Достапни линкови

Глобални теми за локални избори


Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев.

Темите кои ги отвораат политичките партии пред локалните избори на трибините, имаат пред се цел да го мобилизираат членството, а потоа и да привлечат нови поддржувачи, велат аналитичари. Според нив, важна е платформата на кандидатите, но најважна е партијата.

Платите и економските политики, криминалот и корупцијата, како и отворените прашања со Бугарија се дел од темите во фокусот на политичките партии во изминатиов период пред претстојните локални избори, планирани за наесен. Иако официјалниот старт на изборната кампања е далеку, неформално стартуваше ловот на гласови преку трибини и средби со граѓани, каде што првите луѓе на партиите се обидуваат да ги убедат граѓаните дека нивните политики за овие теми се најдобра опција.

„Економските политики на Владата предводена од СДСМ даваат резултат, јавниот долг се намалува, растат платите“, соопштија од владејчката партија.

„Со концептот „Македонија за сите луѓе" ќе обезбедиме плати од 750 евра за граѓаните“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Темите кои ги отвораат политичките партии повеќе се однесуваат на централно ниво и немаат големо значење во локалните политики, за кои допрва ќе се води битката, вели Сефер Селими од Демокраси Лаб.

„Граѓаните повеќе ги интересира како ќе се решаваат нивните секојдневни проблеми. Но, ова служи како мобилизација, односно пред изборната кампања да ги мобилизираат нивните членови и да ја стават во движење целата нивна партиска инфраструктура. Допрва ќе имаме нови ветувања од септември, кога ќе се знаат кои ќе бидат кандидатите за општините“, вели Селими.

Професорот Никола Дујовски смета дека политичките партии во пресрет на овие локални избори имаат поразличен пристап од минатото и кампањата почна многу порано од вообичаено. И според него, отворањето на крупните теми е со цел одмерување на силите и мобилизација на членството.

„Мислам дека овие средби со граѓаните асоцираат токму на тоа- мобилизација на членството и проширување на поддржувачите. Дефинитивно не гледам ниту една друга разумна причина среде лето на овие пеколни температури и во услови се уште на коронавирус да се прават организирани трибини со граѓаните за кои се трошат многу средства. Тоа е од причина да се држат будни партиските членови и се разбира да се допре до што е можно поголем број граѓани како евентуално би станале поддржувачи и би гласале на локалните избори“, посочува Дујовски.

Селими додава дека најголем дел од граѓаните се водат од клиентелистичкиот однос кон политичките партии, но, ги интересира и што ќе им понудат кандидатите за градоначалници.

„Сепак во локални избори има влијание кои кандидати се и каква платформа ќе се нуди“, порачува Селими.

Ние живееме во општество каде во најголем дел се зависи од претседателот на партијата и затоа и пред локални избори се зависи што ќе каже централата, додава Дујовски.

„Локалните теми се најмалку застапени. Но, тоа е сосем разбирливо затоа што локалните теми ги знаат кандидатите за градоначалници кои предлагаат тоа што треба да се направи. Лидерите на политичките партии секогаш имаат пристап да зборуваат за големите стратешки прашања. Јас мислам дека граѓаните кај нас се уште не се доволно зрели да го изберат вистинскиот човек кој ќе биде „татко на општината“, туку гледаат од која политичка партија. Обично дури и на локалните избори се гласа за политичката партија, а не за човекот кој е кандидат“, смета Дујовски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери месецов или најдоцна на почетокот на август треба да ги распише локалните избори кои треба да се одржат во октомври. Ова ќе бидат седми локални избори по осамостојувањето на Македонија. Изборната кампања официјално започнува три недели пред одржувањето на изборите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG