Достапни линкови

Деаноски - Владата нема слух за сопствените вработени


Ако нема зголемување за 2.806 денари, Синдикатот ќе бара 18 отсто поголеми плати
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:42 0:00

Ако нема зголемување за 2.806 денари, Синдикатот ќе бара 18 отсто поголеми плати

Владата во овој момент апсолутно нема слух за сопствените вработени, бидејќи владата е најголемиот работодавач во државата, вели Трпе Деановски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). Владата најавува нова методологија за повисоки плати од следната година, но што ќе прават вработените дотогаш, прашува тој.

Господине Деановски, Синдикатот не го доби бараното линеарно покачување на платите од 28006 денари и најави тужби против државата. Што очекувате да добиете со тужбите? и Дали подготвувате друг начин да ги остварите барањата?

Така е, Синдикатот се уште не го доби барањето за линеарно покачувањето од 2806 денари на платите во јавниот сектор. За жал, таквата, не можам да кажам дека е одлука, но такви се сигналите што ги добиваме од другата страна, од државата. Има голем молк од нивна страна, не постои социјалниот дијалог, моментално не постои ниту социјално партнерство, нашето барање наидува на глуви уши. Имаме од таму информации дека се спрема нова методологија, дека со таа методологија ќе биде подобро од она што го бараме, дека нашето решение е ад хок решение, дека нашето решение е само популистичко и никој ништо нема да добие со него, а од друга страна ни се вели дека тоа нивно решение, што никој не го видел, што се спрема во тајност, наместо да се спрема заедно со синдикатите, нели да биде заеднички производ на влада и синдикати, ако веќе велиме дека функционира социјалниот дијалог, би требало да стапи на сила на 01.01.2023. Се поставува прашање што ќе прават вработените и работниците дотогаш, кога знаеме дека пред неколку денови се покачи струјата, горивата се уште на иста цена, цените на основните производи за живот само растат, значи Владата во овој момент апсолутно нема слух за сопствените вработени, бидејќи владата е најголемиот работодавач во државата, ниту пак има слух да им помогне на граѓаните во најтешката ситуација во која се наоѓа државата од осамостојувањето до денес.

Кажавме дека даваме рок ако имаат нешто повторно да почнеме со социјалниот дијалог, ако не тогаш одиме со неколку начини:
Прво со колективни тужби против државата преку Меѓународната организација на труд и преку нашата европска и светска организација во која членува и ССМ, а тоа се ИТУК и ЕТУК кои имаат можност да не застапуваат пред Европската комисија и Советот на Европа каде што, доколку се случи тоа, а мислам дека многу е веројатно да се случи, државата може многу да изгуби. Ќе изгуби прво на реноме, ќе изгуби на пристапни преговори, може да се блокира дури и влезот во она што сите го сакаме Европска унија.

Дали ќе продолжат штрајковите во државните институции?

Државните институции ќе штрајкуваат на одреден начин да, не викаме дека нема. Одредени синдикални организации што ги имаме сите синдикати веќе се бара и порадикални мерки, особено во оние синдикални организации кадешто можеме да направиме разлика, кадешто и работодавачите имаат можност да склучуваат колективни договори, некаде имаме големо разбирање, некаде не, а најмногу немаме разбирање во државните институции, оние што се буџетари, а тоа се претежно цел јавен сектор.

Правите и колективни договори со општините. Како ви оди?

Моментално одлично, склучивме околу пет-шест колективни договори со одредени општини, веќе преговараме со 14-15 други општини, мислам дека и работодавачите, односно градоначалниците сфатија дека може да се направи ова, да им се удоволи на работниците да ја добијат оваа разлика од 2806 денари. Сакам да повторам дека доколку не се даде оваа разлика од 2806 денари сега, ние веќе ќе почнеме да бараме онолку колку што предвидува Законот за минимална плата -18,4 отсто. Многу ми е жал што државата не нè сфати дека ова оди во нејзин прилог, а не во наш. Наш прилог е 18,4 отсто, а не 2806 денари. Ова беше направено да бидеме и ние солидарни со државата, да може Буџетот да функционира како што треба да функционира, да се помогне на одредена група на вработени, а сепак да има во Буџетот и други средства како субвенции, како помош на останатите вработени и други граѓани во државата. Многу ми е жал што Владата не нè сфати. Многу ми е жал што и министерот за финансии, и за труд и социјална политика, па дури и премиерот не нè сфатија, иако веќе бевме договорени 99 отсто пред реализација.

Колкав дел од администрацијата добива минимална плата?

Пред покачување на минималната плата во април имаше голем број на вработени во администрација, зборувам само за администрација, не за јавен сектор кои беа под минимална плата. Минималната плата беше 15.124 денари, а имавме над 1500 вработени кои добиваа 14.500 и 14.800 денари. Моментално со порастот на минимална плата разликата на луѓето што се до минимална плата многу се зголеми, значи во јавен сектор може да кажеме дека 40 илјади луѓе веќе се на нивото на минимална плата. Бидејќи сега минималната плата е 18 илјади денари имаме голем дел на вработени кои се на 18.100 денари, 18.200, 18.300 денари, отприлика таа е границата на која се движи.

Рековте се најавува тешка зима. Што ќе значи тоа за работниците?

Ако имате просек на плата во администрација од 21.300 денари, бидејќи тоа е реален просек на администрација, зборувам за управа, локална самоуправа и правосудство, можете да замислите што може да се плати со таа плата. Синдикалната потрошувачка кошничка што ја изработува ССМ во последните неколку месеци порасна за околу 3000 до 4000 денари. Моментално две минимални плати не ја крпат синдикалната минимална кошничка. Треба да се земе предвид дека цените што се ставени во таа минимална кошничка се најниските цени на основни производи кои можат да се најдат во Македонија и тоа не во продавници, туку на пазари. Значи се гледаат најниските цени за хигиена, за исхрана, за превоз, за културно-забавен живот, што верувајте ми дека со оваа плата никој го нема, за образование. Кога ќе се земат сите овие најниски цени моменталната синдикална кошничка не ја крпат две минимални плати. Просечната плата во април, според податоците на Државниот завод за статистика е 31.525 денари. Во управа во јавен сектор, еве во државна управа администрација 96 проценти од вработените се под таа просечна плата. Во јавен сектор минимум 85 отсто од вработените се под таа просечна плата. Кој може да издржи со овие цени на струја, со овие цени што допрва ќе не чекаат до крајот на оваа година и до таа фамозна методологија за пораст на плати во јавен сектор, која не знам кога ќе се презентира.

Целото интервју со претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски може да го погледнете во видео снимката на почетокот на текстот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG