Блокади низ целата држава од утре со почетокот во 13 часот, беа најавени вечерва од протестот пред Собранието со кој веќе шести ден се бара отфрлање на францускиот предлог за кревање на бугарското вето и деблокада на македонските евроинтеграции.
На протестот, кој засега се одвива мирно и без инциденти, учесниците побараа оставки од Владата која, како што рекоа, ја доставила срамната преговарачка рамка до Собранието.
Тие им порачаа на лидерите на опозициските партии дека тие се последниот бедем на македонскиот народ и државност, а собраниот народ на протестот ќе биде нивна заштита и ќе ги поддржи да опстојат за да нема никаква промена на Уставот која ќе ги земе предвид бугарските барања.
Протестниот марш почна пред владината зграда и продолжи кон Министерството за правда, каде дел од граѓаните симболично положија бели ружи пред полицајците кои ја обезбедуваат зградата.
Потоа учесниците се упатија пред зградата на Собранието, каде доцна попладне Владата ја испрати предлог преговарачката рамка, но седница не е закажана.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред стартот на протестот порача дека нема да наседнуваат на провокациии, истакнувајќи дека силата е во масовноста, а не во насилството.
По пристигнувањето на предлог преговарачката рамка во Собранието Мицкоски порача дека Владата „се плаши самата да донесе одлука и тежиштето го префрла во Парламентот, нагласувајќи дека ВМРО ДПМНЕ нема да поддржи какви било уставни измени.
„Македонската јавност да биде сигурна дека што и да се случува понатаму со ова национално предавство и катастрофа која што ја подготвува Владата на СДСМ и ДУИ, ВМРО ДПМНЕ во Парламентот тоа нема да го прифати. За тоа се потребни 80 пратеника, бидете сигурни дека тие 80 пратеника ги немаат и тоа треба на сите да им е јасно и во Македонија и надвор од Македонија“, рече Мицкоски.
Непосредно пред почетокот на протестот и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски повика на свесност и одговорност на протестите.
„Очекувам сите политички партии да бидат на ниво на својата одговорност и да повикаат на мирни протести. Заеднички да го сочуваме достоинството на нацијата, а притоа да се спречат немири кои би значеле нови поделби на штета на граѓаните и државата“, апелираше Спасовски.
Во меѓувреме МВР информираше дека поднело кривични пријави до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје за двајца демонстранти на протестите против францускиот предлог. Двајцата се пријавени за делото учество во толпа што ќе изврши кривично дело.
СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје пак поднесе кривична пријава по брза постапка за кривично дело „предизвикување општа опасност“, против лицето кое на вчерашните протести пукаше на плоштадот Скендербег.
Францускиот предлог стигна во Собрание, седница вечерва нема да има
Во неговиот апел до граѓаните и политичките партии кои сакаат да го искажат своето право на протест, Спасовски побара тоа да го сторат на начин преку кој ќе демонстрираат демократски капацитет, со должно почитување на законските одредби за јавни собири, како и почит кон должноста на полициските службеници во обезбедувањето на мирот и стабилноста.
Попладнево пак Владата ја разгледа информацијата од Министерството за надворешни работи, за предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со ЕУ, претставена од Француското претседателство со Европската Унија, како и ја проследи до Собранието на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно собраниските процедури.
Од Собранието потврдија дека е доставена предлог преговарачката рамка и оти материјалот ќе биде доставен до пратениците, но дека седница за оваа точка не е закажана за вечерва.
Претходните два дена протестите ескалираа при што имаше повеќе повредени полицајци и приведени демонстранти. Ова е шестти ден како граѓани протестираат против прифаќањето на францускиот предлог.