Достапни линкови

Кога во борбата за права ќе се вмеша политиката, страдаат граѓаните


Илустрација - автобуси на ЈСП пред Влада, октомври 2022
Илустрација - автобуси на ЈСП пред Влада, октомври 2022

Независно од тоа кој ќе ја добие битката во „војната“ меѓу Арсовска и вработените во јавните претпријатија, граѓаните се тие кои ќе ги трпат последиците, коментира стручната фела осврнувајќи се на препукувањата меѓу градоначалничката, директорите на некои јавни претпријатија и синдикатите

Минатата недела Скопјани се соочија со хаос низ градските улици бидејќи возачите на јавното сообраќајно претпријатие штрајкуваа поради неисплатена плата за септември. Сите автобуси на ЈСП се вратија на улиците низ главниот град, откако Град Скопје скрати од други проекти и најде пари за да им исплати плати на вработените во ова претпријатие.

Штрајкот на возачите на ЈСП им предизвика непријатности на скопјани кои за штрајкот дознаа непосредно пред тој да почне, па се доцнеше и на работа и во училиште. Покрај штрајкот на возачите на ЈСП протестираше и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска која нареди неколку автобуси да ја блокираат “Илинденска“ како притисок врз Владата за, како што тврди Арсовска, долг кон јавното претпријатие за превозот на ученици.

Во меѓувреме пак, од други причини, протест најавуваат и вработените во ЈП „Водовод и канализација“. Тие го обвинија директорот, поставен од скопската градоначалничка Данела Арсовска, дека вршел притисоци врз нив да ги напуштат работните позиции.

Лидерот на Сојузот на синдикати Дарко Димовски изјави дека штрајкот би значел дека вработените нема да ги извршуваат своите работни задачи, односно дека нема да има кој да ги поправа дефектите и поради тоа Скопје ќе нема вода.

Ефектите од штрајкот на работниците на крајот повторно ќе ги почувствуваат граѓаните, кои пак според закон, имаат неприкосновено право на пристап до вода.

Од здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ велат дека комуналните претпријатија се должни да им обезбедат услуги на нивните корисници. Оттаму порачуваат политиката да се остави настрана и да не се злоупотребуваат граѓаните за остварување на политички поени.

„На пример според Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, ние имаме обврска да им обезбедиме на граѓаните непречено снабдување со вода. Работниците пак имаат права според колективен договор и други закони да ги бараат своите права преку штрајк. Сметам дека кој било кој извршува јавна функција треба да ја остави политиката настрана и да не ни се случува поделба меѓу локална и централна власт кој од каде е зошто на крај сите се повикуваме на граѓаните и треба да работиме за нивно добро,“ вели Пеце Милевски, претседател на АДКОМ.

Скопје без јавните градски автобуси, возачите бараат плата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:17 0:00

Разбирање за работниците има и заменик народниот правобранител Јован Андоновски, но според него правото на работниците не смее да ги загрозува основните човекови права.

„Целосно поддржувам право на протест или штрајк на вработените во било кој орган, институција или приватна компанија, но мислам дека треба да имаат поголем осет по однос на тоа како ќе биде реализирано или заштитено тоа право. Доколку вработените се незадоволни од висината или редовноста на примањата тие имаат целосно право да си побараат подобрување на својата состојба. Знаеме дека живееме во тежок период, имаме инфлација, покачување на цените, потрошувачката кошничка расте итн. но, треба да бидеме реални дека граѓаните не смеат да бидат ускратени од нивното право до пристап за вода за пиење и услугите на тоа претпријатие“, вели Андоновски во неделното интервју за радио Слободна Европа.

Андоновски истакнува дека институциите кои испорачуваат услуги не треба да забораваат дека функционираат во интерес на граѓаните и благодарение на нив добиваат плати. Тој посочува дека канцеларијата на Народниот правобранител им е на располагање и на вработените но и на граѓаните.

„Сметам дека во оваа ситуација користењето на некои инструменти како медијација, имаме медијатори во државата кои можат да посредуваат меѓу работодавецот и работниците со цел да имаме и континуитет во испорачувањето на услугите, а да може и тие да си ги остварат своите права,“ вели Андоновски.

Во меѓувреме и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека доколку од ССМ достават барање за медијација, МТСП ќе одреди медијатор кој што ќе се обиде да го реши проблемот преку медијација.

Градоначалничката Арсовска најави бескомпромисна војна против партизацијата на институциите, а од синдикатите и порачаа да не шири паника, туку да помогне во борбата за остварување на правата на работниците и да ги спречи оние кои ги прекршуваат.

Вчера помина рокот од 10 дена кои од ССМ и го дадоа на Арсовска за да го разреши директорот на „Водовод и канализација“, за да не дојде до штрајк.

Според Арсовска пак најавениот штрајк во „Водовод“ е политички инструиран од ВМРО-ДПМНЕ оти партијата претпријатието го претворила во биро за вработување на партиски кадри. Таа побара Јавното обвинителство и другите државни органи да ги спречат заканите за секнување на водата во главниот град.

Арсовска-од миленичка на ВМРО-ДПМНЕ до најголем партиски непријател

Веќе некое време траат препукувањата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја поддржа нејзината кандидатура на последните локални избори 2021 година.

Проблемот почна кога таа ги разреши од функциите секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски и в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација Златко Перински поради несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во тендерот од 136 милиони евра за изградба на Пречистителна станица во Скопје.

На местото на Перински Арсовска го постави Марјан Митовски кој ССМ бараат итно да биде разрешен, бидејќи како што велат, ги малтретирал и деградирал вработените.

По разрешувањето на Перински и Велковски, директорките места на неколку јавни претпријатија во Град Скопје останаа празни, откако директорите си поднесоа оставки. Разрешените директори и дел од тие кои потоа си дадоа оставки се кадар од ВМРО-ДПМНЕ.

Директорите во оставките посочија на лоша соработка со градоначалничката и немањето на слух од нејзина страна за проектите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG