Корупцискиот скандал кој го поткопа кредибилитетот на сега веќе поранешното Специјално јавно обвинителство и надежта на демонстрантите кои со месеци беа дел од Шарената револуција и протестите ги почнуваа токму пред портите на СЈО во очекување „Чарлиевите ангели“ да донесат правда, стигна до самиот крај. По речиси 40 судски рочишта од високопрофилниот судски процес познат во јавноста како „Рекет“ во кој се обвинети шоуменот и неформален сопственик на 1ТВ Бојан Јованоски познат како Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, денеска се одржува претпоследното рочиште.
Ослободителна пресуда за неформалниот сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски бараше одбраната во завршните зборови за предметот Рекет. Првообвинетиот за трговија со влијание и перење пари, Боки 13 побара да биде ослободен затоа што според него ова е театар од кој и познатиот Бранислав Нушиќ ако беше жив би црпел инспирација, потенцирајќи дека ќе можел слободно да ги замени неговите дела, „Госпоѓа министерка“ со „Госпоѓа обвинителка“, „Сомнително лице“ со „Сомнителен сведок“, а „Ожалестено семејство“ со „Ожалостена држава“.
„Јас нема да зборувам во име на Катица, таа ако се одважи нека си каже. Катица Јанева е жртва на уцена, изманипулирана и искористена од политичари. А јас врска со предметите на СЈО сум имал колку што „Ролинг стоунс“ може да отпеат песна од Гоце Арнаудов“, рекол Јовановски во судот во својот завршен говор.
Одбраната на Боки 13, адвокатот Саша Дукоски, во завршните зборови на одбраната, на денешното рочиште за „Рекет“, посочил дека Јовановски се гони за перење пари, дело за кое обвинителството прикажува докази од 2017 година, а се обвинува за дело кое било сторено во 2018.
Докази не видовме, тврди адвокатот на Боки-13
По Јовановски, завршните зборови утре треба да даде и поранешната специјална обвинителка, второбвинетата Катица Јанева, па дури потоа ќе следува рочиште за изрекување пресуда.
Видете и ова: Падот на Чарлиевите ангели и партиските бои на новиот закон за ЈО
Поранешната обвинителка Јанева која во 2015 година доби задача да се справи со криминалот меѓу функционерите, стана обвинета за тоа за кое требаше да ги гони нив -корупција и злоупотреба на службена должност. Таа, по 16 години обвинителска кариера, телохранителите ги замени за полициски службеници кои ја спроведуваат од куќен притвор до Основниот суд Скопје 1. Јанева според обвинението, ја злоупотребила својата службена положба и за 50 илјади евра и подароци од осомничени во истраги кои ги водеше Специјалното обвинителство, со цел да ја олесни нивната положба во истрагите. Јовановски, пак, е обвинет за трговија со влијание.
Бизнисменот Орце (Јордан ) Камчев нудел поткуп или второбвинетата Јанева и првообвинетиот Јовановски преку сега осудениот Зоран Милевски Кичеец барале мито од милион ипол евра за да ја му ја олеснат положбата на осомничениот Камчев во истрагата на специјалното обвинителство „Империја“ се паралелните приказни кои во судницата ги понудија обвинителството и обвинетите во предметот „Рекет“.
Видете и ова: Империја „испрала“ најмалку 10 милиони евра
Камчев во истрагата на сега веќе поранешното СЈО „Империја“ е првоосомничен за перење на 10 милиони евра и злосторничко здружување со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и неколкумина други бизнисмени.
Истрагата за „Империја“ е отворена на 9 ноември 2018 година каде што осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и други за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители како злоупотреба на службена должност, измами и перење пари. Камчев во ноември 2018 година беше приведен, но по неколку месеци беше пуштен во домашен притвор, а потоа му беше доделен и привремен пасош. Овој предмет произлезе од нелегално прислушуваните телефонски разговорипоради кои се формираше и Специјалното обвинителство.
„Од изложената одбрана дознаваме дека обвинетата Јанева сѐ уште е во филмот на Чарлиевите Ангели. Но, вистинскиот филм е борбата на доброто против злото. Мислев дека сум во еден лош сон. Износите на пари кои беа барани, не можеме ни да ги замислиме на сон, а не на јаве“, рече Русковска по едно од судските рочишта.
Камчева: Јанева не побара пари, Боки бараше
Камчев сценарист и глумец во „Рекет“, Јанева и Јовановски режисери на „Империја“
Камчев и неговата сопруга Ана Камчева во судот тврдеа дека Боки 13 преку Зоран Милески - Кичеец барале пари од нив во замена за олабавување на притворските мерки како и за олеснување на положбата во истрагата.
„Бев жртва на директен притисок од конструиран и смислен случај од Јовановски, реализиран преку Стефанова, а по наредба на Јанева. Трио кое функционираше за од мене да извлече пари“, рече Камчев.
Обвинетите, пак тврдат дека целиот процес е монтиран само за да се уништи угледот на Јанева и да се урне СЈО, затоа што во тој период по истрагата „Империја“ кога истекува мандатот на СЈО, власта и опозициската партија ВМРО- ДПМНЕ водат силна политичка борба односно преговори за тоа како да се продолжи работата на ова обвинителство и под кои услови.
Јанева – „Рекет“ е монтиран да се уништи СЈО
Јанева во судницата беше децидна дека целта на сведочењето на Камчев е да се спаси од кривично гонење за криминал, и при тоа да ги спаси и останатите политичари кои беа осомничени и обвинети во предметите на СЈО.
„Тој само сакаше да соработува и инсистираше“, рече Јанева.
Стефанова: за Камчев ургираа и судија и политичари
Својата обвинителска улога во судот ја заменија за улогата на сведоци вработените во СЈО. На барање на Јанева сведочеа речиси сите обвинители на кои таа им беше шефица. Но, на барање на обвинителката во предметот, Русковска, сведочеше нејзината колешка од СЈО Лиле Стефанова која, го водеше предметот „Империја“.
Улогата на обвинителката Стефанова во „Империја“ и „Рекет“
Пред судскиот пулт за сведоци застанаа долгодишините медиумски пријатели на Јовановски, Лила Филипоска, стилистот Сергеј Варошлија, како и бизнисмените Зоран Митровски, Томе Главчев и адвокатот Сашко Бошков.
Остана неодговорено прашањето зошто клучниот сведок, осудениот Зоран Милески Кичеец не беше повикан да сведочи, особено што сведокот Камчев и обвинетиот Јовановски во јавноста споделија две различни приказни за него.
Боки 13: Кичеец нѐ одработи како оперативец на Камчев
Едно од клучните прашања во предметот беше каде заврши фамозната торба „Луј Витон “ за која сведокот Камчев тврдеше дека содржи милион и пол евра во банкноти по 5о евра. Во домот на родителите на Јовановски, како што во завршните зборови тврдеше обвинителката Вилма Русковска, покажувајќи и фотографија како доказ, или пак, Кичеец ја вратил по два дена откако, како што велеше Боки 13 во одбраната била снимена „местенката“.
Русковска vs. Боки 13 - торбата со пари заврши во домот на Бојан Јовановски
Како сè започна ?
Сончев августовски ден телевизиски екипи добија дојава дека ќе се приведува специјалната обвинителка Катица Јанева. Со камери пред домот на Јанева се снимаа како полициски службеници изнесуваа мебел и црни вреќи со предмети. Јанева во летен фустан на задното седиште во полициска кола беше возена од нејзиниот дом во скопската населба Козле до нејзината канцеларија каде што се вршеше претрес и беа одземени компјутерите по што беше однесена во судот чекајќи го решението за притвор што го побара Јавното обвинителство. Една недела потоа, италијанскиот десничарски весник „Ла верита“ објави видео снимки од домот на Камчеви на кои се гледа торбата „Луј Витон“ и женска рака како брои пари, како и Кичеец и Боки 13 со неа заминуваат од домот на Камчеви. Беа објавени и аудио снимки на кои наводно се слуша гласот и на Јанева која што таа вели „Не грижи се, се ќе биде ОК“.
На ова му претходеа месеци на загревање на атмосферата и на разни шпекулации за тоа кој се е вмешан во изнудина бизнисмени во државава. Кики, Фрики и Коки беа псевдонимите за кои пишуваше новинарот Бранко Геровски посочувајќи на корупција во редовите на владејачката СДСМ. Во новинарските текстови се пишуваше за рекетирање на бизнисмени од секој калибар, за подоцна на сослушување во Обвинителството покрај сега обвинетите, да бидат повикани и потпреседателката на Собранието Фросина Ременски, потоа градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев, и ред бизнисмени кои во јавноста честопати ги менуваа исказите.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, изминатава година постојано тврдеше дека „Рекет “ не можел да се случи без „амин“ од врвот на власта и дека поранешниот премиер Зоран Заев е главата на „октоподот“. За власта, предметот „Рекет“ значи дел од вистинската борба против корупцијата. Заев тврдеше и дека тој е првиот што овој случај го пријавил во обвинителството.
Пред неколку дена пак, во јавноста оддекна уште една бомба, во која според власта се слуша разговор меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и осудениот Зоран Милески Кичеец за нивна наводна соработка.