Она што за македонската страна е исцртување на црвените линии во преговорите со Бугарија, за бугарската е скратување на просторот за постигнување компромис. Пред една недела пратениците речиси едногласно до 95 гласа „за“ и еден воздржан ја донесоа Резолуцијата со која се зацврстуваат ставовите на Скопје во преговорите со Софија околу посебноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет. Но, бугарските привремени власти сметаат дека ваквиот документ доаѓа во лошо време, оти, како што тврдат, таман работите меѓу двете земји почнале да се движат во добра насока.
Исмет Рамадани од Евроатлантскиот совет на Македонија за РСЕ вели дека Резолуцијата е повеќе за внатрешна употреба, оти, како што вели, се создаде висок степен на недоверба меѓу владата и опозицијата по прашањето на преговорите со Бугарија.
Видете и ова: Резолуцијата за Бугарија на ВМРО-ДПМНЕ сега прифатлива и за СДСМ„Мораше да има една рамка со резолуција, која на некој начин го потврдува фактот до каде и како беа водени разговорите од станата на Владата на Северна Македонија. Црвените линии по некоја логика во дипломатијата обично не решаваат проблеми. Имавме црвена линија, па ние поставуваме црвена линија, а проблемот е тоа што таа црвена линија првин ние треба да ја поминеме затоа што ние бараме, ние инсистираме да бидеме членка на ЕУ, односно да ги отпочнеме овие преговори“, вели Рамадани.
Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески во колумна за Плусинфо, осврнувајќи се на Резолуцијата пишува дека со ставовите во неа се урнаа и онака малите шанси за решение. Тој пишува дека никогаш во историјата на Македонија не се случило МАНУ да ја формулира официјалната државна политика, но сега се случило тоа.
ВМРО-ДПМНЕ предлагајќи ја Резолуцијата соопшти дека таа е темелена на дефиниции и позиции на општествени, научни и образовни авторитети како МАНУ, УКИМ И МПЦ-ОА.
Малески наведува дека во документот е запишано само она што македонскиот народ сака да го чуе. Тоа е наративот кој вели дека не сме млада нација туку стара нација , по „предавството“ со Преспанскиот договор, со традиција барем од средниот век; дека нашиот јазик, иако кодифициран 1944 постои со столетија и најважното, дека немаме заедничка историја со Бугарија, пишува Малески.
„Сега, откога со овие ставови се поништија скромните продори кон решение, Македонија е на самиот почеток на дијалогот со Бугарија. Досега кажаното може да се заборави, заедно со надежите за брзо решавање на спорот. Го почнуваме истиот мачен и долготраен процес како со Грција кога одбивме да признаеме дека политиката и науката која ги постави темелите на македонскиот идентитет во грчката историја и култура беше погрешна“, пишува меѓудругото Малески.
Официјалното име на усвоениот документ во Собранието на Македонија е Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции.
Со Резолуцијата се бара да се почитува просторниот и временскиот континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право.
Во резолуцијата стои и дека за гледање кон минатото треба инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата.
Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев, кој треба да остане на власт додека не се формира нова влада, вели дека Резолуцијата на македонското собрание го „стеснува полето на можности за компромис“. Тој во интервју за софискиот весник „24 часа“ рече дека во последните два месеца инвестирале „сериозно време и напори“ во разговорите со С. Македонија, но, како што рече, се појавиле нови предизвици.
„Резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија донесена на 29 јули 2021 година, дојде во време кога нашиот дијалог почнуваше да преминува во попозитивна и ветувачка фаза. Ваквите акции не само што имаат за цел да ја ослабат позитивната билатерална динамика во последните месеци, туку и да го стеснат полето на можности за компромис“, оценува Стоев.
Стоев имаше неколку средби со македонскиот колега Бујар Османи. Разговорите меѓу двете земји беа интензивирани пред јунскиот самит на Европската унија кога се правеше обид официјална Софија да ја тргне блокадата на македонскиот европски пат. Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев отпатува во бугарскиот главен град каде што достави конкретен предлог, но бугарската влада одлучи да не ја менува позицијата.
Сега Стоев вели дека се потребни решителна волја и одговорност за надминување на проблемите наследени од минатото, без да се поставуваат нови пречки за отворен и искрен дијалог.
Тој нагласува дека Бугарија внимателно ќе ја анализира усвоената Резолуција со цел да утврдат дали нејзината содржина е во согласност со Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година, како и нејзиниот потенцијално влијание на сегашниот дијалог.
И потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова смета дека Резолуцијата не е чекор во вистинска насока за членството на С. Македонија во ЕУ.
Кандидатот за премиер на Бугарија, Пламен Николов, за позицијата кон Македонија вели дека нема да ги лиши своите браќа од можноста за европска иднина, но тоа не значи дека нема да си опстојат на своите национални интереси.
Резолуцијата ја предложи ВМРО-ДПМНЕ, а потоа ја прифатија сите, иако на почетокот СДСМ и ДУИ смета дека сега не е време за такво нешто. Со амандман на СДСМ се интервенираше во текстот и е внесено уставното име на државата.
Претседателот на државата Стево Пендаровски во претстојниот период не очекува некои поголеми промени во однос на спорот со Бугарија, со оглед на тоа што, како што вели, земјава реално во моментов нема соговорник од другата страна, бидејќи Софија се уште нема формирано Влада. Пендаровски за Резолуцијата вели дека не е штетна, ниту навредлива, каква што е декларацијата на бугарскиот Парламент.
Бугарското собрание на десетти октомври 2019 година, две години по потпишувањето на Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија ја донесе декларацијата која има осум точки. Во дел од точките се наведува дека тие на категоричен начин се спротивставуваат на евентуалната европска легитимација на идеологија од минатото со нагласен антибугарски карактер, дека меѓу столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам е препишувањето и присвојување на дел од бугарската историја кое се случувало по 1944 година, а дека поддршката на Бугарија нема да биде за сметка на искривување на историските случувања, документи и артефакти како и на погледите на личностите од бугарската историја.
Шефот на македонското МНР Бујар Османи очекува интензивирање на разговорите со Бугарија откако таму ќе се формира влада. Во соседната земја неодамна се одржаа повторно парламентарни избори, откако по претходните партиите не успеаја да формираат влада.
„Откако ќе се формира владата тогаш ќе ги слушнеме кои се позициите на новата политичка влада по однос на ова прашање. Меѓутоа едно е јасно, и во интерес е на Република Бугарија ова прашање да се реши. Ниту Бугарија верувам не сака да биде во позиција да го блокира целиот регион и европската перспектива на регионот со сите последици коишто може да ги има блокирањето на тој процес во регионот“, рече Османи пред неколку денови.
Видете и ова: Кој сака да се офајди од бугарското вето и балканските кавгиПретседателот на Собранието Талат Џафери во говорот за Илинден се осврна и на неодамна усвоената Резолуција. Тој вели дека само отворениот дијалог е вистински начин за постигнување заемно прифатливо решение, а тоа го темели на искуството во постигнување на договорот со Грција.
Бугарија одлучи да ја блокира земјава лани, со тврдење дека не се исполнува Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година, а со забелешки поврзани со историјата. Тогаш со унијата престедаваше Германија чиј министер за Европа Михаил Рот беше ангажиран во наоѓањето решение. Потоа претседавањето го презема Португалија. Минатиот месец еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва во Скопје и Софија доставија предлог врз чија основа се правеше обид да се дојде до решение со кое ќе се деблокираат македонските европски интеграции, но и тие останаа безуспешни. Од први јули претседателството со Унијата го презема Словенија, а кон Љубљана ќе бидат насочени очекувањата за интензивирање на процесот на разговори.
Во очекување на нова влада, Бугарија во меѓувреме е предводена од службен влада, која исто така остана на позицијата за блокирање на македонските европски интеграции.