Проектот Мој ДДВ, повеќе забавен од ефикасен

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Граѓаните велат дека некои сметки не може да се скенираат

За двојно е зголемен бројот на пријави за неиздавање фискални сметки. Граѓаните се жалат дека дел од сметките не може да се скенираат со апликацијата МојДДВ. Други, пак, велат дека додека некој скенира сметки, други рекетираат милиони.

Откако почна проектот за поврат на 15 отсто од ДДВ-то за граѓаните, бројот на пријави за неиздавање на фискални сметки е зголемен за повеќе од два пати. Во УЈП велат дека од почетокот на овој месец, кога почна проектот Мој ДДВ, има 156 пријави за неиздавање на фискални сметки, додека во јули минатата година имало 77. Дополнително, за 15 отсто е намален бројот на сторнирани сметки месецов, во споредба со истиот месец минатата година. Токму претворањето на граѓаните во инспектори кои ќе инсистираат на издавање на фискални сметки беше една од целите на проектот.

Видете и ова: „Мој ДДВ“ нема да ги чита сметките без бар код

Економскиот консултант Горан Рафајловски го оценува проектот како забавен, но ништо повеќе од тоа. Ова нема драстично да влијае да надминување на сивата економија, вели тој.

„Дека ќе помогне малку, ќе помогне малку, ама дека драматично ќе ја смени ситуацијата, нема. Ако сакате да ја намалите сивата економија, си има надлежни органи, има УЈП, имате инспекциски органи... Кога тие би си ја вршеле вистински работата на територијата на цела Македонија, да не се правиме глупави каде сè не се плаќа, тогаш нема никаква потреба од вакви дополнителни моменти со коишто се смета дека ќе се помогне. Ако инспекциските органи си ја вршат својата работа, драматично ќе се смени приливот на ДДВ во Македонија, кога не би имало зони на не контролирање или не смеење да се контролира“, вели тој.

Рафајловски посочува дека е неопходна едукација на граѓаните дека мора да се издаваат фискални сметки, но за тоа се потребни години работа.

Според податоците од УЈП од 28 јули, апликацијата МојДДВ ја користат 140 илјади граѓани. Заклучно со овој датум, преку апликацијата МојДДВ биле скенирани скоро 6,5 милиони фискални сметки на кои е регистриран промет над 53 милиони евра. На тие пари е платен ДДВ од 5,7 милиони евра, од коишто кај граѓаните ќе се вратат над 850 илјади евра.

Ова сепак е многу помалку од очекувањата кои ги најави премиерот Зоран Заев при презентирањето на проектот. Тој рече дека на овој начин кај граѓаните ќе може да се вратат до 50 милиони евра годишно, но ако продолжи сегашната динамика, во џебовите на граѓаните ќе завршат пет пати помалку пари. Во УЈП, пак, велат дека ова е само прв месец од проектот и податоците секојдневно се менуваат, па затоа е „неблагодарно да шпекулираме со износот на поврат“ до крајот на годината.

Рафајловски вели дека тоа е реалната ситуација, затоа што граѓаните најголем дел од своите приходи ги трошат на храна, каде што ДДВ-то е 5 отсто, а 15 отсто од тие пари е помалку од 1 процент.

Видете и ова: Граѓаните во улога на инспектори за ситни пари од ДДВ-то

„Народот треба да ни се збогати за да може да има поголем поврат на ДДВ. Кога 70 проценти од буџетот ви оди на прехрана, што ќе вратите од ДДВ“, прашува тој.

Граѓаните што ги анкетиравме во центарот на Скопје се жалат на лош квалитет на фискалните сметки кои не може да се скенираат.

„Па не, видете, додека некој скенира сметки, некој друг рекетира, така што не гледам логика во тоа.“

„Не функционира. Јас го користам ама повеќето фискални сметки не може да се скенираат.“

„Има некои сметки потешко се скенираат, тоа е единствен проблем, друго не. Не знам дали се оштетени фискалните, па не се скенираат.“

„Ако веќе сакаат да ни го вратат ДДВ-то, при купување веднаш нека ни скинат 10 отсто или колку треба, нека ти наплатат помалку и ќе ти го вратат“, велат анкетираните граѓани.

Во УЈП велат дека има поплаки за бледи фискални кои не може да се скенираат и апелираат до фирмите да ги сервисираат фискалните апарати, што е и нивна законска обврска.

„Според последните информации дел од маркетите веќе ги сервисирале своите фискални апарати и очекуваме многу наскоро овој проблем целосно да биде надминат“, велат во УЈП и посочуваат дека граѓаните на кои им се издадени вакви фискални сметки, може да се обратат до Организационите единици на Управата за јавни приходи, каде што службени лица прават рачен внес на податоците од фискалната сметка.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира дека се работи за популистичка мерка од која корист ќе имаат најбогатите. Според нив, најголем дел од граѓаните со оваа мерка ќе може да си вратат по 156 денари месечно или 1872 денари годишно. СДСМ, пак, одговори дека проектот дава одлични резултати и дека „за првпат државата враќа пари директно кај граѓаните“.