Достапни линкови

Преамбулата приоритет, но Уставот ќе отвори и други прашања


Кренар Лога, министер за правда на РСМ
Кренар Лога, министер за правда на РСМ

Приоритет е Преамбулата во делот на вметнување на помалите заедници во државата, но се размислува и за други потребни измени на Уставот, вели новиот министер за правда Кренар Лога. Тврди дека е само прашање на денови кога ќе биде формирана работната група за уставни измени.

Измените на Уставот може да значат отворање на пакет други прашања, иако приоритет останува Преамбулата, односно внесувањето на Бугарите и другите етнички заедници во македонскиот Устав.

Новиот министер за правда Кренар Лога вели дека измените во Уставот треба вклучуваат и прашања кои се однесуваат на смена на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“. Со измените треба да се регулира и вакуум просторот во работата на институциите при распуштање на Собранието и при смената меѓу еден и изборот на друг министер, а според Лога потребни се и измени според кој министерот за правда не треба да биде член на Судскиот совет, како што е случајот сега.

„За сите овие прашања ќе треба да имаме консензус, но за нас приоритет останува Преамбулата во делот на вметнување на помалите заедници во државата. Ако има расположение кај сите учесници, ние сме подготвени сите овие предлози да бидат дел“, изјави Лога на денешниот брифинг со новинарите, посочувајќи дека негов став е кога веќе се отвора Уставот подобро е сите овие прашања да одат во пакет.

Лога вели дека за отворањето на Уставот како пакет ги информирал и премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски. Тој најавува брзо формирање на работната група која ќе биде составена не само од политички претставници туку и од правни експерти. На поканата на министерот да определат свој член во работната група, па дури и претседател, ВМРО-ДПМНЕ се уште не одговорила.

„Очекувам опозицијата да е дел од работната група не само за уставните измени туку и за изборниот законик, а и за сите други работни групи поврзани со реформи не само во правосудниот систем туку и во другите области“, вели министерот Лога.

Нема конкретен одговор дали во пакетот прашања кои би биле разгледувани ќе влезе и употребата на правниот инструмент „уставна тужба“, што е барање на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. Министерот вели дека има поделени мислења во стручната фела, дали ова треба да се регулира со Уставот или во рамките на Уставниот суд.

Уставната тужба, според Кацарска, ќе значи проширување на опсегот на покривање на човековите права и слободи, а утврдена повреда од страна на Уставниот суд ќе значи и насока за другите органи како да постапуваат и одлучуваат.

А влезот на Македонија во Европската Унија во моментот е условен од уставните измени, односно од тоа дали во Уставот ќе бидат внесени Бугарите. Внесување на Бугарите во Уставот, е неопходен чекор за да може земјата да почне да ги отвора поглавјата во преговорите со Европската унија. За да се направат измени на Уставот е потребна поддршка од две-третини од пратениците во македонското Собрание, кое брои 120 членови.

Професорот по уставно право Светомир Шкариќ смета дека Бугарите не смеат да бидат привилигирани во однос на другите етнички заедници кои живеат тука. Во интервју за „Топ тема“ за телевизија Телма тој кажа дека решението за малцинските заедници во Македонија треба да биде исто како што е во Хрватска, во која преку евроинтегративниот процес од осум заедници се дојде до 20 етнички заедници кои се набројани во Уставот.

Професорот смета дека добро би било да се движиме кон ЕУ, по процедура којашто ќе биде утврдена во Уставот, а за тоа да се случи треба заеднички јазик и разговор помеѓу домашните субјекти.

„Прашање е дали Македонија ќе има доблест и ум да направи исчекор да го отвори патот кон пристапните преговори. Треба да се види кога ќе се појави првиот нацрт на уставните амнадмани, дали тоа прашање така како што е поставено може да има негативни консеквенции врз другите одредби на Уставот. Засега во оваа фаза треба да се размислува, да се види предлогот па да се отвори дебата. Во секој случај третманот на Бугарите не смее да биде привилигиран во однос на другите малцински заедници,“ рече Шкариќ во интервјуто.

Засега власта ја нема потребната поддршка за уставните измени, а лидерот на најголемата опозициска партија во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, останува на ставот дека нема да има уставни измени во овој пратенички состав. Оваа партија бара гаранции од ЕУ за да не се случи ново вето од Бугарија.

Поддршка засега нема и од мнозинството македонски граѓани. Послаедната анкета на Институтот за демократија и Конрад Аденауер покажа дека дури 80 проценти од етничките Македонци се противат на уставните измени.

Инаку односите меѓу Македонија и Бугарија се влошени во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година поради историски, јазичен и идентитетски спор.

Блокадата се надмина минатото лето со усвојување на Францускиот предлог во двете држави и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но остана условот на Бугарија за отворање на поглавјата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG