На меѓународниот пазар цените на храната се намалуваат веќе цела година, но тој тренд не го следат македонските производители. Затоа Владата повторно почна со замрзнување на цените на прехранбените производи. Од друга страна, бизнисмените предупредуваат на долгорочни штети врз бизнисот од ваквите мерки, додека економистите предлагаат друго решение - намалување на цените и маржата, но и намалување на акцизите и ДДВ.
По одлуката да ја замрзне цената на лебот на 33 денари, Владата подготвува замрзнување на цените и на други основни прехранбени производи. Mинистерот за економија Крешник Бектеши рече дека во моментов се анализираат цените на тестенините и на млечните производи, а одлуката ќе биде објавена оваа недела.
„Сите производи кои се наведени во Одлуката за ограничување на маржата се анализираат. Во моментов конкретно се анализираат цените на тестенините и на млечните производи и најверојатно до крајот на следната недела ќе видиме што ќе покаже анализата и ќе донесеме соодветни одлуки“, рече Бектеши.
Веќе 11 месеци цените на храната се намалуваат според индексот на ФАО, но тоа не се одразува на цените во македонското производство на храна, кое и покрај тоа што е интегрирано во меѓународниот пазар, цените на храната ги одржува високи, вели професор Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки. Според него, во ваква ситуација власта има обврска да го заштити јавниот интерес и да ги замрзне цените на храната.
„Капиталистите кои поседуваат фабрики и претпријатија за производство на храна, не го следат тој тренд на намалување на трошоците за производство и ја држат цената релативно висока и повисока отколку што ја прави математиката на цени на производство и на остварување на профит“, вели Савески.
Во овој период од скоро една година, глобалните цени според индексот на ФАО – Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, се намалуваат. Тоа се случува откако храната драстично поскапе во март 2022 година по почетокот на руската инвазија врз Украина.
Но, и покрај тоа, македонските производители се противат на мерката за замрзнувањето на цените на основните производи. Мелничко-пекарската индустрија се закани дека ќе поднесе тужба поради тоа што смета оти е незаконска владината одлука за замрзнување на цената лебот на 33 денари и обврската за пекарите да произведуваат и испорачуваат леб.
Со спротивен став е министерот за економија Бектеши, кој смета дека оние стопанственици кои најавуваат бојкот тоа го прават од личен интерес и дека станува збор за компании со голем удел на пазарот и зголемени профити, на кои Владата веќе им излегла во пресрет со тоа што им дала субвенционирана струја, а тие не го исполниле своето ветување да ги намалат цените. Бектеши посочи дека одлуките што ги носи Владата се според Законот за трговија.
Мерките за цените на основните производи треба да бидат балансирани, вели Дрилон Исеини од Стопанската комора на Северозападна Македонија. Тој на мерката за замрзнување на цените на лебот и останатите прехранбени производи, гледа како на ад-хок мерка која само привремено ќе им помогне на потрошувачите, а на долг рок може да им наштети на бизнисмените како најголеми работодавачи.
„Затоа во иднина, при донесување на клучни одлуки Владата треба да ги има предвид двете страни: потрошувачот како важна компонента на економијата, а друга страна и бизнисот како најголем работодавач во земјата. Не треба да им штети ниту на едните, ниту на другите. Да не ги доведеме бизнисите во ситуација да отстранат некои производи, бидејќи нема да им биде финансиски исплатливо. За да стигнеме до цена која ќе биде прифатлива и за граѓаните, може државата да се откаже од дел од своите средства што ги добива врз база на даноци и на царина“, вели Исеини.
Големиот раст на цените на прехранбените производи е проблем во Македонија, како земја со највисока инфлација во регионот и една од највисоките во Европа.
Во јануари оваа година храната беше за 25 проценти повисока од истиот месец минатата година, според податоците на Државниот завод за статистика. Лебот и житата беа за 40 проценти поскапи, месото за скоро 30 проценти, а млечните производи и јајцата за 30 отсто.
Владата презеде низа мерки за ограничување на цените. Во јуни 2022 година ги ограничи маржите на основните прехранбени производи, а на 1 ноември им даде поевтина струја на фирмите што произведуваат масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, како и месната и живинарската индустрија.
Економскиот аналитичар Арбен Халили потегот на Владата за замрзнување на цените го гледа како повеќе од потребен, но според него, подобра мерка би била намалување на цените, но во комбинација со намалување на маржата. Според Халили, тоа ќе биде покоректна мерка главно поради тоа што постојат компании кои увезуваат суровини и не можат да влијаат на увозните цени.
„Така што може да се случи на долгорочно тие бизниси да се соочат со ситуација да треба да продаваат производи со помала цена од увозната цена на суровините и да не можат да ги покријат трошоците“, вели Халили.
За тоа дали е подобро да има замрзнати цени или маржи, Савески смета дека политиката на Владата од минатата година во однос на цените е нестабилна, и според него затоа компаниите си земале за право да прават што сакаат, во услови кога порастот на цените на храната е еден од главните фактори за големата инфлација: прво владата замрзнува цени, па потоа само маржи и потоа дава субвенции - сето тоа дава впечаток за неконзистентност.