„Рекет“ - многу прашања, малку одговори

Катица Јанева на распит за „Рекет“ во Јавно обвинителство

За еден ден стартува судењето за случајот „Рекет“. Најважното прашање на кое се уште нема одговор е каде завршиле парите кои осомничениот бизнисменот Орце Камчев ги платил да не биде гонет од СЈО, а за прв пат обвинителството ќе ги чуе исказите на Јанева и Јовановски за случајот.

Судењето за случајот „Рекет“ започнува утре, а неколку прашања кои не беа одговорени во текот на истрагата можеби ќе добијат добијат одговор во текот на процесот. Обвинителството го слушна исказот само на Зоран Милески-Кичеец за тоа како се одвивала операцијата за бизнисменот Орце Камчев да не биде гонет од страна на СЈО за случајот „Империја“.

Зошто Јанева и Јовановски не дадоа исказ?

Иако случајот го носи името „Рекет“ всушност Милески заедно со Бојан Јовановски или Боки 13 и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева се обвинети за примање награда за противзаконито влијание. Јанева дополнително е обвинета за злоупотреба на службената должност заради стекнување имотна корист, додека Јовановски е обвинет и за перење пари и други приноси од казниво дело. Ни Јовановски, ни Катица не дадоа исказ за случајот. На Јовановски му се слоши и беше пренесен во болница кога требаше да се соочи со обвинителката Вилма Русковска. Јанева најави дека својот исказ ќе го даде на главната расправа.

„Веројатно таа сакала да види што ќе има во обвинението, што ќе содржи. Однапред знаете тоа е многу широко во истрагата, се испитува ова, се испитува она и на крајот сето тоа треба да се сублимира во десетина реченици во битие на делото за кое после се поднесува обвинението. Сега треба да се наведат точните дејствија. Веројатно тоа сакала да го слушне, па дали ќе одговара или нема да одговора зависи од нејзе и како одбраната ќе регира на тоа“, вели поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев.

Видете и ова: Заев - не сум вмешан, објавете се што имате за Рекет


За делото примање награда за противзаконито влијание, според законот, е предвидена казна затвор од една до три години. Злоупотреба на службената должност заради стекнување имотна корист се казнува со шест месеци од 5 години.

Јовановски, според обвинението, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи влијаел врз Јанева за таа да ја олесни положбата на Камчев. Јанева прибавила имотна корист и тоа мебел во вредност од 5000 евра и пари во износ од 50 илјади евра. Јовановски и Милевски примиле награда од милион и пол евра. Едно од најважните неодговорени прашање е каде завршиле парите, истакнува Илиев.

„Паметна одбрана може да ги матира во два потега обвинителите, бидејќи ако немаат материјални докази кој, каде, како земал пари и кај отишле парите, прашањето за докажување на кривично дело се тешки. Ќе се докажува и со посредни докази, но малку е покомплицирано“, смета Илиев.

Каде завршија парите?

За тоа како Камчев на Јовановски и Милески им ги предава парите, можеше да се види во едно од објавените видеа на италијанскииот портал „Ла Верита“. Каде завршила торбата со парите, обвинителството не откри дали им е познато. Дали аудио и видео снимките ќе може да се користат како доказ во случајот одлучува Судскиот совет.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција располага и секојдневно прибира доказни материјали за предметот „Рекет“ што во понатамошниот тек на постапката ќе бидат приложени како докази во евентуалната судска постапка. Судскиот совет има право да ги прифати или да не ги прифати приложените докази“, соопштија пред некој месец од обвинителството.

Видете и ова: Судењето за „Рекет“, од 3-ти декември, тест за правната држава

До каде е проширената истрага?

Оттаму информираа и дека Камчев ги доставил симките до обвинителството пред тие да се појават во јавност. Истрагата за случајот, минатиот месец се прошири на уште пет физички лица, меѓу кои и пратеничката од редовите на СДСМ, Фросина Ременски и едно правно лице, односно невладината организација Меѓународен сојуз, чиј претседател беше Јовановски кој е првоосомничен.

Тие се сомничат дека преку невладината Меѓународен сојуз од бизнисмените Силјан Мицевски и Адријан Амзоски наплатиле 720 илјади евра, односно 260 илјади евра, измамувајќи ги дека ќе обезбедат државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата.

Според упатените, се очекува истрагата да оди бавно, бидејќи обвинителството ќе биде фокусирано на судскиот процес.