Борбата против криминалот и корупцијата е реченица која често се слуша и од претставниците на Владата и од меѓународната заедница. Но, дамка на таа борба неодамна остави битката на првите луѓе на двете најважни институции во државата надлежни да гонат криминал и корупција- Управата за финансиска полиција, чиј шеф беше Арафат Муареми и Обвинителството за гонење организиран криминал, предводено од Вилма Русковска. На очиглед на јавноста и двајцата не поминаа без последици. Русковска доби суспензија, а Муареми се повлече од неговата функција.
Дали и кривично ќе одговараат ќе покажат постапките кои се водат во обвинителството. Муареми се товари за примање награда за противзаконито влијание. Русковска за злоупотреба на службената должност и овластување и фалсификување исправа.
До каде се постапките?
Видете и ова: Кога во борбата за права ќе се вмеша политиката, страдаат граѓанитеКонфликтот меѓу нив настана кога по налог на Русковска на 18 јули беше извршен претрес во Финансовата полиција, по анонимна дојава на граѓанин, без да бидат соопштени некакви детали.
„Предметот за кој покажувате интерес е во предистражна постапка и по истиот активно се постапува, при што се преземаат низа дејствија меѓу кои и сослушување на лица чии искази според оценката на предметниот обвинител ќе придонесат за понатамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството за организиран криминал и корупција на прашањето на РСЕ до каде е предметот против Муареми.
Имајќи предвид дека предистражната постапка е тајна, како што додаваат од институцијата, во моментов не можат да споделат детали кои и колку лица се сослушани.
Ситуацијата потоа кулминираше кога Муареми поднесе кривичната пријава против Русковска, бидејќи тој смета дека претресот бил незаконски. Кривична пријава е поднесена и против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои го извршија претресот.
„Предметот е во фаза на претходна постапка во рамките на која се вршат распити и се прибираат други докази, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката“, велат од ОЈО на прашањето РСЕ до каде е постапувањето по кривичната пријава на Муареми.
За разлика од предметот против Муареми, јавноста е повеќе запознаена со кривичната пријава против Русковска. По пријавата, прв на сослушување во скопското обвинителство, кое го води случајот, беше подносителот Муареми, а минатиот месец заврши и распитот на обвинителките.
Иако за прв пат се најде на другата страна и наместо да гони, е осомничена, Русковска настапи самоуверено по распитот, ако се суди според нејзините зборови.
„Апсолутно очекувам да се отфрли пријавата, не направив увид во доказите, ја видов кривичната пријава, ми беше понуден да го видам записникот, не бев заинтересирана да ја прочитам изјавата на Муареми“, изјави таа.
Како дојде до конфликтот
На почетокот Русковска штедеше на зборови за причините за претресот во Финансовата полиција и само кажа дека обврска на обвинителство е да провери и да види дали има нешто основано во анонимната пријава. Муареми пак „не и остана должен“ и возврати со претставка до Државното обвинителство и до Советот на обвинители.
Тогаш тој ја доби првата битка против Русковска, бидејќи јавното обвинителството на Љубомир Јовески регистрираше пропусти во претресот, затоа што во случајот можело да постапува единствено Специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања.
Тоа на Муареми му даде дополнително ветер во грб за да ја најави кривичната пријава против обвинителките. Тој тврди дека претресот бил со единствена цел да му се наруши неговиот углед и да се доведат во прашање сите постапки што ги водел. Мотивот на Русковска, според него, е да ги заштити интересите на нејзините блиски луѓе, пријатели и соработници за кои Финансиската полиција води предмети.
Од Муареми се дозна дека Русковска во барањето за претрес до Судот тврдела дека располага со докази дека шефот на Финансиската полиција го направил кривично дело за кое се товари- примање награда за противзаконито влијание.
Управата за финансиска полиција на тоа реагираше дека обвинителката кога го поднесувала барањето располагала со докази каква награда примил директорот и од кого ја примил, и во кој период, но кога се вршел претресот обвинителите побарале „ предметите оформени по поднесени анонимни кривични пријави, поднесени од 2018 година до денот на претресот“.
Дека станува збор за сите предмети, кои во меѓувреме им биле доставени, потврдија и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Во случајов се работи за 380 предмети што подразбира обемен материјал за кој на Управата за финансова полиција и беше потребно време за доставување“, велат оттаму.
Русковска и денес стои на својата одлука, што можеше да се слушне и во нејзината изјава по распитот кога рече „ако повторно има шанса да направи претрес во Финансиската полиција, пак би го сторила истото“. Од неа се дозна и дека дел од кривичната пријава е и нејзината колешка Сузана Мирческа Кузмановска.
Обвинувања за корупција
Преку писмо за помош Русковска се обрати до странските амбасади во земјава и Европската обвинителка Лаура Ковеши од, како што го нарече, загрозувачкиот притисок од претставник на владата, за да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот.
„Македонија не е ниту диктатура, ниту монархија, во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па и тој да е во највисоките ешалони на власта“, напиша Русковска.
Истиот повик потоа го упати и Муареми.
„Не смее Вилма Русковска да ги руши државните институции, да создава јавен впечаток дека Финансиска Полиција е корумпирана и не работи според закон, а истовремено да смета дека никој не смее да ја контролира и оценува нејзината работа“, рече Муареми на брифинг со новинарите.
Но, тоа не вроди со плод, бидејќи одговорот на амбасадата на САД и на ЕУ беше едногласен-Тоа е прашање за надлежните органи.
Русковска суспендирана, Муареми се повлече
Надлeжните органи во државата не останаа неми, па така првиот човек на државното обвинителство, Јовески по нотираните пропусти во претресот, поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на обвинителките, што резултираше со суспензија на Русковска.
За тоа дали и кој би стоел зад нејзината суспензија, Русковска рече дека нема да ги сподели со јавноста и дека не се плаши да ги каже, само не сака да заврши пред Суд за клевета.
Истиот ден кога јавноста дозна дека Русковска добила решение за суспензија „цената“ ја плати и Муареми, кој се повлече од неговата функција во Управата за финансиска полиција.
„По своја сопствена волја се повлекувам од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција. Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, се вели во соопштението од Финансиска полиција за оставката на Муареми.
Муареми беше в.д директор, бидејќи мандатот му престана на 15 февруари. Сега во неговото столче седи Горан Иванов.
Русковска не се откажува
За разлика од Муареми, Русковска нема намера да се повлече, а тоа го покажа и со нејзината повторна кандидатура за шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Видете и ова: Лажни закани со бомби - Кој ќе го фати испраќачот на мејлот од Протон?Мандатот и истекува на 14 ноември, а по нејзината суспензија како времена замена беше назначен Трајче Пеливанов. Иако во минатото тврдеше дека нема намера да се кандидира за втор мандат, сепак Русковска се премисли. Притоа е убедена дека колегите ќе застанат зад неа.
„Очекувам колегите да ме подржат во кандидатурата и да гласат за мене“ изјави кусо таа.
Во трката за нејзиното место се уште тројца кандидати, Деса Пауноска и Ислам Абази од Вишото обвинителство- Гостивар и Ермон Незири од скопското Обвинителство.
На 7 ноември обвинителите треба да гласаат, по што се доставуваат резултатите, а Советот на обвинители во рок од седум дена по гласањето треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител што добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати.