Владимир Путин „ја воведе Русија во стапица“ со инвазијата врз Украина, вели поранешниот полски дисидент Адам Михњик, предвидувајќи конечен пораз за рускиот лидер и шанса за многу потребните либерални реформи потоа.
„Во Русија промени се случија откако беа изгубени војните - по финската војна, јапонската војна, авганистанската војна, а сега и украинската“, оценува тој за Радио Слободна Европа.
Михњик, водечки интелектуалец од ерата на Студената војна и долгогодишен критичар на руската доминација во Источна Европа, сега, на 75-годишна возраст, е главен уредник на либералниот полски весник Газета Виборча.
Зеленски: во тек е „Битката за Донбас“
Во колумна за весникот, Михњик ја смета борбата на Украинците како последно поглавје на историската репресија од страна на Советскиот Сојуз и Русија. „Мора да го кажеме тоа јасно и гласно. Сега сите сме Украинци“, напиша тој.
Во интервју за Радио Слободна Европа Михњик вели дека Путин веројатно бил заблуден оти настаните за време на неговата последна инвазија на Украина во голема мера ќе бидат како оние на Крим во февруари 2014 година, кога руски војници без ознаки на нивните зелени униформи ја презедоа контролата врз полуостровот на Црното море.
„Неговата надеж дека ќе се повтори она што се случи на Крим, ентузијазмот, каков што имаше за време на Крим, не се случи“, објаснува Михњик.
Жртви во Лвив, запрени конвоите за евакуација на цивили низ Украина
Еден месец по илегалната анексија на Крим во март 2014 година, Путин испрати оружје, средства и друга помош за локалните сепаратисти во југоисточна Украина, предизвикувајќи конфликт во кој загинаа најмалку 13.200 луѓе.
„Во неговата пресметка да оди во војна, Путин беше поттикнат од уверувањето - кое го имаат многу Руси - дека Украинците не се посебни луѓе, вели Михњик, додавајќи:
„Тој мисли, како што и веројатно некои од нашите заеднички руски пријатели, дека во Украина не се Украинци, туку тие се Мали Руси, една нација. Ова е голема грешка не само на Путин, туку и на многу интелигентни луѓе во Русија“.
Рускиот милијардер во егзил Михаил Ходорковски неодамна изјави за Си-Ен-Ен дека Путин станал „буквално луд“ кога неговата инвазија врз Украина не била дочекана со пријателски прием од нејзините граѓани.
„Путин, исто така, погрешнно го предвиде одговорот на Западот, надевајќи се дека она што многумина го критикуваа како избрзаното повлекување од Авганистан од страна на Соединетите држави и нивните сојузници во НАТО е знак за пукнатини меѓу сојузниците“, вели Михњик.
Путин, исто така, според Михњик, веројатно ги потценил можностите на Украинците.
„Путин не мислеше дека ќе има таков херојски одговор од украинската армија и украинското општество. Фантастично е, никој не мислеше дека тоа ќе се случи, а ни јас не мислев дека ќе се случи. Украинците ми рекоа дека ова ќе се случи, но јас не им верував“, рече тој.
Украина деновиве процени дека скоро 20.000 руски војници загинале од почетокот на војната, повикувајќи се на сопственото извлекување на телата и на пресретнати руски комуникации.
Русија соопшти дека украинските бројки биле надуени. Москва досега само двапати објави нејзини бројки, кои се многу помали од оние што ги кажува Киев.
Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, на 7 април во интервју за Скај њуз рече дека земјата има „значителни загуби на војници и тоа е огромна трагедија за Русија“, што е ретко официјално признание за обемот на руските загуби.
Тешко е да се процени каква поддршка има Путин меѓу просечните Руси, вели Михњик, во услови на влошување на репресијата и замолчувањето на кој било опозициски медиум.
Обичните Руси може да се соочат со затворска казна до 15 години за противење на наративот на Кремљ за војната во Украина. Илјадници луѓе досега се приведени од полицијата ширум земјата поради тоа што се изјасниле против војната.
„Не верувам дека Русите 100 насто го поддржуваат Путин; 200.000 Руси заминале во странство. Во 1968 година, за време на интервенцијата во Чехословачка, седум лица излегоа на Црвениот плоштад во Москва. Денес веќе се уапсени 8.000 кои излегоа на улиците со слоганот „Не на војната“, рече Михњик, осврнувајќи се врз проценките за тоа колку Руси ја напуштиле земјата од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
Русија усвои многу советски тактики во дефинирањето на оние што ѝ се спротивставуваат, објаснува Михњик, при што Украинците се карактеризирани како „нацисти и фашисти“, во бескрајна канонада на државните медиуми.
„Дури и за време на болшевиците, војната со Полјаците не беше војна со Полјаците - не, тие беа белите Полјаци“, вели Михњик, истакнувајќи го терминот што го користеа болшевиците, а подоцна и советските власти за да ги назначат „непријателите“. на комунистичкото владеење.
Велика Британија: Русија сака да ја натера Украина да се откаже од евроатланската ориентација
„Кога имаше зимска војна со Финска, тие беа Бели Финци. Сега, не се Украинци, туку фашисти, нацисти. Но, ако така ви кажат наутро, потоа навечер, еден ден, друг ден, трет ден, на крајот на краиштата, мислите дека има нешто во тоа“, вели Михњик, додавајќи:
„Добро се сеќавам, како во Полска во советско време имаше антигерманска пропаганда дека сите Германци се нацисти. Но, не овие Германци, не нашите од Источна Германија - тие беа добри Германци. Украинците од Луганск и Доњецк кои ја поддржуваат политиката на Кремљ добри се, но и тие не се Украинци, тие се мали Руси“.
На крајот, руската инвазија на Украина ќе заврши со пораз на Путин, вели Михњик, кој судејќи според претходните руски воени порази во минатото, додава дека може да се појави и можност за промени.
„Сигурен сум дека Украина за Путин ќе стане она што Авганистан стана за Леонид Брежњев“, вели тој, мислејќи на поранешниот советски лидер кој нареди инвазија врз Авганистан во декември 1979 година.
Тој конфликт доведе до смрт на околу 15.000 војници и 2 милиони Авганистанци пред неговиот крај во 1989 година, забрзувајќи го распадот на Советскиот Сојуз.
Сега, Михњик се надева дека рускиот пораз во Украина би можел да биде искра за разгорување на демократските промени во Русија.
„Русија направи лош избор. Но, ние имаме надеж дека промените се сè уште можни. Јас нема да доживеам да го видам тоа, но мојот син ќе го доживее и ќе дојде нов бран“, вели полскиот историчар и новинар Адам Михњик во интервјуто за Радио Слободна Европа.