Кредитите поскапуваат, но тоа не ја намалува побарувачката на заемите во банките. Граѓаните и компаниите се задолжуваат дури и повеќе споредено со периодот од почетокот на годината, кога основната каматна стапка беше двојно пониска. Освен намалување на барањата на кредити за автомобили, раст бележат потрошувачките и станбените кредити, како и кредитите одобрени на кредитните картички.
Во борбата против инфлацијата, Народната банка (НБРСМ) од март годинава неколкупати ја зголеми основната каматна стапка.
Но и покрај тоа, податоците на Народната банка покажуваат дека кредитното задолжување на годишно ниво е зголемено за 10 проценти во двата сектора заедно - приватниот и домаќинствата, со раст кој е поизразен кај компаниите.
Официјалните податоци покажуваат дека во приватниот сектор кредитирањето постојано расте, со годишен раст во корпоративниот сектор од 12,4 отсто, според последноит извешај на НБРСМ објавен денеска. Кај домаќинствата годишниот раст на кредитите е 7,7 отсто.
Поранешниот гувернер на Народната банка Љубе Трпевски вели дека иако банките во целиот свет ги зголемија каматите по почнувањето на војната во Украина, со цел да ја ублажат инфлацијата, сепак смета дека тоа зголемување сè уште не е загрижувачки високо.
„Народната банка ја подига референтната каматна стапка, би рекол доста благо, и тоа е добро. Како резултат на тоа имаме и пораст на каматите на кредитите, меѓутоа тоа не е од таков обем за сосема да ги демотивира барателите на кредити и така може да се објасни фактот што сè уште има побарувачка и од страна на населението и од страна на стопанските субјекти“, вели Трпевски.
Поранешниот гувернер на растот на кредитите, особено во стопанството, гледа позитивно, односно како добра страна и доверба дека во иднина ќе се смират состојбите и дека пред сè стопанските субјекти во тоа гледаат шанса да имаат раст.
Видете и ова: Заврши времето на ниски каматни стапки - што ги чека граѓаните?Последниот извештај на Народната банка покажува дека кредитите на годишно ниво кај домаќинствата растат, главно како резултат на кредитите одобрени во денари.
Кај дел од граѓаните со кои разговараше РСЕ сепак постои загриженост за растот на каматните стаки, но велат дека се во ситуација кога мораат да ги користат заемите од банките.
„Не ми е сеедно. Загрижен сум, но немав друг избор, морав да го направам тоа, па што биде нека биде“, вели Јордан Ангеловиќ.
Граѓаните веруваат дека голем процент од населението во Македонија се задолжени во банките и дека растот на каматите секако ќе направи некаков притисок врз нив.
„Имам земено кредит и загрижен сум. Во моментот сум без работа и сега треба да мислам како ќе ги враќам земените кредити од банка“, вели Стефан Мисовски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Додека растат барањата за кредитите, извештаите на Народната банка покажуваат раст и кај штедењето од страна на граѓаните, со 5,2 отсто повеќе во однос на јуни мината година. Сепак штедењето во корпоративниот сектор е намалено за 4,8 проценти на годишно ниво, бидејќи поради конфликтот во Украина фирмите создаваат резерви и ги употребуваат депозитите.
Инаку, Народната банка основната каматна стапка двојно ја зголеми од март 2022 година наваму, како мерка во борбата против двоцифрената инфлација.
Трпевски објаснува дека Народната банка пред сè ја следи политиката на Европската централна банка, бидејќи денарот е врзан со еврото и во таа смисла и ја зголемува референтната каматна стапка.
Последното зголемување во јуни беше за 0,50 процентни поени, со што основната каматна стапка сега е на ниво од 2,5 проценти.
„Народната банка продолжува со постепено нормализирање на монетарната политика за одржување на среднорочната ценовна стабилност, преку понатамошно зголемување на основната каматна стапка“, се вели во соопшти Народната банка на Северна Македонија на 13 јули.
Претходно оваа година, уште во три наврати Народната банка ја поскапе основната каматна стапка за 0,25 процентни.
Видете и ова: Хајредини: Купи ден - помини, за враќање на долговите нека му ја мисли другВо март оваа година основната каматна стапка изнесуваше 1,25 процентни поени, а првото зголемување се случи во април и во мај оваа година за по 0,25 проценти поени, додкека третото од 0,25 процентни поени беше направено во јуни.
Од Народната банка велат дека се очекува зголемувањето на каматните стапки понатаму да делува и на каматната политика на банките преку поттикнување на штедње во домашна валута. При носењето на одлуката, велат од институцијата, беа земени предвид најновите движења на инфлацијата, која во периодот од јануари до јуни 2022 година во просек изнесува 10 проценти.