Достапни линкови

Работната група за уставните измени ќе работи и без ВМРО-ДПМНЕ


Устав на Македонија.
Устав на Македонија.

Ако ВМРО-ДПМНЕ одбие да се вклучи во работната група за уставните измени, тоа ќе биде негативно за процесот кој треба да ја одреди иднината на државата, смета аналитичарот Мехмети. За ВМРО ДПМНЕ станува збор за нелегитимен процес. Ова тело се очекува да биде формирано за десетина дена.

Работната група за уставните измени ќе биде формирана по секоја цена, дури и ако опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во неа, потврдуваат за Радио Слободна Европа од Министерството за правда.

Сè уште нема прецизни детали како ова тело ќе функционира, но веќе се водат преговори за влез на професори, правни експерти и претставници на партиите и се очекува да биде формирано до крајот на следната недела. Паралелно ќе биде отворен и процес за стручни јавни расправи.

„Откако ќе биде формирана групата, ќе се утврди и методологијата и начинот на работа. Приоритет е Преамбулата на уставот“, велат од Министерството за правда.

Работната група треба да го подготви текстот на уставните амандмани, вклучително и текстот на Преамбулата за внесување на Бугарите и други помали заедници во државата, неопходни за Македонија да почне со отворање на поглавјата во преговорите со Европската унија. Откако ќе бидат подготвени уставните амандмани во работната група, ќе бидат испратени во Собранието, каде за промената на Уставот е потребно да гласаат најмалку 80 пратеници.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека уставни измени нема да има и засега е со став дека нема да учествува во оваа работна група, бидејќи ваквиот процес го смета за нелегитимен. Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Клековски изјави дека со внесувањето на Бугарите во Уставот нема да се подобрат односите меѓу двете држави.

„Јас сметам дека никој во Македонија нема против Хрватите да бидат внесени во уставната преамбула. А, зошто немаме ништо против Хрватите, а имаме против Бугарите. Разликата е во добрата волја. Односите меѓу двете држави се на најниско можно ниво после потпишувањето на договорот за добрососедство и не сме сигурни дека таа отстапка води кон решавање на проблемите, бидејќи не ја гледаме добрата волја од другата страна“, вели Клековски за ТВ Сител.

Но, евентуалното неучество на ВМРО-ДПМНЕ во работната група за уставните измени, ќе значи дека партијата целосно ќе биде исклучена од процесот и дека на тој начин таа самата ќе се откаже да даде придонес во изработка на текстот на уставните амандмани, смета политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети.

„Ова е исклучително важен момент за државата, со оглед на тоа дека почетокот на преговорите е условен со уставните измени. Тоа значи дека сите политички сили треба да се вклучат во овој процес на било кој начин. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не се вклучи во овие разговори, тоа ќе биде негативно за самиот процес, бидејќи ова не е нешто што се однесува на дневна политика, туку е работа што ќе ја одреди иднината на државата. Во исто време, нивното евентуално неучество би значело дека го отфрлаат и нивното право подоцна да се жалат за формулацијата на уставните амандмани“, вели Мехмети.

Иако приоритет во работата на работната група ќе биде Преамбулата, како што велат од Министерството за правда, измените на Уставот може да значат отворање на пакет други прашања. Меѓу нив промена на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“, што ја поддржа и претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.

„Предлагаме оваа промена да се случи сега и сме убедени, не само во согласувањето на албанските партии, туку и на сите партии во Македонија“, рече Таравари чија партија од неодамна е дел од владината коалиција.

Меѓу другите измени за кои се зборуваше беа за регулирање на вакуум просторот во работата на институциите при распуштање на Собранието и измени според кои министерот за правда не треба да биде член на Судскиот совет, како што изјави на новинарски брифинг новиот министер за правда Кренар Лога.

Но, сепак Лога ден потоа се предомисли и изјави дека приоритет е промена на Преамбулата.

Освен внесувањето во Бугарите, Здруженијата на Египќаните исто така официјално побараа од Владата да бидат внесени во Преамбулата каде се споменати Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите и Бошњаците. Владата најави дека размислува и за барањата на Евреите, Хрватите, Торбешите и Црногорците.

Бугарија како членка на ЕУ го условува отворањето на поглавјата на Македонија со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, откако минатото лето земјава ги почна пристапните преговори со надминување на бугарската блокада по усвојувањето на францускиот предлог.

Во моментов ЕУ прави скрининг на сите 33 поглавја за пристапување: од заштита на потрошувачите, до надворешна политика за да види што Северна Македонија треба да направи на секое политичко поле за да стане членка. Овој процес најверојатно ќе заврши наесен.

Но, сепак како и која било друга од 26-те земји-членки на ЕУ, Бугарија мора да даде зелено светло за отворање, но и за затворање на секое поглавје од преговорите и тука земјата повторно може да стави вето.

Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но Бугарија во 2019 година стави вето Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.

Последни уставни измени во Македонија беа направени во јануари 2019 година кои беа услов со Преспанскиот договор со Грција потпишан една година претходно, кога меѓу другото земјава се обврза да го промени името Република Македонија во Република Северна Македонија.

Уставот на Македонија претходно беше променет и во 2001 година по потпишувањето на Охридскиот договор за ставање крај на вооружениот конфликт.

Пристапувањето кон измена на Уставот може да поднесат претседателот на Републиката, претседателот на Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство, исто како и одлуката за неговата измена.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG