Работниците не бараат правна помош оти не му веруваат на судството

Се намалува бројот на работници кои побарале правна помош од синдикатот поради некаква повреда на работничките права. Недовербата во судството се посочува како главна причина за нивната пасивност, но активистите апелираат работниците да бидат поактивни и погласни во барањето на нивните права

Во првите шест месеци од 2019 година до Сојузот на синдикати се обратиле 804 работници кои побарале заштита на работниот однос по различни правни основи. Најголемиот број обраќања се од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство, а најголем дел од барањата за помош од Синдикатот се однесуваат на неисплатени плати, надоместоци и неуплатени придонеси од плата, односно 514. Стотина барања за помош се однесуваат на правата во стечајна постапка, а за синдикални права постојат седумдесетина барања. Но од овие барања само мал дел се процесуирани во надлежниот суд, вели Катерина Поповска, правник во ССМ.

„Ние како синдикат имаме различен начин на пристап и различен вид преземени дејствија. Имаме совети, мислења, изготвени барања, тужби, спогодби, предлози за извршување, дописи до инспектори, до обвинител итн. Во однос на судските постапки вкупен број на обраќања по кои биле поднесени тужби се 16 и се уште се во тек. Работните спорови имаат статус на итни спорови, но мора да се каже дека ретко кој од тие предмети се завршил пократко од тие две години“, вели Поповска.

Од ССМ велат дека тенденцијата на барање помош од Синдикатот е во надолна линија, односно бројот на обраќања за помош од работниците се намалува. За истиот период во 2018 година тој број бил над 1007. Според Поповска, постојат повеќе причини поради кои работниците не се одлучуваат да покренат судски процес.

„Причината пред се е што се поголем број на членови или работници се недоволно информирани во однос на своите права кои можат да ги остварат преку синдикатите, но најважно од се е тоа што истите не се осмелуваат да поведат постапки против своите работодавачи зошто стравуваат дека ќе ги изгубат своите работни места или ќе се соочат со одредени казни кои по различни основи знаат работодавачите да ги искористат. Од друга страна причина е недовербата во судството и инспекциите. Ние на пример се соочуваме со еден проблем во однос на инспекцијата за труд, која многу често знае да биде на страната на работодавачот“, вели Поповска.

Видете и ова: Човекови права и недовербата во судството

Дека македонскиот работник е плашлив и негува голема недоверба кон институциите на системот се согласува и Ана Глигорова, активист во граѓанското здружение „Човекот над профитот“.

„Имаме многу мал дел договори на неопределено. Најчести договори се договорите на три, шест месеци или една година кои се обновуваат. Тоа создава голема несигурност кај работникот. Вториот проблем е големата недоверба во судската власт. А секако проблем е и недоволната информираност кај дел од работниците околу нивните права“, изјави Глигорова.

Таа вели дека реалноста покажува дека државата не функционира како социјална, иако според Уставот е така дефинирана. Но, сепак е оптимист дека работите ќе се сменат.

„Мислам дека се подигнува свеста кај работниците. Мислам дека со континуирана акција, со процесни активности, преку медиумите ора да се охрабрат луѓето да излезат надвор и да си ги бараат своите права. Верувам во тоа дека полека ќе се разбуди работната свест и дека постепено Македонија ќе се претвори во сигурна социјална држава“, заклучува Глигорова.

Според Глигорова протестите се еден од начините работниците да ги побараат и да ги добијат правата што им следуваат, па во таа насока сугерира на поактивно и похрабро вклучување на работниците во синдикалните и граѓанските организации, кои се најчести организатори на протестите.