Работна група за привлекување поддржувачи за уставни измени

Архивска фотографија: Собраниска седница

Ниедна опозициска партија не предложила свои претставници во Работната група за уставните измени која ја формира Министерството за правда. Власта ги претставува измените како избор „за или против ЕУ“, а опозицијата не сака ни да разговара, само бара предвремени парламентарни избори.

Работната група за уставните измени ќе работи без ниеден претставник на опозицијата, ниту од македонскиот ниту од албанскиот блок. Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за продолжување на македонските евроинтеграции, но власта го нема потребното двотретинско мнозинство за уставни измени.

Во Работната група веќе официјално се предложени 13 членови, а ним треба да им се придружат и ескпертите. СДСМ во работната група ја предложила генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, од ДУИ ќе биде координаторот на нивната пратеничка група Арбер Адеми, пратеникот Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократска партија на Турците.

Видете и ова: Зошто мнозинството е против внесувањето на Бугарите во Уставот?

Претседателот Стево Пендаровски го назначил својот советник, професор Александар Спасов, Министерството за надворешни работи го предложило Шпенд Садики, а Секретаријатот за европски прашања Драган Тилев.

Министерството за правда информира дека експертите кои ќе бидат дел од работната група за подготовка на уставните измени ќе се соопштат до крајот на неделава.

Опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Социјалистичката партија и Демократскиот сојуз уште претходно соопштија дека нема да имаат свој претставник во групата. Партијата на Албанците Алтернатива исто така соопшти дека не планира да учествува во работна група за уставни измени, ако нема политички консензус за измени. Иако најави дека ќе предложи, опозициската партија Беса до истекот на рокот на полноќ не номинирала свој претставник.

Министерството за правда ги повика партиите и институциите да предложат свои членови во работната група која треба да ја подготви предлог иницијативата за потребата од уставни измени, а предлогот потоа ќе ги помине сите работни тела во Собранието.

Опозицијата реагираше дека уставните измени не се подготвуваат во ад хок работни групи, туку во Собранието, ако двотретинско мнозинство изгласа таква потреба.

Илустрација: Устав на Македонија


Зошто работни групи ако нема волја за уставни измени?

Со Работната група за уставните измени, власта сака да го мобилизира и прошири фронтот кој прифаќа измени на Уставот за да продолжат евроинтеграциите и да го засили притисокот врз опозицијата за да ги поддржи. Во крајна линија сака да ја доведе опозицијата до избор „за или против Европската унија“ и со тоа да ја прикаже како некој кој е против ЕУ, вели аналитичарот Петар Арсовски.

„Мислам дека притисокот од меѓународната заедница, па и од владејачките партии, е да се направи чесен обид за уставните измени.
Тоа подразбира да се влезе во процедура за дебата и да се донесе на чистина дали постои или не постои политичка волја за уставните измени“, вели Арсовски.

Токму во тој контекст е и вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски.

„Во државата имаме два концепти - едниот концепт се политички партии кои ја поддржуваат Северна Македонија членка на НАТО и на ЕУ и имаме втора група на политички партии предводени од Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, кои се против членството на земјава во НАТО и во ЕУ. И тоа во историјата се потврдило“, рече Ковачевски.

Видете и ова: Преамбулата приоритет, но Уставот ќе отвори и други прашања

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, знаејќи дека без нивните гласови, нема мнозинство за измени, бара предвремени парламентарни избори, на кои се надева дека ќе победи. Тие не велат дека се против уставни измени, туку дека тоа нема да се случи во овој парламентарен состав.

Потпретседателот на партијата Александар Николоски изјави дека тие нема да поддржат влез на Бугарите во Уставот „како дел од ваквата Преамбула којашто ја има македонскиот Устав“.

„Македонија може да почне преговори со ЕУ без уставни измени, затоа што средена Македонија внатре ќе значи сериозен притисок врз Бугарија за Бугарија да се откаже од овие максималистички барања што ги има. Несредена и ваква Македонија значи и прифаќање на бугарските барања“, рече Николоски за ТВ Сител.

Опозициските партии на Албанците прифаќаат внесување на Бугарите во Уставот, но поддршката ја условуваат со промена на формулацијата „јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“ со албански јазик. Претседателот на Беса Биљал Касами верува дека уставните измени може да се направат оваа година.

„Која Влада ќе ги направи овие измени, тоа е друга тема. Можни се предвремени избори. Владата треба да прифати дека со оваа политика не може да се постигне мнозинство“, рече Касами во гостувањето на ТВ21.

Арсовски вели дека Албанците не се тие кои ќе ги закочат измените.

„Таа пандорина кутија тешко дека ќе се отвори. Во моментот не се албанските партии проблемот, проблем се опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Ако кај нив се постигне некаков договор за поддршка на уставните измени, меѓународната заедница ќе ги притисне албанските партии да ја поддржат оваа уставна измена, а дебатата за 20 проценти евентуално ќе се одложи за подоцна, затоа што ова е итно, а нема време да се разговара за двете во овој цајтнот“, вели Арсовски.

Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав не се само бугарско барање, туку е дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, односно се услов поставен од Европската унија. До ноември трае скринингот од ЕУ, а власта се надева дека ќе може да ги направи уставните измени до тогаш за веднаш да почне отворањето на поглавјата во преговорите со Унијата.

Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков минатата недела рече дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот за впишување на Бугарите во македонскиот Устав, но ова барање беше експресно одбиено со образложение дека се работи за внатрешно прашање на Македонија.

Европските претставници во повеќе наврати повикуваат на национално единство за донесување на уставните измени.