Реформите во правосудството засега само на хартија

илустрација

Тековни судски случаи не коментирам, но наш став отсекогаш бил дека треба да постои независно и доверливо судство, судии и обвинители, вели холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп. Од „Евротинк“ велат дека случајот со Мијалков ќе се одрази негативно на европскиот извештај за напредокот на нашата земја

Меѓународните претставници во земјава не сакаат да ги коментираат последните случувања поврзани со исчезнувањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и неговото појавување пред обвинителството два дена откако беше недостапен за органите на прогон. Во неделното интервју на радио Слободна Европа, холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп вели дека нема да коментира тековни судски случаи, но ја истакнува потребата од независни правосудни органи.

„Последните настани нема да ги коментирам, се работи за тековни судски случаи, но наш став отсекогаш бил и на тоа сме работеле, дека треба да постои независно и доверливо судство, независни судии, независно обвинителство. Се разбира, добро е да се знае и каде ви се обвинетите“, вели Коп во интервјуто.

Холандскиот амбасадор сепак оценува дека земјава постигнала одреден напредок во реформите во правосудството и борбата против организираниот криминал и корупција.

„Земјата направи значителен напредок во оваа област, но има уште работа. Преговорите во рамката ќе се отворат со поглавјата 23 и 24 што се однесуваат на владеењето на правото и човековите права. Во мојот јазик има една изрека која вели „хартијата трпи“, значи не ви треба само вистинската легислатива и закони, вие всушност треба да ги спроведете нив. Тоа е долг и тежок процес. И тука имате проблем со капацитетите, просториите, потребно е да ги најдете стручните луѓе кои ќе ја сработат работата до крај. Во пракса тоа не е направено, но се работи на тоа и го гледаме напредокот“, додава Коп.

Видете и ова: Што се крие зад исчезнувањето, па појавувањето на Мијалков?

Случајот со Мијалков, но и претходните случаи на бегства на високи функционери на претходната власт ќе се одразат негативно на меѓународниот имиџ на земјава, убеден е Иван Стефановски, директор на Центарот за европски стратегии, Евротинк.

„Ние како држава испративме порака до сите наши партнери дека ни недостасува сериозен капацитет за да ги менаџираме правосудните процеси во државава, и од аспект на брбата против организираниот криминал и на ниво на МВР, но и на ниво на правосудните органи, обвинителството и судовите“, вели Стефановски кој очекува ваквите примери да бидат нотирани во следниот извештај за напредокот на нашата земја на Европската Комисија.

„Убеден сум и знам дека граѓанското општество тоа ќе го направи, веќе се детектирани слабостите и тие ќе влезат во нивните извештаи, меѓутоа би бил изненаден доколку не влезе во годишниот извештај на ЕК, бидејќи ова е сериозен недостаток и во однос на спроведување на обврските од поглавјето 23 и 24 кои влегуваат во првиот кластер, во основите, кластерот кој прв се отвара и последен се затвара, така што ова е навистина проблематично“, категоричен е Стефановски.

Политичкиот аналитичар Албер Муслиу пак, смета дека случајот со Мијалков нема да влијае негативно на земјава, но само доколку се спроведе до крај.

„Ако се остават некои недоречености тогаш секако дека може да има негативно влијание во однос на реформите во овие области, но круцијално влијание не верувам дека ќе има. Не треба ова да се гледа еднострано, туку треба да се гледа финалниот резултат и што во процесот било дефектно. Ако се отстранат дефектите тогаш не може ова да има негативно влијание по земјава“, вели Муслиу.

Правосудство, основните човекови права како правда, слобода и безбедност се дел од поглавјата 23 и 24 што се ставени во првиот кластер, кој македонскиот тим на преговарачи прво ќе го отвори со колегите од Европската унија. Во првиот кластер, со новата европска методологија за проширување додадени се и економските критериуми, функционирање на демократските институции, реформи во јавната администрација, јавни набавки, статистика и финансиска контрола.

Борбата против корупцијата останува исто така важен приоритет на патот на земјава кон ЕУ и од нас се очекуваат конкретни резултати во оваа област. Не оди во прилог и тоа што на последниот извештај на Транспаренси интернешнал Северна Македонија е најлошо рангирана досега на индексот за корупција со пад од 5 места, односно таа се наоѓа на 111 место во друштво на БиХ, Панама и Монголија.