СДСМ сè уште се надева на двотретинско мнозинство

Очекувањата се дека утре ќе се гласа за пристапување кон уставните измени. Владејачкото мнозинство и аналитичарите очекуваат дека е можно 80 пратеници да гласаат ЗА, но ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нивната пратеничка група нема да ги поддржи уставните измени.

Трите дена дебата на пленарната собраниска седница за потребата од уставните измени завршијa со истата непознаница со која и почна за тоа дали е обезбедено потребното двотретинско мнозинство. На продолжувањето на седницата закажано за утре најавите се дека е можно да се гласа за потребата од уставните измени. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од своите дискусии, а остануваат уште околу 15 пратеници пријавени за збор, меѓу кои и од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, па ако утре завршат и нивните обраќања, можно е да се премине на гласање.

Владејачкото мнозинство има 72 гласа, а таквиот распоред на силите се покажа и при гласањето на дневниот ред за седницата во понеделникот- тогаш гласаа 71 пратеник за уставните измени да бидат на дневен ред, но во салата не беше присутен Зијадин Села од Алијансата за Албанците кој се очекува да гласа за отворање на уставот.

Од СДСМ не откриваат дали најмалку 80 пратеници ќе гласаат за да се влезе во следната фаза од уставните измени, но имаат надеж дека тоа ќе се случи.

Искрено се надеваме дека утре ќе го имаме потребното двотретинско мнозинство, но тоа ќе го покаже гласањето. Според тоа што досега го слушнавме во дискусиите на нашите колеги од опозицијата не постои ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција кој е против членство на Македонија во ЕУ и во НАТО”, рече Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.

За разлика од СДСМ, пак, ВМРО-ДПМНЕ постојано тврди дека нивната пратеничка група нема да ги поддржи измените.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи Уставните измени и затоа се откажа од понатамошна расправа во Собранието”, наведоа во партиското соопштение.

И политичките аналитичари се воздржани за сигурни прогнози поврзани со гласањето. Досегашната дебата покажа дека нема меѓупартиски договор за уставните измени, вели Владимир Божиновски од Институтот за политички истражување Скопје.

Но, останува можноста одредени пратеници од опозицијата индивидуално да го поддржат договорот, е сега дали тоа ќе биде под притисок или со некакви ветувања или убедување, не знаеме”, вели Божиновски.

И додека дел пратеници од ВМРО-ДПМНЕ своите говори ги завршуваа со „нема да гласам за уставните измени” други беа поумерени и повикуваа на договор меѓу партиските лидери. Неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во текот на собраниската дебата излегоа со такви ставови, меѓу нив, Елизабета Канческа Милевска, Весна Димковска – Илиевска и други, а Панчо Минов од ГРОМ, која е дел од опозиционата коалиција, имаше предлози за амандмански интервенции без целосно да го отфрли договорот.

Мислам дека ќе има и такви пратеници од опозицијата кои ќе се одважат и ќе гласаат на начин на кој самите сметаат дека треба, а не онака како што ќе им се наложи од партискиот лидер”, вели Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки.

Ако владиниот предлог за пристапување кон уставните измени поврзани со Договорот од Преспа не помине тогаш извесно е дека ќе се распишат предвремени парламентарни избори.