Достапни линкови

Хајредини: Купи ден - помини, за враќање на долговите нека му ја мисли друг


Хајредини – Половина администрација не работи ништо
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:48 0:00

Хајредини – Половина администрација не работи ништо

Зголемувањето на јавниот долг може да не значи ништо, ако тие пари се користат за развој на економијата. Но ако тие пари се трошат за враќање на стари долгови и крпење дупки, тогаш е многу загрижувачки, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Според него, власта размислува по принципот „купи ден – помини“. За враќање нека размислуваат идните генерации. Тој во интервјуто зборува и за сиромаштијата, за тоа што може Владата да направи и зошто е преполовено домашното производство на струја ?

Господине Хајредини, според стратегијата за управување со јавен долг во периодот 2023 -2025 година, која веќе е стигната пред пратениците, јавниот долг годинава ќе надмине рекордни 65 проценти од БДП-то? Како гледате на тоа?

Не е толку од значење процентот на јавниот долг, учеството во БДП-то кај некои земји, како што е Македонија и сите посиромашни земји. Може тоа да не значи ништо, доколку парите од задолжувањето се користат продуктивно. Значи ако земаме пари, средства, кредити, заеми од странство да ги користиме за раст на општествениот Бруто продукт. Во таков случај јавниот долг може да биде и 100 отсто. Меѓутоа ако парите со кои државата се задолжува во странство не се користат за создавање на нова вредност овде или се задолжуваме со висока камата, а ние не остваруваме таков раст за да може без проблеми да се вратат долговите, тогаш и 30 отсто е многу.

Колку е за Македонија многу? Колку е нашата граница?

Македонија не ги користи парите за продуктивно инвестирање во земјата. И затоа сега кога расте долгот, ние со тие нови задолжувања ги користиме за враќање на претходно земените кредити. Ние не сме во состојба да ги враќаме, бидејќи не сме создавале општествен Бруто продукт што создава акумулација за да ги враќаш парите. Проблемот во Македонија и во слични земји како Македонија, е што немаме административен капацитет за средствата што ги зимаме од странство како заеми, продуктивно да ги инвестирам во земјата. Ако има таков капацитет, тогаш нема проблем, проблем има што овие земји не се во состојба така да ги користат парите.

Секој петти граѓанин во државата живее под прагот на сиромаштија. Трошоците за живот во јуни пораснале за 14 отсто, а цената на храната за една година е порасната дури 20 проценти. Колку луѓе ова дополнително ќе отера во сиромаштија?

Ова ќе ги тера во сиромаштија. А од друга страна ако видите што се случува сега за време на ребалансот на Буџетот во Парламентот, таму ако ги слушаш пратениците од власта тие велат дека за сè водат сметка, дека поради успешна политика на Владата успешно ги пребродуваме последиците од кризата, и од енергетската и од економската, апсолутно не зборуваат самокритички. Во вакви динамички и драматични движења не е никаков грев некои луѓе да се повлечат, ако чувствуваат дека не се во состојба да се справат. А овде едноставно битни им се изборите, па изборите, како да е тоа толку битно. Не велам дека ќе дојде некој друг ако има предвремени избори и овие проблеми нема да бидат присутни, само никој нема право денеска граѓаните да ги држи во една таква политичка пропаганда, во една демагогија, во една фразеологија дека тече мед и млеко, затоа што еве случајно сме имале среќа да имаме ваква влада, вакви министри способни, секоја вечер тоа го слушаме.

Што треба Владата да направи тоа да го спречи?

Да се направи да се сменат. Владата може и да падне, па нека дојде друга. Сите знаат дека имаме 150 илјади луѓе државна администрација, каде што половина не работат и нема што да работат. Владата не спомна дека треба да се намали администрацијата, ни збор од тоа, не може ни десет луѓе да отпуштат и тоа од тие што ништо не работат, a десетина година платите им ги праќаат дома, за да гласаат за одредена партија. Вакви влади не можат да преземат такви радикални чекори за менување, за да има пари да ги враќаме долговите. Замислете за 2022 и 2023 отворена им е врата од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), за земат кредити за ликвидност и претпазливост, а тоа што значи? Граѓаните не знаат. Каде ќе има некои бунтови, нели сите се закануваат со штрајк, сите категории, и полицајци, војници, администрација, професори, да гаснат пожари со тие пари, а тие пари имаат рок на враќање од две години. А владата си вели да дојдеме до редовни избори, па ќе видиме што ќе биде, а и да дојде некој друг не може оваа работа да ја исправи. Нестабилна политичка ситуација, со „купи ден, помини“, а никој не мисли дали утре долгот ќе биде не 60 отсто, туку 70 отсто од БДП-то. Пак ќе се задолжиме, а надворешниот фактор го интересира само да има мир, да нема пукање, а другото кршете глава, тоа е пракса не само сега, туку со години.

Целото интервју со поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини може да го погледнете во видео снимката на почетокот на текстот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG