Распоредувањето на „рамковните вработени“, решение или создавање нови проблеми?

Илустрација

Дел од луѓето лесно ќе се вклопат на работните места на кои се распоредени, за дел ќе треба време за обука, а дел од оние кои имаат слаби квалификации веројатно ќе добијат некои помошни работи, вели професорот по административно право Темелко Ристески.

Прераспределувањето на рамковните вработени на конкретни работни места во различни институции веројатно нема веднаш да го реши проблемот со земање плата за неработење ништо, но може да биде добар чекор кон конечно решавање на проблемот. Професор Темелко Ристески вели дека ништо не е полошо од тоа луѓето да добиваат плата за неработење ништо.

Видете и ова: Нереални рамковни вработувања за реална застапеност

Владата уште во јануари годинава донесе одлука за распоредување на 1349 вработени според рамковниот договор кои повеќе од една деценија не одеа на работа, а редовно добиваа плата. Тие требаше да бидат распоредени на работа во 237 државни институции. Одлуката предизвика реакции во јавноста, кога директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски му се спротивстави на премиерот Зоран Заев, велејќи дека не може да ги преземе сите 32 вработени што му ги определила владата, туку само оние кои имаат соодветно образование, по што владата го разреши.

Ова го отвори и прашањето дали со прераспределбата проблемот се решава, или тие луѓе ќе продолжат да не работат ништо, само во различни институции.

Владата соопшти дека 635 луѓе веќе се распоредени во институциите и добиле конкретни ангажмани. Од вкупниот број, 1182 прифатиле распоредување, 38 одбиле и се на трансфер листа, 13 самите дале отказ, а останатите 116 исполниле услови за пензија.

Од институциите, МВР добива 143 вработени, Управата за јавни приходи 101, Агенцијата за вработување 18, Централниот регистар шестмина, а останатите ќе бидат распоредени во други институции.

Професор Темелко Ристески вели дека секое решение е подобро од седење дома и земање плата. Искористеноста на овие луѓе во работниот процес во голема мера ќе зависи од раководителите на институциите во кои се распоредени, вели тој.

„Некои лесно ќе се вклопат, тие што имаат соодветно образование или образование блиско до соодветното, ако има и такви на коишто тешко може да им се најде работа, процесот на дообука ќе трае, а ако има и такви коишто ептен не ги бива за никаде, ќе им се дадат некои помошни работи. Подобро да работат нешто отколку да седат дома“, вели тој.

Видете и ова: Рамковен договор по мерка на дневно-политичките интереси

Премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција посочи дека со прераспределбата се решава децениски проблем.

„Преземањето на вработените нема финансиски импликации врз буџетот на Република Северна Македонија од причина што станува збор за вработени за кои веќе се обезбедени финансиски средства - земаат плата, а не работат“, рече Заев.

Според рамковниот договор од 2001 година треба да се постигне правична застапеност на вработените во јавниот сектор, но тој проблем никако да се реши, зашто беа вработени луѓе за да пополнат бројка, а не одат на работа.