Владата оваа година ќе се задолжи за 150 милиони евра повеќе од претходно планираното, предвидува Ребалансот на Буџетот за 2022 за кој, пратениците ја почнаа расправата на пленарна седница. Според првичниот Буџет, беше планирано задолжувањето да биде 545 милиони евра, но сега се предвидува буџетската дупка да се прошири на 695 милиони евра, односно 5,3 проценти од БДП-то. Планирано е 70 отсто од ова задолжување да се направи во странство.
Со тоа, јавниот долг годинава повторно ќе надмине 60 отсто од БДП-то, со оглед на тоа што сега е скоро 7,2 милијарди евра, односно околу 55 проценти од БДП. Според Стратегијата за управување со јавниот долг 2023 – 2025 година, која е доставена до Собранието, се предвидува јавниот долг годинава да надмине 65 проценти од БДП. Според критериумите на Светската банка, земјите кои имаат јавен долг над 60 проценти се сметаат за високо задолжени. Според стратегијата, долгот треба да падне на под 60 отсто, дури во 2026 година.
Според Ребалансот, државата оваа година ќе собере повеќе пари од првично планираното, но ќе потроши уште повеќе.
Најголемо кратење има кај капиталните инвестиции, а повеќе пари се предвидени за стоки и услуги и социјални трансфери.
Ставката стоки и услуги е зголемена за 40 милиони евра за институциите да може да ги платат поскапите сметки за енергенси. За пензии се предвидени 1,1 милијарди евра, односно 54 милиони евра повеќе од претходно планираното. За активни мерки за вработување се предвидени плус 36 милиони евра, а за социјални надоместоци плус 35 милиони евра.
Само од почетокот на годинава, владата потрошила 90 милиони евра за покривање на загубите на ЕСМ, кој, поради недоволното домашно производство, купува поскапа струја од странство и им ја продава поевтино на граѓаните и фирмите.
Капиталните инвестиции се кратат за 100 милиони евра - од планираните 621 на 522 милиони евра.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека ниту тие нема да се реализираат. Според него, никаков ребаланс не ѝ помага на Македонија, ако не се намали бројот на вработени во јавниот сектор и расходите за плати.
„Додека тераат, ќе се задолжуваат. Еве најавија, користат пари од ММФ со рок на враќање од две години за гаснење на пожари во буџетот. Две години ќе ги покриваат жариштата и потребите на одделните корисници на буџетот, а тоа се платите на сите видови на административци, за да се одржат на власт. Друго тотално ништо не ги интересира. Долговите ќе ги плаќаат наредните влади, наредните генерации“, вели Хајредини.
Платени 58 милиони евра, нереализирани капитални трошоци
Државниот завод за ревизија во својот годишен извештај за работата во 2021 ги претстави капиталните проекти на државата кои одамна требаше, а сè уште не се довршени, иако за тоа се подигнати заеми од меѓународните кредитори. За нив веќе се направени дополнителни трошоци од 58 милиони евра, иако не се изградени во предвидениот рок, ниту пак има изглед кога ќе се изградат. Најголемите меѓу нив се автопатот Охрид – Кичево, клиничката болница во Штип и пругата кон Бугарија.
Премиерот Димитар Ковачевски, кога беше усвоен ребалансот, на Фејсбук напиша дека „со покачувањето на платите се штитиме од големиот раст на цените, а буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно - директно во приходите на граѓаните“.
За плати и надоместоци, со ребалансот се планирани 540 милиони евра, 10 милиони евра повеќе од првично планираното.
Инфлацијата се проектира на 7,2 отсто, наместо првично планираните 2,4 отсто, се очекува пад на невработеноста од 15,2 на 14,5 отсто и зголемување на просечната плата за 11 проценти. Владата очекува повисоките плати и пензии да ги компензираат ефектите од поскапувањата на трошоците за живот. Според Државениот завод за статистика, трошоците за живот во јуни биле за 14,5 отсто повисоки отколку во истиот месец минатата година.
Доспеваат за враќање 191 милиони евра кредити и уште 166 милиони евра камати.
Приходите во буџетот за годинава се планирани на скоро 4 милијарди евра, а трошоците на скоро 4,7 милијарди евра.