Достапни линкови

Рекет: Комуникацијата на Боки 13 со бизнисмени и политичари


Со презентирање на видео снимки од домот на Јордан Камчев, текстови и аудио снимки од компјутерот и мобилниот на обвинетиот Јовановски, продолжи судењето за „Рекет“. По завршувањето на судењето адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски изјави дека неговиот клиент има рак на желудникот и затоа ќе побара преиспитување на мерката ефективен притвор.

За само три дена откако првообвинетиот Бојан Јовановски наводно ги зел парите од домот на бизнисменот Јордан Камчев, истиот потрошил 148.036 илјади евра за шопинг во Италија. Фискалните сметки од продавниците во кои пазарел Јовановски и неговата мајка денеска беа презентирани како дел од доказниот материјал на обвинителките Вилма Русковска и Ивана Трајчева. Сметките се во периодот од 25-ти до 27-ми февруари минатата година. Само неколку дена претходно односно на 20-ти истиот месец од видео снимките кои претходно беа објавени од камерите на домот на бизнисменот Јордан Камчев, се гледа како првообвинетиот Бојан Јовановски и веќе осудениот Зоран Милевски излегуваат од неговиот дом со две патни торби, во кои според обвинението за „Рекет“ има 1, 5 милион евра.

Покрај „високите“ сметки, кои денеска беа презентирани, како дел од доказите до кои според обвинителките е дојдено со вештачење на мобилниот телефон на Јовановски беа објавени смс пораки помеѓу Јовановски, поранешната обвинителка Катица Јанева, бизнисмените и обвинети во „Империја“, Орце Камчев и Дејан Панделевски, но и потпретседателката на Собранието и пратеничката од СДСМ Фросина Ременски , која пак е една од обвинетите во случајот „Рекет два“, во јавноста попознат како случајот со Меѓународниот сојуз. Истрагата за Меѓународен сојуз се однесува на злоупотреба за измама и перење пари. Содржината на нивната комуникација главно се однесува на одлуки на судовите околу ослободување од притвор на Камчев. По презентацијата, реагираше Јовановски и рече дека комуникацијата со Ременски не е континуирано прикажана и побара целосно вештачење на неговиот мобилен телефон.

Меѓу смс-пораките кои беа прочитани на денешното рочиште беа и оние помеѓу Јовановски и Јанева. Во неколку пораки Јовановски и испраќа фотографии од мебел на обвинителката, а во една од пораките и пишува „Одбрав, стигнати се“!

Во доказниот материјал беа читани и пораки меѓу Камчев и Јовановски, во кои се споменуваат недвижен имот како гаранција од над два милиони евра за да биде пуштен од притвор. Јовановски комуницирал и со осомничениот во „Империја“, Дејан Панделевски исто така во врска со судски одлуки и решенија, а во неколку пораки се споменува и сума од 500 која најверојатно Панделевски требало да му ја исплати на првообвинетиот Јовановски.

Јовановски до Русковска: „Вршите тортура врз мене, Господ ќе ви врати“!

Со висок тон и обвинувања за „тортура“ кон него, првообвинетиот Бојан Јовановски денеска и се обрати на јавната обвинителка Вилма Русковска уште пред да почне рочиштето за случајот „Рекет“, во кој тој и поранешната јавна обвинителка Катица Јанева се обвинети за примање награда, Јовановски и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службена должност. Веднаш потоа тој побара одложување на судењето поради здравствени причини, посочувајќи на најновата медицинска документација според која тој има рак на желудник.

Судењето сепак продолжи со изведувањето на материјалните докази обезбедени од обвинителството. Беа презентирани видео снимки од најмалку три камери од домот на бизнисменот Јордан Камчев, на кои се гледа како Јовановски и Зоран Милевски излегуваат од неговиот дом со две патни торби во рацете. Снимките јавноста веќе ги има видено, откако пред неколку месеци ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“.

По завршувањето на судењето адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски изјави дека неговиот клиент има рак на желудникот и затоа ќе побара преиспитување на мерката ефективен притвор и замена на таа мерка.

„Дијагнозата како што гледате е издадена пред два дена од Градската општа болница „8 септември“. За анализа се земени 8 парчиња и утврден е карциом, односно рак на желудникот. Се очекува повторно утврдување на оваа фактичка состојба, но ова докажува во каква здравствена состојба се наоѓа Јовановски. Обвинетиот, видовте и денес, не е во состојба да го следи судењето. Човек кој постојано повраќа крв и не е во состојба да го прати судењето, не може да се одвива фер судење. Затоа ќе бараме преиспитување на мерката ефективен притвор и замена на таа мерка“, рече Дукоски.

Инаку, пред три дена, Апелацискиот суд ја одби како неоснована жалбата на Бојан Јовановски за укинување на мерката притвор и го потврди првостепеното решение, со кое тој останува во притвор. Јовановски е во истражниот затвор во Шуто Оризари од август минатата година. Судењето за Рекет продолжува утре.

Според обвинението за „Рекет“, Јанева, првоосомничениот Јовановски- Боки 13 и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на сведокот, бизнисменот Орце Камчев во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG