должи намалувањето.
Економистите со кои разговаравме велат дека главна причина е повратот на ДДВ, кој сега е повисок затоа што има поевтинување на некои клучни производи, како што се горивата, од пред три-четири месеци. Па така, владата на фирмите треба им врати данок кој го платиле кога горивата биле 92 денари, а во моментов наплаќа данок на горива од 82 денари, односно во касата во моментов влегуваат помалку, а излегуваат повеќе пари.
Ако на тоа се додаде и можно доцнење на повратот кој бил исплатен одеднаш по Нова година, тогаш нето-приходите остануваат уште пониски.
„Единствено логично објаснување може да се најде во временското задоцнување помеѓу повратот и наплатата на новото ДДВ на производи кои бележат намалени цени“, вели професор Борче Треновски.
Данокот на додадена вредност го плаќаат крајните потрошувачи. Увозниците или трговците на големо прво го плаќаат, па поднесуваат барање да им биде вратен. Рокот за враќање е 30 дена, но многу често се доцни.
Тој потсетува дека во првите два месеци минатата година, имаше огромен раст на приходите од ДДВ од над 30 проценти, па кога стартната основа е толку висока, нормално е да има пад како што ќе олабавува инфлацијата.