Путин наместо јуриш нареди опсада на челичарница во Мариупол

Мариупол.

Рускиот минисер за одбрана Сергеј Шојги вели дека „цел Мариупол е под контрола на руската армија. Рускиот претседател Владимир Путин го откажа нападот на Азовстал и нареди негова блокада. Русија продолжува со офанзивата на истокот, а украиските прговарачи понудија преговори во Мариупол.

Рускиот претседател Владимир Путин му нареди на министерот за одбрана Сергеј Шојгу да ги откаже плановите за упад во фабриката за челик Азовстал во опколениот украински пристанишен град Мариупол и наместо тоа да ја блокира со цел да ги заштити животите на руските војници.

За време на денешниот видео состанок Шојгу му рекол на Путин дека „цел Мариупол е под контрола на руската армија“ и сепаратистите поддржани од Москва, додека фабриката во Азовстал е „безбедно затворена“ по неколку недели тешки бомбардирања и интензивни борби низ целата територија.

Путин - Нема потреба од качување по катакомби и ползење под земја

Путин му честиташе на Шојгу за „ослободувањето“ на Мариупол, велејќи дека би било „непрактично“ да се нападне огромниот индустриски комплекс.

„Непрактично е да се нападне огромниот индустриски комплекс бидејќи нема потреба да се качуваме во тие катакомби и да ползиме под земја под тие индустриски капацитети“, рекол Путин за време на состанокот.

Шојгу му рекол на Путин дека повеќе од 2.000 украински борци сè уште се засолнати во огромната централа, која има големи подземни објекти, и тврди дека на руските сили им требаат само неколку дена за да го „завршат“ преземањето на комплексот.

Видете и ова: Ултиматум за бранителите на Мариупол, Западот вети воена помош

Шојгу рече дека повеќе од 142 илјади цивили биле евакуирани од Мариупол преку хуманитарни коридори. Тоа тврдење е противречно од она што го тврдат украинските власти кои велат дека само на мал број бегалци им било дозволено да го напуштат градот од почетокот на војната на 24 февруари.

Претходно на 21 април, украинската вицепремиерка Ирина Верешчук рече дека само четири автобуси со евакуирани цивили го напуштиле Мариупол на 20 април наместо планираните 90 автобуси со кои се очекуваше да бидат евакуирани околу 6.000 луѓе.

Таа во изјава за Телеграм рече дека евакуацијата на жените, децата и постарите лица ќе продолжи на 21 април.

Во меѓувреме додека руските трупи ја продолжуваат својата офанзива во источна Украина, Киев предложи да се одржи „специјална рунда“ преговори во Мариупол.

Продолжува руската офанзива во Донбас

Британското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили напредуваат во областите во Донбас кон градот Краматорск, кој и натаму е под руски ракетен оган.

„Продолжува руската воздушна активност на високо ниво која се обидува да и пружи блиска воздушна поддршка на руската офанзива во источна Украина и да ги потисне и уништи капацитетите на украинската воздушна одбрана“, наведе британското Министерство за одбрана во редовниот билтен.

Откако не успеа да ги заземе Киев и другите големи и стратешки градови во речиси осумнеделната војна, Москва сега вели дека нејзината цел е целосно да ги освои провинциите Доњецк и Луганск.

„Втората фаза“ од руската инвазија врз Украина низ фотографии

Михаило Подољак, главниот украински преговарач и помошник на претседателот Володимир Зеленски, рече дека украинската страна е подготвена да ги одржи разговорите без услови.

Друг клучен украински преговарач, Дејвид Арахамиа, на Телеграм изјави дека тој и Подољак „се подготвени да пристигнат во Мариупол за да разговараат со руската страна за евакуација на украинскиот воен гарнизон и цивили“.

Засега нема реакција од Москва на предлогот.

Арахамиа рече дека тој и Подољак биле во постојан контакт со украинските сили во градот.

„Денеска во разговор со градските бранители беше даден предлог за директни преговори, на лице место, за евакуација на нашиот воен гарнизон“, рече тој.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Украинци масовно купуваат поштенски марки во чест на бранителите

Русија доставила барања за ставање крај на конфликтот

Русија претходно соопшти дека ѝ доставила на Украина нацрт-документ во кој се наведени нејзините барања за ставање крај на конфликтот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека топката е на терен на Украина и дека се чека на нивниот одговор. Песков не соопшти повеќе детали за нацрт договорот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека не го видел ниту слушнал за предлогот, иако еден од неговите главни советници рече дека украинската страна го разгледува.

Данската премиерка Мете Фредериксен која на 21 април го посети Киев заедно со нејзиниот шпански колега, Педро Санчез, рече дека Данска ќе и достави повеќе оружје на Украина.

Фредериксен не даде дополнителни детали за набавката на оружје.

Во Вашингтон, американскиот претседателот Џо Бајден ги свика американските воени лидери на годишниот состанок за политиката на Белата куќа, кој доби посебно значење среде војната во Украина.

Отворајќи го состанокот, Бајден ја пофали цврстината на украинската војска и рече дека единството на НАТО го шокираше Путин.