Од 5 денари до 107 денари се движеле цените по кои различни институции набавувале една заштитна маска од понизок квалитет. Најефтиниот мантил чинел 20 денари додека најскапиот институциите го плаќале и по 2 илјади денари покажува последниот ревизорски извештај за набавките спроведени во време на пандемијата.
Средствата за дезинфекција некои институции го плаќале по 42 денари за литар, но некои тоа го купувале и 10 пати поскапо. Слична е ситуацијата и со скафандерите, најефтиниот набавен чинел 140 денари парче, додека најскапиот набавен чинел 1364 денари по парче. Разликата во цената на брзите тестовите за откривање на ковид-19 се движела од 440 денари најефтиниот до 3000 денари најскапиот во периодот од март до јули, а во наредните три месеци најскапата цена паднала на 1500 денари, покажува чешлањето на тендерите кое го извршил државниот ревизор.
Видете и ова: Малку фирми добиваат многу општински тендериВо анализираниот период од лани март до февруари годинава 19 институции потрошиле 8,2 милиони евра за набавка на заштитна опрема. Од Антикорупциска комисија за Радио Слободна Европа велат дека ќе го разгледуваат ревизорскиот извештај за јавните набавки во време на пандемија.
Претседателката на Транспаренси Интернешнл Слаѓана Тасева вели дека треба добро да се проучи заклучокот на државниот завод за ревизија поради можната злоупотреба на јавните набавки во време на пандемијата, затоа што сите се повикуваа на ставката „итност“. Таа додава дека во овие набавки постои висок ризик од корупција и дека разликите во цените на производите набавувани од институциите укажува и на еден вид профитерство.
„Секако дека укажува на профитерство, но укажува и на неорганизираност на државата. Ние немаме и не успеавме и во таква ситуација да се организираме за централизирано набавување на таков вид на опрема со што ќе се обезбедеше и воедначеност на цените и поголема транспарентност. Но, мислам дека имаше такви ситуации во кои се исползуваа проблемите кои настанаа од ковидот, со стекнување на бенефити кои дури може да се наведат како профитерство. Тоа верувам дека и во рамки на логиката на бизнисот, па и во таа логика има некакви параметри“, вели Тасева.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Минатогодишното прогласување на пандемија со ковид -19 им ја отвори вратата на институцииите за спроведување на јавни набавки во четири очи. Под закрила на „итно“ вкупно 88 проценти од анализираните јавни набавки во периодот од март до ноември лани биле склучени со преговарање без оглас, а понекогаш и само со еден понудувач. Ова го покажува последниот извештај на државниот ревизор кој ги чешлаше тендерите на институциите во вонредната состојба предизвикана од здравствената криза со ковид-19.
Како што се вели во извештајот, причина за тоа е отсуство на дефинирани критериуми за „итност“ на набавки во време на вонредна состојба при што не не може да се потврди во целост оправданоста на итноста на дел од постапките.
Во 2020 година, во директни преговори и без објавување оглас, склучени се 379 договори, во вкупна вредност од 38 милиони евра, покажуваат податоците на Центарот за граѓански комуникации.
„Динамиката на склучување ваков вид договори била понагласена во второто полугодие од 2020 година, па наспроти вредноста на договорите од првото полугодие од годината од 11 милиони евра, во второто полугодие тие изнесуваат 27 милиони евра“се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Државниот ревизор смета дека таквиот пристап не овозможува вистинска конкуренција помеѓу економските оператори, и забележува дека во речиси секој тендер постои прекршување на одреден член од законот за јавни набавки.
„Дополнително, договорните органи спроведувале јавни набавки од крајна итност и во период кога можело да биде спроведена редовна постапка за јавна набавка,“ се вели во извештајот на државниот ревизор.
За време на пандемијата била набавувана и заштитна опрема за која постои ризик дека не поседува карактеристики и квалитет за соодветна заштита и превенција во работните процеси кои се одвиваат во време на пандемија.
Ревизорот вели дека е потребно подобрување на транспарентноста, отчетноста и законитоста во планирањето, спроведувањето и реализацијата на постапките за јавни набавки за превенција и заштита од корона вирусот. Во основните препораки е наведено дека Владата треба да ги доуреди законите со кои се дефинираат видот на набавките но и итноста во набавките во време на вонредна или кризна состојба, потоа одговорните за набавки да навремено да планираат и да ги прецизираат набавките со цел да има простор за конкурентност на пазарот.
„Проценетите вредности на набавките најчесто биле превисоки поради несоодветно планирање на количини и можни цени на стоките предмет на набавка, а поради отсуство на добиени понуди има случаи и на поништување на постапките. Слабостите во планирањето влијаат врз непреченото функционирање на институциите, извршување на нивните надлежности и задоволување на вистинските потреби како и обезбедување на конкуренција“, се вели во извештајот.
- Семејна фирма на вработени во РЕК Битола со години добива тендери
- Милионска опрема за третман на рак со години фаќа прашина во магацин
Ревизорот бара од Владата да донесе подзаконски акт со кој ќе се утврди индикативен список на стоки, услуги и работи кои може да се набавуваат како и ограничување на маржите во време на вонредна/кризна состојба.
Центарот за граѓански комуникации во нивните редовни истражувања на тендерите забележале загрижувачки тренд во изминатата година на поништување на тендери како и искучување на понуди добиени на тендери. Според нивното истражување Две третини од одлуките за поништување биле донесени со образложение дека не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда. Оваа состојба укажува дека изостанува посакуваната конкуренција во тендерите и причините секако треба да се бараат во начинот на којшто тие се спроведуваат и зошто делуваат дестимулативно за потенцијалните понудувачи.
Во второто полугодие од 2020 година целосно или делумно се поништени дури 4.112 тендери, што е 39 % од објавените огласи во истиот период. За споредба, во истиот период претходната година (јули – декември 2019 г.) биле поништени 27 %.